29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААкцизата на горивата од три денари ќе се намали само кога ќе...

Акцизата на горивата од три денари ќе се намали само кога ќе се зголеми малопродажната цена за граѓаните!

Ниската цена на бензините и дизелот на светските берзи ја одржува во живот акцизата од три денари која ја воведе техничката влада во земјава како антикризна мерка на почетокот на пандемијата. Денар ја контактираше Регулаторната комисија за енергетика, и побара одговори до кога граѓаните ќе плаќаат зголемена акциза на горивата. Претседателот на ова регулаторно тело Марко Бислимовски вели, се додека цената на дизелот и бензините на Медитеранската берза не надмине 600 долари за тон, а тоа и би ја зголемило цената и на бензиски пумпи низ земјава граѓаните ќе плаќаат зголемена акциза.

„Согласно уредбата на владата доколку цената на дизелот или бензините на светските берзи изнесува до 390 долари за тон за бензините, а до 400 долари за тон за дизелот, во тој случај акцизата изнесува три денари. Во моментот кога ќе се надминат овие цени од 390 до 600 долари повторно во тој случај акцизата ќе изнесува два денари. Потоа, кога ќе надмине 600 долари повторно се враќа во нормала и ќе биде исто како што била и претходно. Последниот период кој го анализиравме согласно уредбата од 16 јуни до 30 јуни цената на бензините на светските берзи изнесува 378 долари за тон, додека на дизелот 350 долари за тон“, вели Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Од „Илинденска“ на неколку пати излегуваа со уверување до граѓаните дека зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението. Образложението беше дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи предизвикува и големо намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата земја.

„Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот“, изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Предлогот за зголемување на акцизата на горивата до Владата  ја предложи Стопанската комора на Македонија од каде сметаа дека зголемена акциза на нафтените деривати, би овозможила поголеми приходи во државниот буџет. Дополнително, оваа мерка би требало да ги олесни последиците од ефектот на оваа пандемија врз домашната економија, односно преку ваквите промени да се соберат средства за сервисирање на основните јавни функции и да се обезбеди економска поддршка за компаниите кои се погодени од кризата.

Од друга страна, од Сојузот на стопански комори пак не размислуваа така. Ставот на ова бизнис здружение беше дека со повисока акциза на горивата ќе ги зголемат цените на транспортот, како и цената на голем број производи и услуги. Мерката ќе биде во корист на 2-3 фирми, а ќе биде на товар на претприемачите и граѓаните и тоа во време на криза.

Инаку, по серијата турбуленции на малопродажната цена од почетокот на годинава од Регулаторната комисија за енергетика сметаат дека во периодот што следи не се очекуваат значителни поместувања на цените. Според нив цените во моментов се стабилни. Во земјава Регулаторната комисија за енергетика во однос на определувањето на цените на горивата се води по цените на Медитеранската берза. Не само во земјава, сите останати регулаторни тела од регионот ги користат токму тие податоци за движењето на цените на горивата на  Медитеранската берза

„Во овој период стабилизирани се цените на светските берзи, така да очекуваме да нема значителни поместувања на цените на нафтените деривати и ќе се движиме во овие рамки како што ги имаме сега, со мали поместувања или надоле или мали поместувања нагоре. Се разбира во ова време-невреме неблагодарно е да се предвидува какви ќе бидат случувањата, затоа што никој не очекуваше да имаме намалување на цената на бензините и на дизделот во март и април од шест или седум денари, кои историски не се запамтени во нашата држава но сега очекуваме одредена сигурност имајќи во предвид дека и производството на нафтените деривати и производството на рафинериите согласно договорот на ОПЕК и Руската федерација е стабилно и нема драматични промени“, вели Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Инаку, владата предводена од СДСМ имаше намера да ја зголеми акцизата на горивата и пред пандемијата со КОВИД 19. Пред три години кога на министерската фотеља во финансии седеше Драган Тевдовски беше предвидено акцизата за нафтата да се зголеми за три денари, и таквиот предлог беше дел од скроениот буџет за 2018 година. Овој предлог предизвика и тогаш реакции во јавноста па Тевдовски организираше јавна расправа во Министерството за финансии. Ставот на Тевдовски тогаш беше дека акцизата на дизелот треба да расте согласно препораките на Европската Унија. На тој начин според него трба да се намали и употребата на дизел горивата се со цел намалување на загадувањето на животната средина.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП