22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинималецот порасна за 500 денари, бизнисот бара помош од државата, синдикатот се...

Минималецот порасна за 500 денари, бизнисот бара помош од државата, синдикатот се жали дека нема да го добиваат сите административци!

Минималната плата порасна за околу 500 денари. Од овој месец нето минималецот изнесува 14 934 денари. Работодавачите имаат законска обврска за бруто плата за еден работник да исплатат најмалку 21 776 денари. Оваа одлука требаше да стартува во април но поради Корона кризата се пролонгираше до јули. Одлуката веќе ја објави и Службен весник. Растот на минималната плата е поради усогласувањето на платите  со просечната плата, трошоците на живот и една третина од порастот на бруто домашниот производ за ланската година.

Од Министерството за труд и социјална политика за Денар велат дека зелено светло за зголемување на минималната плата дале и од Економско социјалниот совет во кој освен Владата, членуваат работодавачите и синдикатот.

„Имајќи ги предвид наведените податоци, Економско социјалниот совет даде мислење висината на минималната плата од април 2020 година да изнесува 21.776 денари во бруто износ, односно 14.934 денари и истата беше објавена во “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 75/2020. Поради проблемите кои настанаа со Корона вирусот COVID – 19 и прогласувањето на вонредната состојба, Владата на Република Северна Македонија, превзема сет на мерки со цел да го олесни процесот на работење на правните субјекти од една страна, а од друга страна да се задржат на работа вработените. Поради ова се донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за минимална  плата во Република Северна Македонија за време на вонредна состојба, со која за месеците април, мај и јуни  2020 година, се задржа нивото на минимална плата која се исплатуваше заклучно со месец март 2020 година, во износ од 14.500 денари во нето износ. Ова значи дека со исплатата на платата за месец јули 2020 година висината на минимална плата не треба да биде пониска од законски утврдениот износ, односно не помалку од 14.934 денари во нето износ или  21.776 денари бруто“, велат од ресорното министерство.

Како законски расте минималецот така се повеќе се проблематизира функционирањето на компаниите од приватниот сектор. Од Сојузот на стопански комори, велат дека стопанството е во незавидна состојба, целосно непредвидлива што е многу тешко за планирање на реални основи. Мерката за поддршка на минималната нето плата во износ од 14.500 денари заклучно со месец јуни заврши, изборната кампања е во ек, здравствената криза се продлабочува во цел регион и пошироко, границите делумно се отворени, а сето тоа дополнително стимулира негативен тренд на економијата. Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија за Денар вели дека одделни сектори се целосни затворени, други делумно  или работат редуцирано.

„Во таа насока без правилна стратегија за одржување на малите и средните претпријатија кои се 99 отсто од регистрираните активни претпријатија, не можеме да очекуваме подобрување во периодот кој следи. Дополнително, вештачкото зголемување на минималната плата од 1 јули, ќе донесе дополнително оптоварување на приватниот сектор. Без зголемување на продуктивноста, периодот кој следи ќе биде тежок и за очекување ќе биде поголем пад во сите сфери на работењето. Доколку поддршката изостане, тогаш ни претстои голем одлив на вработени. Компаниите се борат за опстанок и пласман на своите услуги и производи. Нашите анализи укажуваат на намалена побарувачка и откажување на нарачки, така што неизвесноста денес е поголема од претходно“, вели Габриела Кулебанова, потпретседател Сојуз на стопански комори на Македонија.

Денар контактираше и со синдикатот на УПОЗ во кој членуваат вработени од управата, во правосудните органи, здруженијата на граѓани, административци. Од УПОЗ велат дека вработените со позиција самостоен референт, виш референт, референт и помлад референт за кои е потребно средно образование, додека не се изгласа нов парламентарен состав и не се направат измени на закон за административни службеници, дел од овие работни позиции ќе добиваат пониска плата од минималната. Проблемот кај нив е тоа што треба да им се зголемат бодовите по кои овие вработени добиваат плата.

„Моментално во администрацијата ќе имаме две категории на вработени, а тоа се помладите референти и референтите кои ќе имаат примања под минималната плата. Месечните примања, чистата нето плата на овие вработени, на помладите референти 14 500 денари, а на референтите 14 876 денари, што значи дека износот ќе биде под минимална плата. Пресметката на плата кај администрацијата не е иста како што е во приватниот или јавниот сектор. Според законот, кај нас платата се дава согласно образованието, стажот, и нивото на кое се прераспределени. До сега имавме две големи зголемувања  на минимална плата, а сразмерно со тоа не растеа платите во администрацијата. И сега ќе имаме ситуација каде што ќе имаме плата на две категории на оние најзагрозени работници под минималната плата. Тоа се референтите, тоа се извршителите на работните задачи, тие луѓе го прават производот во администрацијата. Тоа се вредни работници со многу ниски примања“, велат од УПОЗ.

Инаку, во пресметката на бруто минимална плата влегуваат средства за здравствени и пензиски придонеси, придонес за вработување, дополнителен придонес, даночно намалување, данок на личен доход, вкупни придонеси и нето минимална плата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП