24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФати воз, качи се на авион!

Фати воз, качи се на авион!

На аеродромот во Скопје, освен со автомобил или со автобус да се стасува и со воз. Оваа идеа повторно ја актуелизира новото раководство на Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура. Во моментов се подготвува идејно решение, а според надлежните ќе бидат потребни најмалку осум километри пруга, и една железничка станица. Со се експропријацијата проектот ќе тежи околу десет милиони евра.

Според информациите до кои дојде Денар почетокот на градбата на пругата кон скопскиот аеродром е предвиден за почетокот на 2022 година. Новиот директор на државната фирма Хари Локвенец, вели, потребно е да се направат подготвителни работи, водејќи сметка дека во овој момент проектот е во фаза на идејно решение, а тоа според него подразбира дека треба да се искомуницираат сите засегнати страни кои се поврзани со овој проект, од типот на ТАВ Македонија, Македонска навигација, Македонската агенција за цивилно воздухопловство, Македонската армија и Министерството за одбрана, Општина Илинден. И на крај да треба да се усогласи трасата која според мерливи критериуми во овој момент се креира во Македонски железници инфраструктура.

„Патниците до аеродромот во Скопје ќе може да стасаат по постојната железничка пруга, која е дел и од коридорот осум но и од коридорот десет, помеѓу централната железничка станица Скопје и станицата во општина Илинден. Од станицата во Општина Илинден се извлекува нов крак кој би требало да стигне до аеродромот во Скопје во должина од прилика од осум километри. Инаку, практично ако се гледа, на прв поглед изгледа полесно и пократко ако се поврземе на отворена пруга паралелно со аеродромот во Скопје. Меѓутоа, правилата на Mеѓународната транспортна заедница подразбираат дека исклучување мора да има од железничка станица, а не на отворена пруга, само со свртница. Тоа е причината зошто тие правила и прописи се причина зошто можеби оваа пруга ќе биде подолга неколку километри, меѓутоа ќе ги задржиме и почитуваме сите меѓународни стандарди за таа пруга да го има својството на коридор“, вели директорот на МЖ Инфраструктура Хари Локвенец.

Според Локвенец, поголем дел од парите предвидени за овој проект ќе бидат наменети за експропријација, иако неофицијално ќе бидат потрбни најмалку десет милиони евра за изградба на пруга во должина од осум километри и една нова железничка станица која ќе води кон скопскиот аеродром. Па затоа надлежните напоменуваат дека, покрај задоволување на критериумите за железнички сообраќај ќе се настојува  да се одбере трасата која ќе подразбира најмалку експропријација на терен и која овие трошоци ќе ги сведе на минимун.

„Идејата за овој проект доаѓа од самата потреба на граѓаните но и од бенефит анализата која вели дека ваков проект е исплатлив само со минимун два милиони патници на аеродромот на годишно ниво. А ние таков број имаме пред кризата и очекувам дека во брзо време истиот ќе се врати, но и ќе се зголеми, и тоа е доволна причина да размислуваме за еден ваков инфраструктурен проект. Од друга страна искуствата на големите европски и светски метрополи покажуваат дека еден од основните предуслови за понуда на квалитетен живот на граѓаните претставува и железничкиот сообраќај, односно поврзување на градот со аеродромите по железнички пат“, додава Локвенец.

 Со оглед на големината на проектот се предвидува да се распише меѓународен тендер на кој според надлежните се очекува дека ќе се пријават еминентни светски компании, меѓутоа исто така се очекува дека со искуството од минатото да има и македонски компании кои би можеле да се пријават со својот капацитет и квалитет за изградба на ваков инфраструктурен зафат. Според информациите, доколку догодина започне да се реализира изградбата на пруга до аеродромот во Скопје, во 2023 година треба да се заокружи целиот план и оваа услуга да биде на располагање на граѓаните не само од земјава, туку и за сите оние кои ќе сакаат по железнички пат да стасаат до аеродромот. Предвидувањата се дека не само што трошоците за патување од ценатрот на градот до аеродромот ќе се намалат за четири пати, туку и времето на патување ќе се преполови.

Овој проект железничко поврзување на главниот град до аеродромот е и дел од програмата на владата за периодот од 2020 – 2024 година. Инаку, во минатото постоела пруга која ги поврзувала воениот  аеродром Петровец со главниот град и со Куманово, и тоа се до 1980 година, но по таа желеничка делница се  пренесувало гориво за авионите, но никогаш не се пренесувале патници. Пред неколку години овој проект беше и дел од Националната транспортна стратегија за периодот 2018-2030 година со која се предвидуваше и директна железничка линија од Скопје до аеродромот. Тогашните предвидувања беа дека ќе бидат потребни околу 30 милиони евра за реализација на овој проект.

Инаку, во почетна фаза е проектот на Европската транспортна заедница кој би се финансирал со европски пари за реконструкција на  36 железнички станици. Реконструкцијата би започнала во периодот што следи. Во овој момент се реконструирани 10 железнички станици на коридорот 10, тргнувајќи од Табановце до Гевгелија и на коридорот 10 Д од Велес до Битола.  

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП