24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоронавирусот се шири и врз македонската економија, техничката влада „технички“ немоќна да...

Коронавирусот се шири и врз македонската економија, техничката влада „технички“ немоќна да помогне

Од коронавирусот ќе страда и македонската економија. Компаниите веќе ги бројат штетите од ударот кој експертите сметаат дека ќе биде дури и поголем од  глобалната финансиска криза во 2008 година. Бизнисот наголемо алармира за помош, а некои сектори најавуваат банкрот доколку Владата не преземе итни мерки за ублажување на штетните последици врз економијата.

Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори вели дека на приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување средства во Буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките.

Не треба да се дозволи компаниите да не можат да ги остварат планираните активности, особено оние кои имаат производни процеси поврзани со извоз во земји кои ни се традиционални трговски партнери“, вели Арсовска.

Според неа мора да се размисли и околу тоа дали и колку ќе можат компаниите да го издржат притисок кој доаѓа од различни страни.

Верувам дека институциите ќе реагираат навремено и дека ќе преземат мерки по примерот на САД, Германија, Словенија за да се намалат штетните последици по економијата, бидејќи тоа негативно ќе влијае на целото општество. Во останатите држави се изготвени предлози за финансиска помош за одржување на ликвидноста на компаниите што се најтешко погодени од влијанието на појавата, кои се добар пример за помош“,  вели Арсовска.

Стопанството алармира дека итно им е потребна поголема поддршка

„Потребни се даночни олеснувања, намалување на социјалните придонеси и на персоналниот данок. Во однос на можната рецесија, мислам дека е на праг пред глобалните економии. Најглавните берзански производи вртоглаво паѓаат бидејќи глобалната потрошувачката е намалена. Тоа ќе се рефлектира по некое време и кај нас бидејќи и кај нас светската економска криза се рефлектираше после некое време“, вели Миле Бошков од Бизнис конфередацијата на Македонија.

Туристичката фела излезе со 10 барања до Владата. Велат секторот е пред колапс, загубите се 80 проценти, откажани се до 70 проценти  од странските тури во земјава, а и патувањата на македонците надвор за 90 проценти. Бараат итни мерки за да не банкротираат.

„Моментално се случува буквално нула. Сите тури се откажани, претпроставуваме дека комуникацијата со нашите партнери до крај на мај, а најверојатно и јуни се комплетно загубени. Значи сите буквално држави преземаат мерки да се ублажат тие последици со цел да успееме да ги задржиме луѓето на работа, тоа е најголемата борба да успееме да ги задржиме луѓето на работа”, вели Влатко Сулев, Национална асоцијација за инкаминг туризам. Се пожалија дека до мај се откажани сите организирани тури од странство, а драматично е намален и бројот на туристите кои престојуваат во земјава.

Покрај ослободување од придонеси и даноци на личен доход во период од шест месеци и намалување на ДДВ на храна од 18 на пет отсто, туристичките комори на прес конференцијата побараа и да се формира фонд за ублажување на штетите од КОВИД-19, потоа упатства од Министерството за економија за реагирање при конфликти меѓу клиенти, добавувачи и туристички компании, но побараа конференциите, семинарите и симпозиумите, наместо во странство, да се организираат во објектите во Македонија.

Инаку речиси целиот извоз од земјава завршува во земјите од Европската унија, а од Коморите се токму најзагрижени бидејќи вирусот се проширува во партнерските земји. Светската здравствена организација веќе прогласи пандемија, многу земји ги затвораат границите.

И претседателката на Европска централна банка, Кристин Лагард ги предупреди европските лидери дека влијанието на новиот коронавирус врз економијата може да биде ист како финансиската криза во 2008 година. На ова предупредија многу светски експерти, но и домашни.

Поранешниот министер за финанансии Никола Поповски на Фејсбук напиша дека ако продолжи овој тренд, оваа криза ќе биде една од најлошите економски кризи во историјата.

„Ако вака продолжи 1929/33 и 2008/2009  ќе бидат само мала шега бидејќи очигледно дека мерките на економската политика се асполутно немоќни во борбата со Ковид 19“- напиша Поповски. 

Владата за сега е посветена на заштитата на здравјето на граѓаните, за ублажување на последиците во економијата, велат, се анализираат состојбите и претрпените штети на бизнисот. Од Министерството за економија пак на туристичките работници им порачаа ситуацијата со коронавирусот да не ја искористуваат за сопствени привилегии. Рекоа и дека знаат дека туристичкото стопанство е на удар, но и дека на удар се сите индустриски гранки во економијата.

Но бидејќи земјава е во предизборен период и во моментов функционира техничка влада, тешко дека ќе може да преземе конкретни мерки во смисла на даночни ослободувања, финансиска помош за најпогодените по примерот на другите земји, бидејќи за тоа се потребни и законски измени, а во моментов парламентот е распуштен.

Другите земји веќе ги бројат штетите, но и парите кои ги вбризгуваат во домашните економии со цел да ги ублажат ефектите. Италија ќе го прошири пакетот мерки со кои се обидува да ги ублажи ефектите од епидемијата на коронавирусот во економијата и општеството, најавувајќи суспензија на плаќањатa за даноци и хипотеки.

Владата ќе одобри мерки во вредност од околу 10 милијарди евра или ќе се потрошат околу 2,5 милијарди евра повеќе од планираното. Слични мерки има и во САД, Германија, Словенија.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП