20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛанскиот БДП очекуван и воден од инвестициите во 2018, стапката годинава ќе...

Ланскиот БДП очекуван и воден од инвестициите во 2018, стапката годинава ќе зависи од проблемот наречен Корона вирус

Растот на Бруто домашниот производ од 3,6 отсто лани е резултат од економските придобивки, пред се од јавните инвестиции од претходната 2018 година, вели за Денар универзитетската професорка Никица Мојсовска Блажевски. Но според професорката, Тешко е да се утврди влијанието на владините политики врз економските движења бидејќи 2019 година беше многу турбулентна година на глобално ниво, одбележана со трговски „војни„ и значајни, главно негативни, геополитички настани.

„Како позитивни мерки би ги издвоила поддршката на инвестициите на приватниот сектор, временото враќање кон рамниот данок, завршувањето на неколку инфраструктурни проекти, и тн. Поддршката на порастот на платите позитивно влијаеше врз растот на економијата, иако не се согласувам целосно со таа владина политика. Главно негативно влијание имаше неизвесноста, политичките превирања, корупциските скандали, како и најавата за предвремени парламентарни избори“.

Но до кое ниво треба да порасне економија за да биде почуствувано од обичниот човек, Мојсовска Блажевски вели дека неопходни се повисоки стапки на раст, над 5%. Како земја во развој смета дека се наоѓаме во ситуација во која сме прескапи за да бидеме конкурентни на азиските земји во производство на трудоинтензивните производи, текстилна индистрија, на пример, а неподготвени за да конкурираме на глобалните пазари на повисоко-технолошки производи или т.н. замка на средно ниво на развиеност.

„Постигнување на посакуваната стапка на раст на економијата несомнено бара имплементација на политики со кои ќе ја надминеме таа замка. Треба истовремено да се поддржат технолошко-напредните компании понатаму да се развиваат (пример, подобрување на инфраструктура, на услугите на јавните институции, и тн.), а оние со застарена технологија, да ја заменат со нова. Дополнително, мора многу да вложуваме во (квалитетна) едукација и обука на работната сила. Последните случувања со вирусот Ковид-19 ги фрла во сенка сите претходни проекции за раст на економијата. Би рекла дека очекувам раст на економијата од 2-3%, но се зависи од ширењето на вирусот, од тоа колку брзо ќе се формира влада после изборите и, секако, што ќе се случува со германската економија како наш најголем трговски партнер “.

Со своја публикација за Бруто домашниот производ излезе и институтот за економски анализи Finance Think. Растот на македонската економија лани од 3,6 отсто од институтот велат дека е во целосна согласност на нивните предвидувања. Иако растот на БДП е широкопојасен, сепак постои блага стагнација кај преработувачката индустрија и кај информациските и комуникациските сектори, велат од Finance Think. За годинава Finance Think останува на ставот дека растот на БДП за годинава ќе достигне четири отсто,

„На расходната страна, бруто инвестициите продолжија да растат, рефлектирајќи стабилизација инвестициското окружување. Но, во четвртиот квартал, по подолг период, извозот забележа негативен раст (-1.6%), додека растот на увозот значително забави (2.8%), што е одраз на материјализацијата на ризиците на глобалната сцена. Позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно намалување на невработеноста на 16.6%. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, но забавувањето на падот на невработеноста е рефлексија на недостигот од квалификуван кадар, што ќе се провлекува и во следните квартали. Падот на невработеноста кај младите (15-24) забележан во претходниот квартал е конзистентен, како одраз на општата состојба на пазарот на труд и активните мерки насочени кон младите.“

Домашната економија ја очекува предизвикот наречен предвремени парламентарни избори, кога како по навика има стагнација на инвестициите во стопанството, но и замрзнати државни инвестиции. Затоа се очекува и извесно забавување на економската активност. Како клучни глобални предизвици од институтот ги наведуваат се уште постојната трговска тензија помеѓу САД и Кина, а од почетокот на годинава и неизвесноста и опасноста од ширењето на корона вирусот.

Државниот завод за статистика објави дека во последниот квартал на 2019 година во однос на истиот квартал во 2018 година, БДП е повисок за 3,4%, а вкупниот раст на БДП за 2019 година изнесува 3,6%. Овие позитивни податоци за владејачката партија СДСМ е потврда дека економските и финансиските политики на Владата даваат резултати и го одржуваат трендот на стабилен раст на економија. Податоците со кои располагаат велат дека земјава е на осмо место по раст на БДП. На табелата од 38 земји од Европската Унија и регионот, Македонија е пред Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Словенија.

„Владата на СДСМ успеа да ја стабилизира ставката на јавниот долг, при што долгот е помал од креираната нова вредност, односно под економскиот раст, додека растот на бруто-домашниот производ се реализира преку широк спектар на активности“, велат од СДСМ.

Од министерството за финансии пак велат дека фискалната политика која ја води владата е во насока на поддршка на приватниот сектор. Пред се велат дека тоа го прават  преку развој на конкурентноста, потоа поддршка на инвестициите во нови технологии, поддршка на извозно ориентираните, како и инвестиции во човечкиот капитал за зголемување на продуктивноста на долг рок.

Предвидувањата за раст на македонската економија на меѓународните финансиски институции Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд за 2019-та не ја надминуваа границата од 3,5 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП