28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорона кризата не ги уплаши граѓаните - кој има штеди, кој нема...

Корона кризата не ги уплаши граѓаните – кој има штеди, кој нема се задолжува – растат и депозитите и кредитите

Корона кризата не ги заплаши граѓаните- кој има штеди во банка, кој нема позајмува од банка. Податоците на Народната банка покажуваат раст и на кредитите и на депозитите. Па така за јуни  на месечна основа е забележан раст на депозитите од 1,4 отсто што се должи на растот на депозитите на двата сектори, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст изнесува 8,4%, при поголем раст на депозитите на домаќинствата.

Вкупните кредити пак во јуни пораснаа за 1,4 отсто, со нешто поизразено учество на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 6,6% и се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Растот на депозитите, според експертите може да сигнализира дека слоевите од населението кои остваруваат повисок доход, не биле значајно погодени од кризата.

Депозитната база остана стабилна и покрај кризата. Во месеците март и април се забележа благо конвертирање на денарските во девизни депозити, меѓутоа тоа беше главно од еднократен карактер. Потоа, депозитите забележуваат понатамошно зголемување, што е многу интересен феномен во услови на криза и опаѓачки каматни стапки. Тоа што се зголемуваат во услови на криза може да се должи на т.н. претпазливо штедење на населението, што беше проследено и со воздржаност од неесенцијална потрошувачка, но може да сигнализира и дека слоевите кои остваруваат повисок доход не биле значајно погодени од кризата. Тоа пак што депозитите се зголемуваат при опаѓачки каматни стапки сметам дека главно се должи на сеуште недоволната свесност на другите форми на штедење во другите видови финансиски институции“, изјави за „Денар“ универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Според Петрески и во однос на кредитите, исто така не се забележуваат особено невообичаени движења.

Како и во периодот пред Ковид-кризата, растот на кредитите кон фирмите е значајно понизок од растот на кредитите кон населението. Интересен е податокот дека растот кон фирмите во јуни 2020 благо забрзал, а кон населението благо забавил, но би било претерано да се извлекуваат некакви заклучоци само врз база на движењата во еден месец. Во време на кризата, немаме значајни зголемувања на нефункционалните кредити, што може да се поврзе со политиката на одлагање на обврските по кредити и за населението и за фирмите во време од 6 месеци, што во принцип беше доброволно, меѓутоа веројатно е дека такво одлагање побарале оние субјекти кои сметале дека имаат поголема веројатност да западнат во потешкотии за отплата“, смета тој.

Податоците на Народната банка покажуваат дека заклучно со јуни граѓаните од банките земале кредити со вкупна вредност од 2,7 милијарди евра. Кредитите на домаќинствата забележаа месечен раст од 1,3%, кој што во најголем дел произлегува од денарските кредити. За една година растот изнесува 8,8%. Граѓаните и во корона кризата не се откажуваат од крупни проекти, како купување на стан или куќа. Пораст има кај станбените и потрошувачките кредити, а пад кај автомобилските кредити.

Автомобилските кредити и натаму бележат месечен и годишен пад од 1,3% и 8,6%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки на месечно ниво се зголемени за 0,2% и 1,3%, соодветно, додека на годишна основа остварија пад од 4,2% и 9,4%.

Во првиот квартал годинава нефункционалните кредити или оние што банките не можеле да си ги наплатат изнесуваат 4,7%.

Околу 70 проценти од граѓаните кои имаат кредити во банките во март решија плаќањето да го одложат за шест месеци. Мораториумот истекува заклучно со септември, а за сега нема договор за ново пролонгирање на плаќањето на ратите.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП