Законот за опојни дроги и психотропни супстанци кој денеска беше на дневен ред на матичната комисија за здравство во Собранието е одложена со образложение дека пратениците кои членуваат во оваа комисија се потребни за кворум на пленарната седница.
“Ова е многу несериозен и понижувачки потег од страна на народните избраници кои си подигруваат со судбината на бизнисмените кои решија да вложат огромни суми на пари и да ја развиваат оваа индустрија”, велат за Денар од здружението Макканабис.
Претседателот на здружението Костадин Дуковски вели дека, во однос на загубите, тие се сериозни бидејќи се работи за органска материја, која не трпи складирање. Доколку политичарите не ги послушаат, сериозно ќе биде загрозена оваа индустриска дејност и ќе се намалат потребите од конзумирање на терапијата препишана со користење на канабисот во медицински цели, и тоа на светско ниво.
„Функционирањето на овој сектор е многу тешко, бидејќи како што во моментов се поставени одредбите од Законот, има градација помеѓу екстракција и култивизација на канабисот. Култивизација е начин на одгледување на канабисот за медицински цели, од тие причини има многу различни видови на негово конзумирање во медицинските цели. Во некои држави начинот на конзумирање, зависно од предвидената терапија, е со помош на согорување на цветот и со тоа се добива декарбоксилација, односно на тој начин се внесуваат канабиодите во системот на човечкото тело“, вели Дуковски.
Дуковски не открива колкава е количината на канабис која чека во строго затворените магацини, бидејќи стравува од можни кражби. Главното барање на здружението Макканабис е да им се овозможи продажба и извоз на цвет од канабис, во спротивно загубите на компаниите производители во земјава ќе биде најмалку 50 милиони евра. Во Македонија само една веледрогерија го откупува нивниот производ, односно цветот од канабис и потоа производот оди во медицински цели.
„Доколку се донесат потребните измени на законот, цветот од канабис кој ние го произведуваме ќе може да го извезуваме во Германија, Англија, Полска, Чешка, Грција, Малта и други европски држави. Ценам дека со оваа индустрија БДП сериозно ќе се зголеми, и од тие причини мора сериозно политичарите да си ја сфатат улогата. Со оглед на тоа дека со новите измени во Законот се инкриминирани 20% од нето добивката, со тоа сериозно ќе се подобри бруто домашниот производ“, додава Дуковски.
Инаку во земјава во оваа индустрија има 42 лиценцирани компании, а во нив работат 740 лица. Доколку работите во брзо време не се променат бизнисмените велат дека се принудени да го намалуваат бројот на работници бидејќи не може да се издржи производството без обезбеден пласман. Дуковски додава дека за да се развие овој сектор најбитно е законот да се смени, да се донесат подзаконски акти и во најбрз можен рок да се формира Агенција за канабис. Таа би била според директивата на ЕУ и коресподент за меѓународен извоз на канабис. Инаку, Законот за канабис е на сила од 2016-та и се уште не е донесен ниту еден подзаконски акт кој треба да ја доуреди оваа дејност.
И. П