29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДел од општините подготвени за гасификација, најдоцна до почетокот на 2022 гасот...

Дел од општините подготвени за гасификација, најдоцна до почетокот на 2022 гасот ќе стигне до крајните потрошувачи?!

Општините во полна пареа работат на проектирање на трасите за гасификација. Неколку локални самоуправи веќе си ја завршија домашната задача и сега чекаат да биде избрана компанијата која ќе го добие бизнисот за дистрибуција на природниот гас до крајните потрошувачи. Во меѓувреме, се гради и примарната мрежа која треба да се спои со секундарната во општините. Приоритет за гасифицирање ќе добијат големите индустриски капацитети, болниците, градинките, училиштата, универзитетите, па потоа населените места во кои граѓаните го користат огревното дрво како енергенс за затоплување. Во домовите пак граѓаните ќе треба да набават апарати кои функционираат на природен гас. За оваа намена државата веќе најави дека ќе следуваат субвенции.

Информациите од терен велат дека гасификацијата се уште се реализира во два сегмента и тоа примарна и секундарна гасификација. За појаснување, примарната гасификација опфаќа изградба на магистрални високопритисни гасоводи чија траса од една страна е од Скопје преку Штип, Неготино, и оди кон Битола, односно кон истокот на земјава. Втората траса пак е во западниот дел на Македонија. Од главниот град преку Тетово и Гостивар. Секундарната гасигикација има за цел да го донесе гасот до секое домаќинство во државата, и за тоа во тек е тендерска постапка за избор на фирма која ќе треба да ја добие таа работа. Станува збор за избор помеѓу две големи компании од Турција. Процесот ќе биде реализиран преку Јавно приватно партнерство, а компанијата добитник на тендерот ќе треба да го финансира, проектира, изгради и да управува со гасоводот. Дополнително, потоа компанијата ќе има обврска и да ја одржува и развива дистрибутивната мрежа на природен гас на цела територија на Македонија. Носител на постапката за избор на фирма е Владата, односно Министерството за економија. Која компанија ќе го добие бизнисот ќе одлучи комисија составена од експерти и претставници на повеќе државни институции.

Според надлежните, гасификацијата нема да се одвива со исто темпо во сите општини низ државата. Планот е процесот во Скопје да започне од периферниот дел на градот и да се движи гасификацијата кон центарот на главниот град, бидејќи во Скопје има и друга алтернатива за користење на друг енергенс. Во Скопје има топлани, а според надлежните тие не треба да бидат ставени под притисок на алтернативата за гас. Затоа физибилити студијата предвидува во Скопје да се почне од приградските средини и да се движи мрежата кон центарот на градот. Ова е поради процесот на елиминирање на евентуалните загадувачи кои користат огревно дрво или некој друг енергенс кој е штетен на воздухот. Но првиот човек на НЕР Бајрам Реџепи за Денар вели, доколку се земат Битола, Прилеп, Тетово, Гостивар, први кои ќе се приклучат ќе бидат индустриските објекти, големите потрошувачи, универзитетите, болниците, и сличните објекти.

„Има неколку општини кои веќе ги имаат проектирано трасите во рамките на државата. Тоа се Крива Паланка и Куманово, ми се чини дека и Штип веќе има проект, а пак Тетово е на самиот крај на проектирањето на трасата. И со тоа доколку успееме да направиме договор со компанија до третото тромесечие, или на почетокот на четвртиот квартал годинава операторот за дистрибуција би можел да соработува со општините. Односно, да им ги купи проектите и да започне со изградба веднаш. Во идеална ситуација, ако се оди по планот, можно е на крајот на годинава да ги имаме првите приклучоци од операторот за дистрибуција. Но сигурно е дека следната година ќе имаме масовна изградба и масовни приклучоци на целата траса“, вели Бајрам Реџепи директор на Национални енергетски ресурси.

Според експертите, гасификацијата на земјава и користењето на овој енергенс се очекува да донесе пониски сметки за користење на енергија во домаќинствата. Природниот гас важи за економски конкурентен и еколошки најподобен енергенс, и што е многу битно ќе овозможи и намалување на загаденоста на воздухот. Од Регулаторната комисија за енергетика за Денар велат дека гасификацијата несомнено ќе ја зголеми сигурноста во снабдувањето со енергија и освен електрична енергија на домаќинствата ќе им биде достапен и гасот за користење. Но за подобра подготовка за целосна гасификација регулаторот Марко Бислимовски вели дека ќе мора да се работи и на едукација на населението и институциите, исклучително важно е да се почитуваат мерките за безбедност при користење на природниот гас.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во процесот на гасификација во своја надлежност, согласно Законот за енергетика, ги има: издавањето на лиценци за вршење на енергетските дејности пренос, дистрибуција, трговија и снабдување со природен гас, како и  определувањето на тарифи за услугите пренос и дистрибуција на природен гас.  За да домаќинствата користат природен гас ќе треба најпрво да се приклучат на дистрибутивната гасоводна мрежа, потоа да изградат внатрешна гасна инсталација и да набават уреди за користење на природниот гас, односно шпорет на природен гас и бојлер на природен гас за задоволување потребите за греење и за санитарна топла вода“, вели Марко Бислимовски, Претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Според условите кои ќе ги има компанијата добитник на тендерот, во следните четири години во урбаните средини да изгради 50 отсто од предвидената траса, а пак во руралните места 20 отсто од планираната мрежа. Според планот сите општини треба да се деклариираат дали ќе имаат партнерство или ќе ја продадат инфраструктурата на идниот оператор, или пак ќе продолжат да ја развиваат мрежата за дистрибуција. Што се однесува до обврската за граѓаните, надлежните велат дека оние домаќинства кои не користат парно ќе треба да направат инсталација за гасифицирање на објектот. Дополнително, за сите важи дека  ќе треба да купат шпорет на гас, бојлер на гас. Целокупната инвестиција во еден дом би можела да достигне до 1500 евра, но според најавите државата ќе покрие добар дел од средствата. Но и на среден рок оваа инвестиција ќе биде многу брзо исплатена со оглед на фактот што еден киловат гас е четири пати поевтин од еден киловат електрична енергија. Дополнително, очекувањата се дека на глобално ниво во периодот што следи ќе има континуирано намалување на цената на природниот гас.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП