Повторното зголемување на акцизата на нафтени деривати за 3 денари предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Граѓаните го изразуваат незадоволство од одлуката на политичарите да продолжат да плаќаат повисоки цени за нафта и нафтени деривати. Со свои реакции излегоа и бизнисмените, а жестоки критики изразија транспортерите кои се најзасегнати од оваа мерка. Зголемената акциза беше доволна причина за уште една преписка помеѓу власта и опозицијата.
Во време на криза која се повеќе се продлабочува, а крајот е неизвесен за граѓаните и стопанството,потребна е безусловна помош и поддршка, а не зголемување на трошоците преку повисоки давачки за акцизи. Ова е ставот на бизнисмените од Сојузот на стопански комори. Нивните пресметки алармираат дека зголемувањето на цените на енергенсите претставува висок ризик за предизвикување на нови ценовни шокови и реперкусии. Додаваат дека ова зголемување не само што наштетува на граѓаните, туку директно влијае и врз работата на малите и средни компании, кои пак се најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата. А тие се над 99 отсто од регистрираните субјекти во приватниот сектор.
„Добро ќе беше ваква ефикасност за носење на измените на Законот за акцизи и промена на цените од страна на Регулаторната комисија за енергетика да видевме и за имплементација на петтиот пакет на економски мерки. Одржувањето во живот на реалниот сектор и зачувување на работните места нема да се постигне со зголемување на акцизите сред криза, а преку тоа и на цените воопшто со цел полнење на буџетот, туку преку обезбедување на институционална финансиска поддршка“, велат за Денар од ССК.
Денар побара став и од најзасегнатите, Здружението на транспортери Макам-транс. Од таму велат дека превозните трговски друштва својот став во однос на зголемената акција го искажаа минатата година со големиот протест кој се случи во Скопје, каде присуствуваа над двеста превозни трговски друштва. Во услови на пандемија велат, кога сите се соочуваат со тековна неликвидност и борба да се опстане на европскиот транспортен пазар, усвојувањето на зголемената акцизата како трајна одредба во Законот значи зголемување на трошоците на превозот и негативни ефекти за сите превозници, но и за сите други стопанственици и населението воопшто.
„Акцизата беше и е дирекно зголемување на трошоците на превозниците поради фактот што нафтата е погонско гориво кое има најголем удел во калкулацијата на еден превоз, од една страна, а од друга страна фактот дека во државите членки на ЕУ и во Србија во Закон за акцизи има воспоставено систем за делумно враќање на акциза на превозниците во патниот сообраќај, а во нашиот закон нема, е уште еден негативен елемент кој не придонесува за подобра конкурентност на транспортниот пазар низ цела Европа. Додека сите други превозници можат да бараат поврат на дел од акцизата од сите држави кои го имаат усогласено националното законодавство со член 7 од Директивата 2003/96 / ЕЗ која стана оператива во сите држави од ЕУ од 01.01.2013 година постои воспоставен реципроцитет за враќање на дел од акцизата на сите оние кои вршат комерцијален превоз на стока и патници , без разлика во која држава наполниле гориво во своите возила“, велат од Макам-транс.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека тие само вршат усогласување со законската одлука. Регулаторната комисија информираше дека промената на Одлуката од 5 април 2021 година за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт е донесена согласно измените на Законот за акцизите што го донесе Собранието.
„Одлуката доаѓа откако Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акцизите. РКЕ практично изврши усогласување на Одлуката со Законот што е на сила и сега малопродажната цена на екстра лесното масло за горење е изедначена со дизел горивото. Цените на нафтените деривати се прилагодени согласно новите износи на акцизите“, велат од РКЕ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека како што велат, само на ваков начин власта може да ја полни државната каса.
„Шверцерска одлука на РКЕ, на еден час пред полициски час бензините поскапени за 3 денари. Ова е второ покачување на цените на горивата оваа недела, откако на 5 април беа веќе еднаш покачени. Ова е 4 денари покачување за една недела. Ова е преседан и сигнализира дека власта незнае како да го полни буџетот па удира по народот. Партиската испостава на Заев, која го регулира енергетскиот пазар ги покачи цените на горивата во сред недела, на само еден час пред почеток на полициски час. Граѓаните брзаат кон бензинските и се создаваат колони со возила“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувањата од страна на граѓаните, бизнис заедницата и дел од опозицијата не ги премисли властите да се откажат од покачената акциза на горивата. Објаснувањето на Владата за ваквиот потег е дека тоа е за да се ублажуват економските последици од зголемените трошоци за справување со корона кризата и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, имајќи ги во предвид и економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот.
И.П