6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: кој и зошто би преминал од јавен во приватен сектор?!

Анализа: кој и зошто би преминал од јавен во приватен сектор?!

Административците стравуваат, синдикалците смируваат, бизнисмените размислуваат, а надлежните анализираат. Најавата за префрлање работници од јавниот во приватниот сектор отвори многу дилеми.

Административците стравуваат

По најавеното префрлање на вработени од јавниот во приватниот сектор без да се соопштат детали како би се одвивал целиот процес вознемиреност меѓу административците. Дел од нив се плашат оти сето ова на крајот може се сведе на политички реваншизам.

„Никој ништо ни нема кажано, викаат дека ќе биде доброволно ама не им верувам. И досега се соочувавме со притисоци ама ова е капак на се“ сведочи вработен во јавниот сектор кој плашејќи се за своето работно место сака да остане анонимен.

„Јас 6 години работев со договор на дело, потоа бев уште две години времено ангажиран. Кога конечно добив решение и малку се опуштив се најавува нешто вакво“ вели друг административец.

Синдикалците смируваат

Од синдикатот велат дека добиле уверување од надлежните оти целиот процес ќе се одвива безболно, но не знаат точно како и кога.

„Нема да бидат понудени на приватниот сектор неработниците туку оние кои се незадоволни од платите, но се предвидува да се бара гаранција од приватникот за висината на платата и други гаранции“ изјави Пеце Грујовски, синдикат на УПОЗ.

Синдикалците велат дека подолго време разговараат со Министерството за администрација и дека засега се задоволни, процесот немало да ги опфати само административните службеници туку целиот јавен сектор – и вработените во образованието, науката, здравството, социјалата, јавните претпријатија.

„Она што ние го покриваме како синдикат, а тоа е управата и правосудството, наша констатација е а и на Министерството дека согласно систематизацијата имаме недостаток на работни места односно слободни работни места и можно е да има и нови вработувања“ објаснува Грујовски.

Бизнисмените размислуваат

Бизнисмените велат дека се подготвени да примат административци, но се уште не се информирани за начините, моделите, условите и субвенциите.

„Ние имавме прелиминарна средба пред околу 2 месеци, беше кажано дека треба да се дискутира најпрвин форматот на кој би се извел овој трансфер доколку е возможен. Треба да се понудат повеќе модели по кои би се понудило некој доколку сака да излезе од јавниот и да премине во приватниот сектор, но тоа секако треба да биде со желба и расположеност на двете страни во процесот“ вели Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори (ССК).

Од ССК велат дека компаниите се повеќе се соочуваат со недостаток на кадар. Доколку јавниот сектор понуди вистински професионалци кои сакаат и знаат да работат за нив веднаш би се нашло место.

„Реално е, а и тоа е една од најгорливите теми во последните околу две години е дека приватниот сектор навистина има недостиг од квалификувана работна сила. Поради големиот одлив на луѓе од Македонија се соочуваме со недостиг на кадар воопшто“ вели Арсовска.

Надлежните анализираат

Надлежните се уште прават анализи – извесно е единствено дека приватниците кои ќе преземат административци би добиле субвенции, а државата би ја плаќала и нивната преквалификација.

„Ќе нудиме три главни пакети, прво поголема плата во приватен сектор и субвенции од државата во делот на придонесите за да бидат мотивирани фирмите и работниците, фирмата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што државата ќе ги плаќа придонесите, државата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што ќе има помалку административци. Тоа е едниот концепт, вториот, тоа е она што го побараа стопанските комори, а тоа е државата да плати за нивни преквалификации доколку немаат соодветни квалификации кои што се бараат во приватниот сектор“, вели Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Процесот на реорганизација на јавната и државната администрација треба да заврши до крајот на годинава. Со неа е предвидено да се намалува бројот на административци некаде, некаде да се зголемува, а ако е потребно и да се затворат некои институции.

„На службениците кои не ги извршуваат ефикасно своите задачи ќе им биде понуден трансфер во приватниот сектор и поголема плата, а одлуката ќе ја носат самоволно“, објаснува Манчевски.

Јавниот сектор и натаму се полни

Паралелно со ваквите најави продолжува полнењето на јавниот сектор. Само во моментов има објавено 30-на огласи за пополнување на 100-на работни позиции.

Покрај десетината советници кои ги има, канцеларијата на премиерот повторно вработува – бара референт за протокол, помлад соработник за координација на активности меѓу компании и институции, советник за нормативно – правни работи.

Огласи има распишано и републичкото Собрание кое бара 16 службеници, а вработуваат и Министерствата за економија, за локална самоуправа, за образование, за труд и социјала, повеќе клиники и јавни претпријатија.

Новото јавно претпријатие АД Градски енергетски системи најави дека ќе земе кредит од еден милион евра за да вработи 110 луѓе.

Македонија има над 130 илјади буџетари

Во последните две години јавниот сектор се зголемил за 8.300 вработени, од државниот буџет плата земаат над 130.000 луѓе.

Во вториот квартал од 2019-та година во однос на истиот период од 2017-та односно од формирањето на оваа Влада до сега бројот на вработени кои добиваат плата од буџетот пораснал за 1.607 во секторот административни и услужни дејности, за 636 во јавната управа и одбраната, за 474 во образованието, за дури 5.112 во дејностите за здравствена и социјална заштита и за 560 во другите услужни дејности.

До овие бројки се доаѓа со споредба на официјалните податоци објавени преку Државната статистика.

Во оваа бројка не влегуваат оние со договор на дело, оние кои се ангажирани преку агенциите за привремени вработувања како ни избраните и именувани функционери – пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, на управни и надзорни одбори, директори, судии, јавни обвинители.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП