25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 28.000 граѓани чуваат 2,1 милијарди евра во банка, но на книшки...

Над 28.000 граѓани чуваат 2,1 милијарди евра во банка, но на книшки „потешки“ од 30.000 евра

Над 4,6 милијарди евра се заштедите кои македонските граѓани ги чуваат на книшка во банка или штедилница, покажува статистиката на Фондот за осигурување  на депозитите заклучно со крајот на минатат година. Но дури 2 милијарди 133 милиони евра биле на контото на 28.149 штедачи кои на книшките имале депозити над 30.000 евра. Податоците говорат дека кај останатите над 2 милиони 765 илјади  штедачи, имало 2 милијарди 477 милиони евра, во заштеди пониски од 30.000 евра.

Износите до 30.000 евра се осигурани и законски се обештетуват од државата доколку пропадне банката или штедилницата, додека пак „висат“ износите над 30.000 евра. Таков беше случајот со пропаѓањето на Еуростандард банката, каде 708 штедачи заглавија со износи над 30.000 евра кои законски се исплатуваат до овој износ, а остатокот е на чекање ако останат пари од стечајната маса.

Овие податоци варираат низ годините, но статистиката покажува дека расте и бројот и сумата кои во банка и штедилница ги чуваат поимотните македонски граѓани, кои имаат заштеди над 30.000 евра. Па така за само една година бројот на лицата со поголеми заштеди од 30.000 евра пораснал за 2.494 лица, а сумата на нивните сметки за речиси 150 милиони евра. Па така во четвртиот квартал на 2018 година имало 25.655 лица со заштеди поголеми од 30.000 евра, а сумата која ја имале на книшки тогаш била 1 милијарда и 983 милиони евра.

Во просек пак ако оваа сума од над 2, 477 милијарди евра се подели на секој од овие 28.149 лица, излегува дека секој имал по 88.000 евра заштеда во банка или штедилница.

Податоците покажуваат дека е мал бројот на вакви лица кои штедат во штедилници, или на крајот на 2019 година тоа биле само 99 лица кои имале 4,1 милион евра во заштеди поголеми од 30.000 евра.

А од 4, 6 милијарди евра вкупни депозити на граѓаните лани, осигурани биле 3 милијарди 322 милиони евра. Вкупно парични средства кај Фондот за осигурување на депозити биле речиси 283 милиони евра што е 6,12 проценти покриеност.

Но со пропаѓањето на Еуростандард банката годинава останаа заробени речиси 72 милиони евра пари на штедачите кои имале депозити под 30.000 евра. Со порамнувањето пак со тие кои имале и кредитите, оваа сума за исплата од Фондот за осигурување на депозити се намали на 68 милиони евра, од кои голем дел се веќе исплатени.

Фондот за осигурување на депозити, во случај на настанување на ризичен настан врши обесштетување до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент.

Во износот до 30.000 евра предмет на обештетување се и главницата и каматата на сите депозити на кои е имател едно лице депонент во банка на денот на настанување на ризичниот настан.

Се осигуруваат депозитите во денари и девизни средства, вклучувајќи ја и каматата на физичките лица кои се чуваат во банките..

Осигурани се трансакциските сметки, денарските и девизните депозити (штедни книшки), сертификатите за депозити, депозитите врзани за парични картички и девизните приливи на физичките лица.

Депозити кои не се осигурени се тие со привилегирани каматни услови, различни од оние кои се објавени во банката, депозити на членови на органите на управување на банката, роднини од прв степен како и депозити кои се поврзани со трансакции со кои се вршело перење пари, доколку прекршителот е осуден и казната е во сила.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП