29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе крчкаат нови правила, дозвола за градба само доколку објектот се приклучи...

Се крчкаат нови правила, дозвола за градба само доколку објектот се приклучи на системот за парно греење!

Регулаторната комисија за енергетика поднесе барање до Министерството за транспорт и врски со кое се бара да се промени законот за градба и да се земе во предвид кога ќе се издава одобрение за градење точно да биде наведено во самото одобрение за градење, домаќинствата на што ќе се грејат. Исто значи, како што се кажува колку ќе биде висината на еден објект сега да биде јасно наведено во одобрението за градење на што ќе се греат граѓаните.

„Тоа го бараме со цел да се знае точно во кој дел од општината на кој начин ќе биде греењето кај граѓаните. Тоа особено е карактеристично во градот Скопје, бидејќи веќе имаме и развиено инфраструктура за топлинска енергија, и да се знае точно во кои општини ќе се грејат на парно, и исто така како операторот на најефикасен и најоптимален начин да ја развива оваа мрежа за да може да приклучува нови корисници и да создава услови за приклучување на уште повеќе корисници. Исто така, во следните четири-пет години ќе се случи и гасификацијата, со што природниот гас ќе дојде до сите домаќинства. Така да очекуваме на тој начин таму каде што нема можност за топлинска енергија домаќинствата да користат природен гас за греење бидејќи тоа ни е најголемиот проблем и од еколошки аспект и се разбира од енергетски аспект“, изјави за Денар Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија смета дека Предлогот на Регулаторната комисија за енергетика во новиот Закон за градење да се предвидат одредби согласно кои објектите кои се градат треба да бидат приклучени на организиран систем на топлинска енергија онаму каде што има таков систем има основа и треба да биде разгледан од сите засегнати страни. Од Здружението за Денар велат дека во следниот период се планира и одржување заеднички состанок со РКЕ. Градежниците сметаат дека евентуалните измени во оваа насока треба да бидат донесени по претходна консултација со бизнисот и согледување и на европските искуства, а со цел изнаоѓање оптимално решение од интерес и за инвеститорите и за граѓаните.

„Свесни сме дека објектите имаат големо влијание врз долгорочната потрошувачка на енергија, а градежниот сектор е еден од економските сектори каде што потенцијалот за енергетски заштеди е најголем, па оттаму како Здружение сме подготвени да бидеме активни чинители и да придонесеме за креирање на решенија кои ќе помогнат за оптимизирање на потрошувачката на енергија и остварување поголема енергетска ефикасност, што е во насока и на справување со горливите проблеми поврзани со климатските промени и загадувањето“, велат за Денар од Здружението на градежништво.

Контактиравме и со Министерството за транспорт и врски, од каде ни посочија дека детално ќе ги разгледаат предлог законските измени кои до нив ги доставиле од регулаторна. Според информациите кои ги добивме од ресорното министерство овие предложени измени во Законот за градба ќе бидат едни од приоритетните, и на некоја од следните владини седници ќе бидат претставени и разгледани.

Инаку, во Скопје има околу 60 илјади потрошувачи на топлинска енергија, или во проценти според регулаторот тоа е покриеност со парно од околу 30 до 40 отсто од домовите и деловните простории. Проблемите се јавуваат во тие општини каде што има мрежа на топлинска енергија, а има инвеститори кои се противат да инсталираат парно во зградите кои ги градат. И се приклучуваат на дистрибутивната мрежа за електрична енергија. Информациите од терен велат дека постојат случаи каде ново изградени објекти, нови згради кои се на растојание од 300 до 400 метри од топланата Запад во Тафталиџе да не се приклучуваат на овој систем, а тоа според надлежните е неправилно бидејќи треба да се води сметка и за ова, бидејќи и електричната енергија која ја користат овие потрошувачи за греење во најголем дел се произведува во термоелектраните во Битола што влијае на животната средина. Во останатиде градови низ земјава нема развиен систем за топлинска енергија, делумно имаше систем во градот Битола но таа мрежа повеќе не постои. Во останатите градови греењето во наголем дел или е на електрична енергија или на дрва. Има исклучоци во Куманово и во Струмица каде има мал број на домаќинства кои што за греење користат природен гас. Анализата на регулаторната комисија покажува дека за два и пол пати е поевтино греењето на топлинска енергија во однос на греењето на електрична енергија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП