19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБерба и откуп на споредни шумски плодови – макотрпна, но исплатлива сезонска...

Берба и откуп на споредни шумски плодови – макотрпна, но исплатлива сезонска работа

Сезоната на зреење боровинки, малини, капини, како и останати споредни шумски плодови е во полн ек, а голем број граѓани со години летото го минуваат низ падините и планините берејќи плодови. Собраните плодови подоцна ги предаваат во откупните центри за одредена сума пари, кои иако тешко заработени, најчесто им се единствен извор на финансии.

Откупувачите, пак, велат, бизнисот за откуп и дистрибуција на споредни шумски плодови е исплатлив, а покрај шумските плодови како боровинки, малини, капини, во повеќе периоди од годината се откупуваат и полжави и печурки.

Бобан Манасиевски вели дека од дете имал контакт со овој вид работа, чиј татко исто така откупувал шумски плодови.

– Сум бил во контакт со оваа струка од мал, а денес, кога е време на превласт на модерните технологии, многу малку луѓе, особено млади, се решаваат да почнат ваков вид бизнис. Исплатлив е, се разбира, доколку се работи максимално посветено, но од друга страна, и не е лесен, бара целодневен ангажман, треба многу работа и добар менаџмент. Некогаш луѓето доаѓаат доцна навечер, кога ќе се приберат од село, од планина, некогаш и многу рано наутро, дури и во 4 или 5 часот, пред да тргнат повторно на берба, вели Бобан.

Во работата му помагаат неколкумина, од кои и домашните. Има голем откупен објект во центарот на Крива Паланка, во Старата чаршија, како и неколку откупни локации во селата: Калин Камен, Метов и Тораница, за луѓето од овие реони да можат да ги достават, а имаат и превозни средства со кои гравитираат во околината на откупните пунктови.

– Се мора добро да се организира, од комуникација и контакт со берачи, преку откуп, до транспорт. Целата откупена стока ја транспортираме до фирмата со која соработувам во Скопје, јас сум како испостава. Најголемиот дел од плодовите се извезуваат во странство, дел се чистат и преработуваат, но најмногу се замрзнуваат и се пласираат на странските пазари. Берат и млади и стари, има луѓе кои доставуваат и по 50 килограми плодови дневно за откуп, ако се тоа боровинки во просек 100-120 денари килограм, тоа се речиси 100 евра дневна заработка по човек, а не ретко, во селата цели фамилии берат, вели Манасиевски.

Парите спечалени со берба на плодови, се тешко заработени пари, но има семејства кои во текот на цела година егзистираат од оваа работа. Тие пари им служат и за исхрана и за издржување на семејството, на децата кои одат на училиште.

– Важно е што нашето поднебје е погодно за овој вид шумски плодови, реонот изобилува со боровинки, малини, шипинки… Шипинките пред седум-осум години ги исекоа од страна на шумското стопанство заради обнова на грмушките и сега повторно се очекува да имаат богат род. Парите кои граѓаните ги печалат со овој бизнис се вртат тука, во локалните бизниси, угостителски, трговски објекти. Цели фамилии, пак ќе кажам, живеат од берба на шумски плодови и билки, додава Манасиевски.

Проблемот што се јавува изминатите сезони, вели, е тоа што граѓаните рано, дури се уште зелени ги берат плодовите, со што се прави штета – загуба. Ако на овој начин се ефективно обрани околу 200 тона плодови, доколку се почека да созреат, ќе имаат подобра заработувачка зашто ќе бидат собрани околу 300 тона плодови.

Надлежни за контрола на берба на шумски плодови се шумочуварската служба на ЈП „Национални шуми“, подрачно шумско стопанство „Осогово“ – Крива Паланка, МВР, шумската и гранична полиција, а дозволи за берба издава Шумското стопанство.

Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Подрачно шумско стопанство „Осогово“ во сезоната 2019/20 има издадено вкупно 31 дозвола за собирање споредни шумски плодови за оваа сезона.

– Сезоната на собирање споредни шумски плодови почна на 1 месецов, а досега вкупно триесет и едно физичко лице од Крива Паланка има дозвола за оваа активност. Дозволи се уште се издаваат во нашата подружница, чинат 400 денари, а важат за цела сезона. Така што граѓаните кои имаат дозвола, што е задолжително за да можат да се бават со оваа дејност, со оваа дозвола покрај актуелните боровинки, малини, капини и шипинки, ќе можат да собираат печурки, билки и останати споредни шумски плодови во текот на целата година, информира Ѕвонко Груевски, раководител на подружницата на ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство „Осогово“.

Покрај физички лица, дозволи се издаваат и за правни лица, за вршење откуп на плодови од природата. Во 2019 година две фирми кои вршат откуп склучиле договори со ПШС „Осогово“, а формирани биле вкупно шест кои вршат ваква дејност на територијата на Крива Паланка.

– Контрола на бербата на споредни шумски плодови се врши редовно, надлежни за контролирање се МВР, Шумската полиција, Граничната полиција и Шумочуварската служба на нашето претпријатие. Досега, од почетокот на бербата, 1 август, Шумочуварската служба извршила 12 контроли во кои се опоменати 30 лица, кои се упатени да набават дозвола во подружницата, за да се избегнат казни и санкции, додава Груевски.

Манасиевски, пак, вели дека службите треба повеќе да вршат контрола за да се спречи евентуалната штета која берачите ја прават на самите стебла и дрвца, правејќи долгорочна штета, бидејќи при бербата ги кршат или уништуваат грмушките, стеблата или ги откорнуваат.

Покрај изобилието со шумски плодови, Кривопаланечко-ранковскиот реон е богат и со ароматични билки и чаеви, а климата е погодна и за нивно одгледување.

Марјан Трајковски е еден од пионерите во плантажно одгледување на ароматични билки. Тој има околу пет хектари плантажи со билки и два декара аронија. Тој раскажува дека доколку се направи правилна едукација на населението, во ранковското Славишко Поле има идеални услови за одгледување ароматични билки и производство на етерични масла.

– Одгледувањето ароматични билки може да биде подоходовно отколку раноградинарските култури. Поднебјето е идеално за плантажни насади на билки. Јас работам со насади на лаванда, сидеритис скардика – шарпланински чај, оригано вулгаре, мајоран. Имам околу пет хектари под ароматични билки, а тие не бараат голема обврска, ангажманите не се големи, ниту трошоците. Се е на природна база, не се користат вештачки препарати и ѓубрива за одржување, само природно, а сето ова е органски сертифицирано и така е лесно за пласман и извоз, вели Трајковски.

Тој има набавено мала лабораториска опрема за преработка и добивање етерични масла, а планот му е да набави индустриска.

– Има одлични парни котли кои ќе бидат погодни за дестилација на етеричните масла. Јас имам искуство со работа на поле на востановување системи за одгледување и преработка. Кога работев во шумското стопанство, ја основавме компостарата за одгледување печурки – шампињони која работеше 15-тина години. Се надевам дека ќе можам во блиска иднина да говорам и за мојата мала индустрија за одгледување, преработка и пласман на етерични масла, бренд на овој регион, додава Трајковски.

Ирена Белешковска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП