26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот пред крах - „висат“ илјадници работни места

Бизнисот пред крах – „висат“ илјадници работни места

Банките сами ќе проценуваат дали и на кого да му ги одложат ратите за кредитите. Бескаматни кредити преку Развојната банка за обнова и развој од 5,7 милиони евра и државна субвенција од 50 проценти од платите за вработените за фирмите во најпогодените сектори од Корона вирусот.

Додека државите во светот вбризгуваат финансиски инекции од стотици милијарди евра во економијата, ставаат мораториум на ратите на кредитите и режиските трошоци за граѓаните и фирмите, ова се трите главни мерки на домашните институции за поддршка на бизнисот и граѓаните во борбата со штетите од Ковид 19.

А штетите од час во час растат. Колективни принудни одмори, непродолжување на договорите за работа на определено време, одјави на работниците, но и нови договори со пониски плати, се се помасовни појави по затворањето на голем дел од објектите поради вонредните мерки од Владата. Најголем дел од угостителските објекти веќе ги одјавиле работниците или не им ги продолжиле договорите, а дел им нудат нови договори со пониски плати.

Битолската фабрика за автомобилски делови „Кромберг и шуберт“ испрати на одмор 5.800 работници , a и 5.000 работници од  кавадерачката фирма „Дрекслермаер“ се испратени дома. Поради пандемијата со Ковид 19 се намалува продажбата на автомобили, па нивните клиенти ги откажуваат нарачките, поради што се принудени вработените да ги испратат на колективен одмор. Засега наредните две недели ќе работат на технички минимум, а потоа ќе одлучуваат што понатаму.

Според информации на “Денар“ од индустриските зони, најголем дел од странските инвеститори во фабриките во зоните производството го свеле на технички минимум и веќе од наредната недела најавуваат прекин со работата и испраќање на работниците дома.

ССМ се закани до работодавачите дека ќе поднесе тужби доколку дојде до незаконско отпуштање и намалување на платите со злоупотребување на состојбата со коронавирусот.

-Укажуваме дека согласно член 115 од Законот за работните односи, паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската. Ваквата состојба ќе помине, но укажуваме дека во името на работниците во наредниот период ќе поднесуваме тужби за сите незаконски и спротивно на Колективен договор намалувања на платите со злоупотребување на ситуацијата поради нивната себичност, соопшти ССМ.

И додека стопанските комори и владата секојдневно преговараат за мерки за спас на стопанството, малите и средни бизниси кои сочинуваат 98 проценти од целото стопанство се пред колапс.

Иако се очекуваше олеснувања со мораториум за ратите за кредитите и субвенции од државата, НБРМ излезе со благи мерки. Донесе регулаторни измени со кои им порача на банките сами да одлучуваат за кои граѓани и фирми ќе се дозволат одложено плаќање на ратите за кредитите до крај на септември годинава. Граѓаните треба да побараат, а банките ќе прават проценка во зависност од потребата и финансиската способност на секој клиент поединечно.

„Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор на банките и штедилниците да им понудат поповолни договорни услови за постојните кредити на оние кредитокорисници – физички и правни лица, кои пред 29 февруари 2020 година немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални, а во претстојниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски“, соопшти НБРМ.

Од Централната банка појаснија дека поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и слично, со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата.

Со измените банките имаат обврска за нефункционални побарувања да ги сметаат тие кои не се платени за 150 денови, наместо како до сега до 90 денови. А дополнително ќе се утврдува и процедура за комуникацијата на клиентите со банките за промената на договорите за кредитите.

Првичниот пак пакет мерки на Владата за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот се бескаматни кредити од 5,7 милиони евра, со грејс-период од шест месеци, а рокот на отплата две години.

Во зависност од бројот на вработени, секоја компанија ќе може да добие од три илјади до 30 илјади евра. Така, микрокомпаниите кои имаат до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од три до пет илјади евра, за малите компании со 10 до 50 вработени кредитот е во износ од 10 до 15 илјади евра, а средните компании со 50 до 250 вработени ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.

Втората владина мерка се однесува на поддршка за компаниите за исплатата на плати и зачувување на секое работно место, а Владата ќе субвенционира придонеси по вработен во висина до 50 отсто од просечна плата исплатена во 2019 година во секторите туризам, транспорт, за месеците април, мај и јуни од 2020 година. Мерките нема да важат за компании кои ќе отпуштат вработени, кои ќе поделат дивиденда и бонуси, а ќе ги враќаат во износ од 50 проценти од парите кои ќе ги плати државата за придонесите, само оние компании кои ќе остварат добивка годинава.

Мерките и од експертите и од коморите беа оценети како слаби и недоволни за справување со моменталните штети во стопанството. Анкетата спроведена од 13 до 17 март со учество на 115 компании која се однесувала на првичните мерки на Владата со која се затворија угостителските обкекти и границите, а голем дел од работнците кои имаат деца до 10 годишна возраст останаа дома, создала трошоци од 360.000 до 4,5 милиони денари во зависност од големината на компанијата. Додека пак штетите од раскинатите договори и отежнатиот транспорт компааниите ги процениле на 12 милиони евра.

Според Зоран Јовановски од СКМ, се прошируваат секторите кои ќе имаат последици од заштитните мерки на владата, но и од целокупната состојба со коронавирусот.

– Прва најава дојде од компаниите од автомобилската индустрија. Нивните мајки во Германија нема да работат, оттука и компаниите во земјава остануваат без работа. Работниците ќе бидат задржани, но не се знае до кога бидејќи тоа ќе зависи и од мерките кои ќе ги преземе владата – рече Јовановски.

Според него проценката е дека трошоците ќе растат и затоа е потребна финансиска интервенција од владата.

– Потребна е финансиска инјекција во стопанството. Ако има во буџетот пари тогаш добро, ако не државата треба да се задолжи. Радоследот на земање на финансиските средства ќе оди по линија на достапност по најниска цена. ММФ, Светска банка, европските фондови, сите имаат пари на располагање – рече Јовановски.

Според него, моментано најлоша варијанта на задолжување е преку еврообврзница и таа треба да биде последна варијанта.

Од Министерството за финансии за „Денар“ велат дека во моментот се прават проценки за повеќе сценарија и опции за задолжување на земјава со цел да се излезе во пресрет на стопанството. Издавање на еврообврзница за сега не е во игра.

„Правиме процена на повеќе сценарија и опции, како и на сите ризици и можности на меѓународниот пазар на капитал. Како најоптимално сценарио, со најповолни услови за финансирање е инструментот за премостување до обврзница (bridge to bond loan). Исто така, се планира да се користат кризните фондови на меѓународните финансиски институции како Светска банка и ММФ. Согласно буџетот за 2020 година беше проектирано да се издаде еврообврзница во висина од 500 милиони евра во втората половина на годината. Но со оглед  дека за издавање на еврообврзница е потребен подолг период, во моментов согласно сценаријата и проценката на ризикот, а земајќи ја предвид и непредвидливоста тоа би било поризична опција во однос на инструментот bridge to bond во овој момент“- одговорија од ресорот финансии.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП