25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАFinance Think: Ребалансот на буџетот е задоцнет и предизборен, може да треба...

Finance Think: Ребалансот на буџетот е задоцнет и предизборен, може да треба уште еден ребаланс

Ребалансот на Буџетот е задоцнет и предизборен и најверојатно до крајот на годината ќе треба уште еден ребаланс – сметаат од Институтот Finance Think. Има ризици врз владините проекции, а даночната евазија може да наметне и потреба за корекција на даночните стапки во земјава. Во забелешките стои и дека владата не ги скратила доволно непродуктивните трошења, а дури 65 проценти од скратените расходи се од капиталните проекти.

Инаку Владата со ребалансот планира годинава да потроши 3,95 милијарди евра, или 54 милиони повеќе од планот. Па така, рекордно највисокиот буџет кој го имала земјава до сега, се „покачи“ и сега ќе изнесува 3,95 милијарди евра. Корона кризата ќе ги намали приходите во буџетот за 11,5 проценти или за 415 милиони евра – се планира да се соберат вкупно 3,2 милијарди евра. И ако со буџетот требаше да фалат 280 милиони евра, сега со ребалансот, сумата која ќе недостасува ќе се искачи на 750 милиони евра или 6,8 проценти од БДП. Се ќе се финансира со еврообврзница и кредити од дома и странство. А се очекува јавниот долг на земјава да се искачи на 58 проценти од БДП.

Со ребалансот останува проекцијата дека економијата годинава ќе падне за 3,4 проценти. Се кратат и капиталните расходи за 68 милиони евра, па годинава се препроектирани на 317 милиони евра. Владата одлучи да нема кратење ниту во платите на администрацијата, а пензионерите ќе си го добијат и усогласувањето на пензиите за годинава.

Од Институтот „Finance Think“ сметаат дека има ризици врз владините сценарија. А даночната евазија може да наметне и потреба за корекција на даночните стапки во земјава.

Ревидираната проекција за пад на економијата од 3.4% е коректна и во линија со предвидувањето на Finance Think од 11 април 2020. Сепак, оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што негативно може да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал, што може да предизвика потреба од втор ребаланс. Падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност. Но, истовремено, ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен. Оттука, неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија. Буџетскиот дефицит е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на Ковид-19. Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг. Неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата“, велат од Институтот.

Од таму сметаат дека кратењето на вкупните расходи со ребалансот е недоволно и тоа што не се кратат тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да го толкува овој ребаланс како предизборен.

Во услови кога постои неодложна потреба за поголеми трошења за справување со негативните последици од корона-кризата и истовремено голем пад на приходите, скратените постојни расходи се недоволни да ги компензираат зголемените трошоци сврзани со Ковид-19. Само 68% од трошоците за Ковид-19 се покриваат со скратените расходи. Приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен. На пример, буџетската ставка за стоки и услуги е намалена за 8.7% во споредба со иницијалниот буџет, а платите и надоместоците за 1.4%, или севкупно 0.9% намалување во однос на вкупниот планиран буџет за 2020 година. За споредба, кратењето кај капиталните расходи е скоро двојно поголемо, 18% во споредба со иницијалниот план или 1.8% од буџетот за 2020 година. Последново не кореспондира со најавите за интензивирање на извршувањето на капиталните расходи на државата, па дури и отпочнување планирани проекти за 2021 и 2022 во тековнава година. Имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигури фискален простор за финансирање на мерките сврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза“, велат од „Finance Think“.

Од Институтот забележуваат и за тоа што капиталните расходи се на удар во овој ребаланс, како што тоа беше случај и во последната деценија.

„65% од вкупните скратени расходи се од оваа ставка. Дел од таквото кратење е поради неможноста да се донесе системско решение за менаџирање и планирање на капиталните расходи во изминатиот период, како на пример среднорочното планирање, а кое експертската јавност и меѓународните институции го укажуваа во повеќе наврати. Второ, кратењето доаѓа и поради веќевообичаеното надувување на овие трошења во иницијалното планирање на Буџетот. Трето, за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи ќе забават“, велат од Институтот.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП