27 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРастат „лошите кредити“ и кај фирмите и кај граѓаните

Растат „лошите кредити“ и кај фирмите и кај граѓаните

Раст на „лошите кредити“ и кај компаниите и кај граѓаните во вториот квартал од годинава бележи Народната банка.

Зголемувањето кај претпријатијата пред се се должи на тоа што кредитите преминале во нефункционални најмногу кај фирми од трговијата и градежништвото.  А растот кај домаќинствата е пред се кај клиенти кои заглавиле со станбени и потрошувачки кредити, покажуваат податоците на НБРМ.

Најмногу заглавиле компании од трговијата и градежништвото

Во вториот квартал од 2019 година, вкупните нефункционални кредити на нефинансискиот сектор се зголемиле за 8,3%  или за 22,8 милиони евра, што е речиси седумкратно повисок раст во споредба со претходниот квартал кога растот бил 1,3%.

Ова според НБРМ се должи главно на растот на нефункционалните кредити на претпријатијата, кој позначително забрзал, од 1,2% или 2,6 милиони евра во првиот квартал од годината, на 9% или неверојатни 19,3 милиони евра во второто тримесечје од 2019 година.

Највисок квартален раст имаат нефункционалните кредити во трговијата, од 7,6 милиони евра или 12,2% и градежништвото од 7,1 милиони евра или 17,7%. Растеле и лошите кредити во  земјоделската дејност кои што се зголемиле за 2,7 милиони евра или 29,4%, хемиската индустрија со раст од  1,7 милиони евра  или 33,4%  и производството на метали, машини, алати и опрема со раст од 960.000 евра односно за трипати.

Од НБРМ смируваат дека кај сите дејности, неколку поголеми клиенти го предизвикале растот на лошите кредити.

НБРМ бележи и намалување на нефункционалните кредиит кај некои дејности кое во најголем дел произлегува од наплата со преземање на залогот, а во помал дел е ефект од отписите што ги спроведуваат банките согласно со нивните интерни правила.

Кај еден поголем клиент од снабдувањето со електрична енергија започнал циклус на постепена наплата на нефункционалните побарувања. Исклучок претставува „хемиската индустрија“ каде што растот на нефункционалните кредити произлегува од влошената дисциплина во намирувањето на достасаните обврски на поголем број клиенти чии кредити се на релативно мали износи. Намалувањето е најизразено кај „текстилната индустрија“ (за 155 милиони денари или 29,8%), а потоа следат „останатата преработувачка индустрија“ (за 29 милиони денари или 2,6%) и „снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ (за 20 милиони денари, или 1,5%).

Најголем квартален раст на лошите кредити кај граѓаните во последните 10 години

Нефункционалното кредитно портфолио  пак кај домаќинствата, квартално пораснало за 5,9% или за 3,5 милиони евра, што е побрзо за повеќе од четири пати во споредба со растот од претходниот квартал (1,4% или 845.000 евра). Ова претставува најголем квартален раст во последните десетина години.

Oколу две третини од кварталниот раст на нефункционалните кредити на домаќинствата отпаѓа на нефункционалните потрошувачки кредити, кои што се зголемиле 2,1  милион евра, или за 5,9% (7% во вториот квартал од 2018 година и 2,2% во првиот квартал од 2019 година). Исто така, и нефункционалните станбени кредити се зголемуваат и тоа втор квартал по ред (8 % во вториот квартал и 2,5% во првиот квартал од 2019 година), откако во изминатите три години имаа главно надолна квартална динамика.

„За одбележување е и зголемувањето на нефункционалните кредитни картички и негативни салда на тековни сметки (за 41 милион денари или за 6,1%), откако овој кредитен производ бележеше претежно надолно умерено поместување во изминатите три години, со одредени периоди на незначителен квартален раст“, забележува НБРМ.

Расте бројот на кредити кои за брзо може да станат нефункционални

Расте и бројот на кредити кои за брзо време може да преминат во нефункционални, алармира НБРМ.

„Редовните кредити со намален кредитен квалитет односно кредитите кои на краток рок можат да бидат извор на нови нефункционални кредити, бележат забрзување на растот (кој изнесува 4,2%) во споредба со првиот квартал (кога се зголемија за 3,7%). Во нивни рамки, редовните кредити каде што доцнењето во наплатата се движи во интервал од 61 до 90 дена значително се зголемија, за 18,6 милиони евра или за 54,2%, додека редовните реструктурирани кредити бележат изразено намалување од 14,4 милиониевра  или за 21,9%“, вели НБРМ.

Растот на побарувањата на банките кај кои периодот на доцнењето во отплатата на главницата е помеѓу 61 и 90 дена го има подеднакво и кај нефинансиските друштва и кај домаќинствата.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП