16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРастат цените на нафтата на глобално ниво, граѓаните во Македонија и неделава...

Растат цените на нафтата на глобално ниво, граѓаните во Македонија и неделава ќе имаат зголемени трошоци при точење гориво!

Цените на нафтата на светските берзи се зголемија и претходната недела. Тоа е четврта недела по ред. Експертите ваквиот тренд го објаснуваат со фактот што многу земји во светот постепено започнуваат економски активности. Дополнителна причина за растот на цените на нафтата е тоа што многу земји ги олеснија рестриктивните мерки воведени за справување на ширењето на вирусот.  На тој начин се очекува и закрепнување на побарувачката, со оглед на тоа што имаше огромно забавување на побарувачката поради ширењето на корона вирусот.

Податоците од лондонската берза велат дека цената на барелот се зголеми за осум отсто во однос на минатата недела и е на ниво од 35,13 американски долари. Што се однесува пак на американскиот пазар барелот порасна за 13 проценти и се продава за 33,25 американски долари.

За поддршка на цените најголемите светски производители веќе драстично го намалија производството. Неодамна, Организацијата на земјите произведувачи на нафта – ОПЕК и независните производители предводени од Русија се согласија за најголемото намалување на производството во историјата на оваа дејност. Производството се намали за огромни 9,7 милиони барели, мерка која стапи на сила од први мај годинава.

„Зголемувањето на цената на нафтата на светските берзи се должи на тоа што ОПЕК постигна договор со Русија и го намалија производството. Дополнително и Саудиска Арабија го намали производството, и потрошувачката почна да има раздвижување, и од тие причини расте цената. Нема друга причина во моментов за раст на цената на глобално ниво. Сега не се знае колку време ќе се задржи овој тренд. Како ќе се отвораат економиите и како ќе се олабавуваат сите овие процеси и мерки, очекувањата се да има зголемување на цената. Никој во моментов не може точно да каже како ќе се движат цените, на пример минатата недела цените растеа до четвртокот, а потоа во петокот одеднаш се намалија без причина“, вели за Денар Марко Бислимовски, Претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Намалување на производството е забележано и кај американските производители, исто така тоа е се поради ниските цени на овој енергенс. Најголемото стравување на трговците со нафта им е, што доколку се појави втор бран на пандемијата. Доколку тоа се случи инволвираните во овој бизнис велат дека цената на нафтата ќе се намали за многу брз период. Светските медиуми дополнително потврдуваа дека цените на нафтата исто така биле под голем притисок поради зголемените тензии помеѓу САД и Кина кои се случувале кон крајот на минатата недела.

Сепак, цените на нафтата се уште се пониски за околу 40 отсто во однос на почетокот на годинава. Но по парализата на речиси сите економии во светот поради здравствената криза во март и април беше предизвикано нагло опаѓање на побарувачката.

Во Македонија најактуелен во однос на нафтениот сектор е проблемот со екстра лесното масло. Трговците со нафта и нафтени деривати бараат до владата да се израмни акцизата на екстра лесното со акцизата на дизел горивото. На тој начин од нафтените компании од земјава сметаат дека ќе се елиминира злоупотребата на овој вид енергенс. Инаку, информациите од терен велат дека екстра лесното се увезува од странство со пониска акциза, а се продава нелегално како дизел гориво при што, на незаконски начин се заработуваат милионски суми евра.

„Ние ја  поддржуваме идејата за изедначување на акцизата на екстра лесното масло со акцизата на дизел горивото. На тој начин сметаме дека ќе се обезбеди рамноправен пазар. Доколку се зголеми акцизата на екстра лесното, повеќе ќе нема потреба од злоупотреби за кои се обвинува во јавноста. Едноставно, ако е иста акцизата никој нема да сака да стави екстра лесно, кое како гориво е со помал валитет и еколошки е многу полошо“, додава Бислимовски.

А малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија предвидени за неделава се зголемуваат во просек за  8,5 отсто. Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека ЕУРО СУПЕР 95 ќе се продава за три денари повеќе во однос на претходната недела и за наточено едно литро ќе треба да се плати 57,5 денари. ЕУРО СУПЕР 98 ќе се продава за два и пол денари поскапо и ќе изнесува 59,5 денари. Нова повисока цена за 2,5 денари има и дизелот кој ќе се продава по 49,5 денари за литар. До почетокот на идната недела, односно до понеделник ќе важат овие цени за малопродажбата на деривати.

Главен критериум за одредување на цената на дериватите во земјава и натаму останува движењето на нафтата на светските берзи. Во последниве години цената на еден барел нафта се движеше од 40 во 2015 до речиси 70 долари на почетокот на ланската година. Но, кон средината на 2019-та цената на дериватите за граѓаните се зголеми за повеќе од 15 денари. Годинава на крајот на март ЕУРО СУПЕР 95 се продаваше за 49,5 денари за литар гориво, а пак дизелот имаше најниска цена кон крајот на јануари и за еден литар беа потребни 39 денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП