25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоголема претпазливост или враќање на старите навики по корона кризата?

Поголема претпазливост или враќање на старите навики по корона кризата?

Каков ќе биде животот после пандемијата е прашањето кое се почесто си го поставуваме. Како се приближуваме кон пикот на епидемијата се повеќе размислуваме за крајот на оваа криза. Ќе остане сѐ по старо, или животните навики и приоритети драстично ќе се променат?

Животот после пандемијата, односно после променетиот начин на нашето секојдневно функционирање во време на вонредна состојба и криза, воопшто нема да биде идентичен со оној живот кој го живеевме пред кризата, вели за Денар Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.

„Прво што ќе се согледа е динамиката со која се живееше, постојаното трчање по дополнителни средства, брзање, итање, немање време за семејството, желбата да бидеме пред сите-дури еден макијавелистички приспап би рекла. Ова што ни се случи не натера да се свртиме кон себе, кон блиските, кон семејството. Повеќемина, кои се дел од истражувањата, потенцираат дека нема да бидат во иднина во трка со времето. Тоа подразбира работа во склад со потребите и енергијата, без форсирање и без преголеми амбиции. Секако дека ова нема да биде правило за сите, амбициите кај некои ќе си продолжат, но повеќето луѓе ќе го олабават темпото на живеење.  Она што е специфично иста така е фобичноста, иако не е дел во голема мера од нашиот менталитет и традиција, но самото непознато и неизвесно, посебно ова непознавање на спецификите на новиот корона вирус можеби ја крена на повисоко ниво фобичноста и стравот за себе си, односна на површина излегоа вредности како што се егоизам, индивидуализам, егоцентризам, а се подзаборавија алтруизмот, хуманоста и космополитизмот“, вели проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.

Исто така професорката од Институтот за социологија при Филозофски факултет, УКИМ Стојаноска Иванова очекува покачување и на социо-патолошките појави како што се насилство, криминал, зависности. Вели, и денес насилството се случува, но и сите досегашни истражувања покажуваат и ја потврдуваат хипотезата за пораст на девијациите. Како причина за тоа таа го наведува економскиот дискурс кој ќе придонесе за тоа, бидејќи дел од луѓето ќе ја почуствуваат на своја кожа економската криза, и посебно оние кои немаат морално вредносен систем изграден и критичен кон девијациите, ќе бидат подложни на нив. Секако тука се и скитањето, питачењето, бидејќи неминовно е да имаме сериозни економски импликации. Како позитивни импликации професорката смета дека ќе бидат враќањето на  доверба кон Институциите на системот, во здравството пред сѐ. Во однос на семејството, се враќа воспитната и социјализаторска функција на семејството. Посочува дека децата повеќе време поминуваат со своите родители и имаат време да посветат повеќе внимание на процесот на воспитување, што беше занемарен со години. Верувам, а истражувањата ќе покажат подоцна, дека се враќаме на патот на вистинските вредности-чесност, позитивност, пријателство, љубов, значење на колективитетот, интеграција, алтруизам, одговорност, емпатија и слично. Новите генерации ќе сфатат колку е битен односот со најблиските и дека од таму произлегува и нивниот подоцнежен однос со поединнци и групи.

„Она што е вредно да се спомене е и односот кон сопствениот партнер, имено, до сега, се покажало во праксата дека за време на кризи и после тоа да се зголеми бројот на разводи, но тоа кај оние партнери каде љубовта не била примарен дискурс за брак или кога економската ситуација во семејството ќе биде клучен проблем. Од друга страна, не веднаш по короната, но по извесен период, кога порелаксирано ќе почне да се функционира, ќе имаме зголемен наталитет, тоа пред сѐ го очекувам следната година. Исто така очекувам и да станеме посвесни за природата, колку таа ни дава, да бидеме свесни за еко-диверзитетот, но и да најдеме убавина во малите нешта кои го чинат животот поубав. На крај ќе споменам дека во иднина ние социолозите ќе имаме многу работа, бидејќи општествата ќе бидат социолошки лабаратории, но и дека тие истражувања ќе дадат одговори на клучни прашања. Имаме квалитетен кадар кој треба да се вклучи посебно во овој дел. Тука влегува и психолошката поддршка на луѓе на кои ќе им треба полека да се вратат во нормалните животни текови, да ги извршуваат своите активности нормално, но ќе има и многу на кои ќе им биде сето тоа потешкотија и затоа ќе треба да се работи и на тој сегмент“, додава Стојаноска Иванова.

Освен експертско мислење, Денар контактираше и со новинарот и автор Огнен Јанески. Како јавна личност, активист и човек кој е и тоа како вклучен во јавниот дискус тој смета дека по завршувањето на здравствената криза кај нас на површина работите ќе останат во суштина многу исти. Вели, освен можеби, зголемена заштита на себеси по однос на здравјето и ширењето вируси, сепак голем дел од граѓаните нема да извршат промена во своите животи по завршувањето на пандемијата со КОВИД-19.

„Со душа сите го чекаат моментот да излезат од своите домови и да почнат да живеат така како што живееле досега. Да одат во кафеана, на забави, да пијат кафе со блиските, да бидат насекаде во секое време. Луѓето ќе сакаат да заборават и на пандемијата (иако не во целост). Важно е да се нагласи дека за пандемијата во Македонија веројатно ќе се зборува сè додека не завршат одложените предвремени парламентарни избори. Таа ќе биде главна нишка на партиските кампањи, со оглед на тоа дека спорот за името, НАТО и ЕУ веќе не се „во мода“. Коронавирусот ќе биде исполитизиран до тој степен за тоа кој како предлагал и кој како се справил, што луѓето ќе ја заборават до степен на политичарските ветувања дадени во кампања. СЗО ќе одреди светски ден како датум еднаш годишно за сеќавање на починатите од пандемијата и тоа ќе биде сè што се однесува до колективната меморија кај луѓето, кои живееме во оваа доба на прехранетост со информации на дневно ниво, каде секое „чудо“ е за три часа, а не за три дена“, вели новинарот и автор Огнен Јанески.

Кога станува збор опоравувањето, Јаневски повеќе е загрижен за економската криза со која ќе се соочи човештвото. Тој ја потенцијара борбата против сиромаштијата, која на добар дел од граѓаните ќе им треба сериозна поддршка од институциите да ја надминат или да не ја почувствуваат воопшто. Неговото мислење е да се зголеми довербата во научните и стриктно експертските мислења за излез од криза и тоа може да биде позитивно за во иднина.

„Голем број луѓе, сами и со малку поддршка ќе се борат на работ на сиромаштијата, како што веќе предвидува Меѓународната организација на трудот. Ќе се случат тектонски политички поместувања, каде во земјите со висока демократска свест ќе се стават под знак прашалник либералните идеологии за владеење, а додека, пак, во земјите со авторитарни управувања уште повеќе ќе се зацврстат лидерите како во Кина, Турција, С. Кореја, Русија, Унгарија, Бразил“, додава Јанески.

Дополнително, нашите соговорници се на став дека по завршувањето на пандемијата, мигрантските кризи ќе станат многу потешки, а дебатите за човековите и граѓанските права и слободи ќе бидат со полни раце работа, поради нивното дерогирање за време на пандемијата. Борбата со климатските промени ќе добие малку позасилен курс со поддршка од повеќе луѓе, отколку што беше досега, поради благопријатните промени кои ѝ се случија на планетата Земја. 2020-та година ќе помине во целост во знакот на коронавирусот. 2021-та ќе биде во целост на последиците од неа – економските, демократските, научните, здравствените, мигрантските и климатските. Истражувањата ќе покажат подоцна, дека се враќаме на патот на вистинските вредности-чесност, позитивност, пријателство, љубов, значење на колективитетот, интеграција, алтруизам, одговорност, емпатија и слично. А веќе од Европската комисија излегоа со најнови препораки за државите членки на Европската унија во кои наведуваат  да се укинуваат постепено рестриктивните мерки и забрани за движење, кои се во сила како превенција од ширење на вирусот. Комисијата препорачува земјите сами да ги приспсобат мерките на проценките на експертите од нивните држави.

И додека секоја земја во рамки на своите капацитети и потреби воведува мерки за заштита на населението и економско-здравствениот систем, повеќе од една четвртина од светската популација денес живее во нови рутини, затворени во своите домови, чувајќи се себеси и најблиските од Ковид – 19.

Глобалното прашање кое во овој период станува се поактуелно е што по кризата?  Дел од психолозите посочуваат дека генерациите кои се денес сведоци на оваа Корона-криза, ќе излезат уште посилни од неа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП