Приватниот сектор бара од Владата продолжување на финансиската помош за месец јуни и за месец јули годинава. Сојузот на стопански комори апелира дека на стопанството му се потребни свежи пари за спас на економијата, во спротивно се очекува колапс на приватниот сектор. Ликвидноста од ден на ден се намалува во фирмите, а загубите се повеќекратни вели за Денар Данела Арсовска, прв човек на Сојузот на стопанските комори. Актуелните мерки на Владата засега не го дадоа посакуваниот ефект, затоа Арсовска предлага итно продолжување на помошта од страна на државата без притоа бизнисмените да имаат строги услови за добивање финансиска помош.
„На приватниот сектор му е потребна предвидливост, плановите и одлуките за справување со состојбите и задржувањето на работни места претприемачите не ги носат од денес за утре. За тоа итно и навремено да се донесе одлука за продолжување на финансиската поддршка за јуни и јули, без комплицирани услови и постапки. Потребна е безрезервна поддршка, за спас на македонската економија проследена со квалитетна стратегија за справување со кризата“, вели за Денар Данела Арсовска претседателка на Сојузот на стопански комори.
Арсовска вели дека информациите кои доаѓаат од терен се дека голем дел од секторите сеуште не започнале со работа. Тие пак што на некој начин функционираат се со намалени капацитети.
Во едно од неколкуте презентации на мерките за приватниот сектор, токму министерката за финансии Нина Ангеловска потенцираше дека простор за продолжување на државната помош постои.
„Ќе бидеме флексибилни, имаме буџетирано средства и можност за веднаш. Дали ќе биде тоа, дали ќе продолжуваме со мерки кои се активни, дали ќе биде тоа да носиме нови кои што ќе бидат насочени и потребни во тој момент, тоа ќе го правиме“, изјави Ангеловска.
Анализите на Сојузот на стопански комори покажале дека дури 99 отсто од нивните членки се засегнати со здравствено-економската криза. Половина од нив веќе имаат намалени приходи и тоа од 80 до 100 проценти. Арсовска вели дека тоа се навистина загрижувачки бројки и доколку економскиот циклус тука застане ќе биде многу тешко да се стартува повторно од позиција каде може компаниите да се вратат на она ниво каде што биле пред кризата. Тоа што најмногу ги загрижува компаниите е дека дури 80 отсто од нив не се во можност да го променат начинот на функционирање од пред кризата, останатите дваесетина отсто кои што може да се адаптираат веќе се адаприрале и функционираат иако се со намалени побарувања бидејќи и потрошувачката во овој момент е намалена.
Дополнителен проблем за бизнисот се и изборите кои претстојат, додава Арсовска. Не само сега туку изборите се секогаш погубни за економијата, ја успоруваат бидејќи се намалуваат инвестициските процеси. Арсовска вели дека на некој начин јавноста полека мисли дека највисот орган во државата е „лидерска средба“ а не како што треба – Влада, Собрание и сите останати кои треба да одлучуваат. Туку одлучуваат лидери на една средба.
„Ние апелиравме, освен што на тие средби одлучуваат за избори, еднаш да седнат и едногласно да донесат квалитетни одлуки кои се однесуваат на спас на економијата“, додава Арсовска.
Дека состојбата е алармантна во реалниот сектор потенцираше и Организацијата на работодавачи од каде истакнаа дека висат работните места на дури 40 илјади работници во компаниите. Од ова организација истакнаа дека без адекватни мерки и поддршка за компаниите и вработените, сегашната стапка на невработеност во земјата ќе се зголеми и до пет процентни поени. Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека добар дел од фирмите ги искористиле актуелните мерки на Владата, но големината на обезбедената поддршка и времетраењето на мерките нема да бидат доволни за да се постигнат посакуваните ефекти. Според Димитров, над 70% од компаниите сметаат дека државната помош за исплата на платите на вработените треба да продолжи и до шест месеци, а повеќе од половината од компаниите истакнуваат дека треба да се обезбедат дополнителни даночни олеснувања во делот на персоналниот данок, данокот на добивка и ДДВ, како и да се зголеми обемот на бескаматни кредити.
Во деветте најпогодени сектори од кризата предизвикана од Ковид-19 се: услужните дејности, особено оние поврзани со храна и пијалоци; секторот на малопродажба; транспортот и складирањето; преработувачката индустрија, особено производството на прехранбени производи; и градежништвото. Дури 43% од компаниите во овие сектори, особено микро и малите претпријатија, пријавиле пад на приходите за половина или повеќе, а 11% привремено прекинале со работа. Околу половина од компаниите изјавиле дека нивната компанија нема да го „преживее“ третиот квартал од оваа година доколку ситуацијата со кризата значително не се подобри.
Финансиска помош од владата за месец април добиле нешто над 19 илјади компании каде работат близу 130 илјади лица, во истиот месец мерката за покривање на плати ја искористиле нешто над 19 300 фирми кои добиле средстава за без малку 12 500 вработени. Што се однесува до мерката за субвенционирање на уплатата за придонесите за пензиско и здравствено осигурување, тоа го добиле 1680 компании на кои државата им покрила половина од средстава за 12 илјади работници. Инаку, во приватниот сектор во Македонија работат повеќе од 80 отсто од граѓаните кои се во редовен работен однос.
И.П