10 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку ги цениме печалбарите кои сакаат да вложат во Македонија?

Колку ги цениме печалбарите кои сакаат да вложат во Македонија?

Мнозина што со децении трошеле младост и сила по туѓи земји, денес мечтаат да се вратат во Македонија. Да вложат тука, да отворат нешто свое, да донесат дел од стандардот и редот што го виделе таму.

Звучи убаво, нели? Само што… убавите замисли често завршуваат некаде под тепих.

Зорица Ѓорѓиевска, која речиси половина живот го поминала по швајцарските болници, решава да се врати во Прилеп. Срцето ѝ е полно со идеи – сакала да направи модерен дом за стари лица, по мерка на стандардите што ги видела таму.

„Верував дека ќе биде лесно, или барем полесно. Ама брзо видов дека тука се оди на подолг и полн со изненадувања пат“, вели Зорица.

Чиновници, дозволи, инспектори – списокот расте, а трпението се топи.

Големата енигма: даноците

Иако по медиумите често се слушаат говори за тоа како дијаспората треба да се врати и да инвестира, на терен сликата е значително пострашна.

Повратниците се во ист кош со сите други нови бизниси – нема специјални олеснувања, нема автоматски даночни бенефиции за оние што доаѓаат со полни куфери надеж… и евра.

Финансискиот аналитичар Бојан Краљев со кој накратко зборувавме, ја спушти топката на земја:

„Законот за данок на добивка е истиот за сите. Без разлика дали доаѓате од Германија со 100.000 евра во џеб или сте домашен стопанственик. Ако сакате нешто да добиете, најчесто тоа оди преку програми за странски инвестиции, а не за повратници. И толку од романтиката“.

Другиот ѕид: локалните лавиринти

Не е тајна дека многу општини дури и немаат поим што да прават со човек што сака да вложи.

Дејан Мицев, кој се вратил од Канада со идеја да отвори погон за сушење овошје во Кавадарци, ни раскажа приказна која еден западен службеник би ја гледал со подзината уста.

„Сè изгледаше едноставно, на хартија. Ама за да купам државно земјиште ми рекоа – тендер. Кој траеше и траеше… А кога конечно почнав, ми залепија казна затоа што немав вработен безбедносен инженер – нешто што таму во Канада е смешно ако имаш под 20 луѓе“, се смее горчливо Дејан. Да, секогаш постои некое „ама“.

Па, има ли светло на крајот?

Можеби. Некои општини, како Струмица или Кичево, велат дека се потрудиле повеќе.

Таму има програми за повратници – со малку субвенции, малку помош со документи. Но тоа се исклучоци, не правило.

На национално ниво? Министерството за економија најавува стратегија за „економска реинтеграција“. Планови има, велат до крај на година ќе има и конкретен пакет за тие што ќе се вратат со намера да отворат бизнис.

На крај, еве ја вистината како на дланка:

Македонија сè уште нема систем што ќе им даде посебен ветер во грб на оние што решиле да се вратат и да вложат овде. Зборови има, ама кога ќе се симнеш на улица, најчесто ќе те пречека студ. Институционален, бирократски, понекогаш и едноставно човечки.
Но ако имате трпение, нерви како јаже и доволно силен стомак за нашиот административен ролеркостер… враќањето дома и отворањето бизнис може да испадне најдобрата одлука што сте ја донеле. Само немојте да мислите дека ќе биде лесно. Затоа што нема да биде лесно.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар