19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Зелени коридори“ на спуштени рампи на границите!

„Зелени коридори“ на спуштени рампи на границите!

Транспортерите бараат побрзо да ги поминуваат границите кога пренесуваат свежа стока и лекови, особено во овие крајно проблематични месеци на пандемија. Не само што е потребно да им се овозможи брз проток во земјите на Европската унија, превозниците обвинуваат дека и покрај договорот за слободна трговија помеѓу земјите од регионот ЦЕФТА, камиони полни со стока со часови, а некогаш и со денови се заглавени на граничните премини на државите од Западен Балкан.

Директорот на Македонската царинска управа Ѓоко Танасоски тврди дека се започнати преговори со Европската Унија, за транспортерите од регионот да може слободно да се движат, без посериозно заглавување низ државите од унијата.Танасоски вели дека е нормално, кога треба да влезете во државите членки на Европската унија да има различна легислатива и различна процедура, а вие да го немате тоа што е основно што треба да биде олеснето од царинската унија. Поради тоа ,Танасоски вели се интезивирани состаноците помеѓу европските и ЦЕФТА секретаријатот и царинските администрации во рамките на ЦЕФТА.

„Веќе имавме три состаноци по Берлинскиот процес каде се донесе заклучок за проширување на овие зелени коридори така да очекуваме многу брзо да имаме резултати во контекст на проширување на тие зелени коридори. За нас како држава е клучно да извршиме реконструкција на Деве Баир, на Ќафасан и на Делчево, каде што ќе ги прошириме со дополнителни ленти кои едноставно тие ќе станат приоритетни ленти за проток на стока. Да бидеме искрени, Европската унија очекува на стоката. Доволно е на еден граничен премин на пример на Табановце да поминуваат камионите најбрзо што можат. Еве пример, да дојдемо до Хрватска да нема чекање како што има во минатото од 24 до 48 часа”, вели Ѓоко Танасоски директор на Македонската царина. 

Според препораките на Светската Царинска Организација застој не смее да има на возила кои превезуваат жива стока, стока во свежа состојба, стока која според сертификацијата е опасна и се разбира во овој период лекови, средства за заштита на населението и средства за дезинфекција. За жал сите овие возила со години па и сега во услови на Ковид-19 чекаат ред за да поминат одреден граничен премин на територија на земјите членки на ЦЕФТА, но и при влез на територија на државите членки на ЕУ.

„Границите, особено меѓу државите од Западен Балкан се основната пречка за побрз проток на стока, а со цел да се надмине овој проблем прво се воспостави зелен коридор на териотрија на нашата држава уште пред повеќе години на инсистирање на Асоцијација Макам-транс, а со спојување на граничниот премин меѓу Македонија и Србија, нашата Царинска Управа и Координативниот центар за погранично управување успеаа да се изборат за воспоставување на зелен коридор меѓу двете држави. Во период на пандемија се почуствува уште повеќе потребата за воспоставување на зелен коридор особено што границите почнуваат и завршуваат со држави членки на ЕУ и возилата чекаат за да ги поминат и да стасаат до транспортниот пазар на ЕУ или да се вратат во сопствената држава“, вели за Денар Билјана Муратовска од Макамтранс.

Според неа последна иницијатива на европската комисија, земјите членки на ЦЕФТА е да се воспостави координација со петте земји членки на ЕУ кои се во овој регион, Хрватска, Унгарија, Бугарија, Романија, Грција. Целта е подобрување на функционирањето на зелените ленти на територијата на земјите членки на ЦЕФТА, а особено на најфрекфентрните гранични премини а тоа се :

Богородица / Евзони (Р.С.Македонија / Р.Грција);

Табановце / Прешево (Р.С.Македонија / Р.Србија);

Батровци / Бајаково  (Р.Србија / Р.Хрватска) и

Хоргош / Рошке (Р.Србија / Р.Унгарија)

 Но планорт е истота да важи и за другите гранични премини кои се поврзани со Романија и Бугарија како членки на ЕУ и соседи на државите членки на ЦЕФТА.

Муратовска додава дека, основно правило во превозот на стока е брзо и безбедно да се превезе стоката од една до друга држава. Без да се губи време за поминување на граѓчните премини кои пак на територија на Западен Балкан ги има многу. Со воспоставување на зелените коридори во наведените држави членки на Европската унија, за 50 насто ќе се забрза протокот на стоки, затоа што информацијата за кое возило или стока ќе поминува на зелениот коридор треба да започнува и завршува во држава членка на ЕУ, за да се избегне било какво задржување на возилата и на влезните и на излезните гранични линии на овие држави. Најавата е дека автоматски со ова би се овозможило и побрз проток и на другите видови на стока, коментираат добро упатените. Но за да се има целосен успех во овој проект транспортерите напоменуваат дека мора сите држави да се изборат и да изградат минимум по една дополнителна лента наменета за зелен коридор на секој граничен премин.

„Наш предлог доставен до Царинската управа е, Секретаријатот на транспортната заедница заедно со Секретаријатот на ЦЕФТА треба да изработат Протокол за постапување на граничната полиција кај која треба да стасува унифицирана апликација со потребни информации за возилото и стоката која се превезува или да се направи мобилна алатка за мобилните телефони на која јасно ќе се покаже код или друга информација дека апликацијата е прифатена и тоа возило може да се движи по зелена лента. На секој граничен премин треба да има поставено табли со јасни инструкции на која лента треба да поминуваат возилата, односно која е зелена лента, со што навреме ќе се издвојуваат од колоната возила и ќе се упатуваат на овие ленти. Потребно е веднаш да се пристапи и кон договори за изградба на дополнителни ленти на граничните премини затоа што постојат долги години преговори и најава за изградба на истите (Србија, Хрватска и Унгарија), а за сите останати да се даде напатствија за преземање соодветни мерки за проширување на граничните премини и воспоставување на „one stop shop“ систем со што ќе се намали за сите возила периодот на чекања поради дуплите контроли кои постојат. Најбитно од се е во секоја држава да се одреди контролен орган кој ќе го следи исполнувањето на пропишаните протоколи за користење на зелена лента”, додава Муратовска.

Инаку, во контекст на Протоколот шест кој се ратификува во земјите членки на ЦЕФТА за либерализација на услугите треба да се покрене прашање за слободниот превоз на стока, кој исто така е услуга и е потребно да се воспостави целосна либерализација на сите видови на превоз како билатерален транзитен и за од трета земја сметаат транспортерите.

Податоците од терен велат дека превозот на стока на територијата на Европа се одвива согласно воспоставената размена на стоки меѓу државите и постепеното заживување на целото стопанство во услови на пандемија. Анкетите кои редовно се вршат помеѓу превозниците покажуваат дека полека се зголемува бројот на превози и во овој период е многу подобро во споредба со условите кои беа во првите три месеци од прогласувањето на пандемијата. Тоа е сигнал за постепено заживување на дејноста превоз на стока.

А во услови на здравствена криза членките на ЦЕФТА каде членува и Македонија имаат заложби за постепено воведување на либерализацијата на услугите односно во превозот преку најавите за проектот „Мини шенген“ што би требало да значи спојување на еден пазар и можност за слободно движење на стока и патници на територијата на Западен Балкан во кој се вбројува и Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП