18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали H&M и C&A, IKEA и LIDL, Starbucks и McDonald’s ќе дојдат...

Дали H&M и C&A, IKEA и LIDL, Starbucks и McDonald’s ќе дојдат во Македонија?

Мал пазар со ограничена куповна моќ – ова е главната причина зошто Македонија не е привлечна за меѓународните брендови. Глобалните компании се шират во регионот но засега најголем дел од нив ја избегнуваат земјава.

„Меѓународните продажни синџири прават длабински анализи пред да се прошират на нов пазар, но нашата земја често воопшто и не се зема предвид односно не е дел од нивното видно поле“, објаснува консултантот за брендирање Христина Бојковска.

„Постојат повеќе причини за ова, но главните се ограниченоста на пазарот и во квалитет и во квантитет, односно Македонија е мала земја со мала куповна моќ“, вели таа.

Дури и Косово и Албанија почнаа да ја минуваат Македонија во однос на присуството на меѓународни брендови на локалните пазари. Србија и Босна се далеку пред нас, а веќе воопшто и не можеме да се споредуваме со соседите кои се членки на ЕУ односно со Грција и Бугарија.

„За да се промени ова мора да се подобри животниот стандард односно куповната моќ“, вели Бојковска.

Носење на бренд е огромна инвестиција – неопходно е исполнување на строги стандарди што чини многу, а често треба да се платат и астрономски суми за самата франшиза.

„За да се донесе сериозен бренд е потребна инвестиција од околу милион евра. Ова ги вклучува правата односно франшизата, прилагодувањето на продажниот простор на барањата на матичната компанија, обуката на вработените и дури потоа набавката на робата“, објаснува Бојковска.

И искуствата на оние кои се веќе присутни на нашиот пазар ги одвраќаат потенцијалните нови вложувања. Меѓународните брендови останаа на една до две продавници и тоа само во Скопје.

„Македонија е мала земја, Скопје е мал град. Токму затоа продавниците се концентрирани на едно место, доколку се отворат повеќе тоа не значи автоматски и зголемен промет но дефинитивно значи зголемени трошоци“, вели таа.

Профитот на трговските синџири може да се зголеми или со зголемена продажба или со покачена маржа. Оние кои се присутни во земјава сфаќаат дека поради малиот пазар не може драстично да се зголеми прометот па неретко се одлучуваат за втората опција – повисоки цени.

„Пазарот ја диктира цената – малата потрошувачка значи мала заработка, а трошоците мора некако да се надоместат. Затоа облеката и техниката во соседството е поевтина отколку кај нас“, вели Бојковска.

Состојбата полека се менува – на нашиот пазар е веќе присутна групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius, но засега остануваат само во City mall. Во центарот на Скопје се уште ги нема иако во сите метрополи имаат свои продавници и на prime локација во пешачките зони.

Најавата за отворање на новите трговски центри кои се во фаза на градба би требало да донесе и нови брендови бидејќи менаџерите на моловите често директно преговараат со глобалните синџири и им нудат поволности за да ги привлечат за нивниот објект да нуди нешто повеќе и подобро од конкуренцијата.

Во моментов се градат молот во склоп на Џевахир во Аеродром, проектот Diamond кој се прави зад старата железничка станица, East Gate кај Скопскиот саем и неколку помали проекти.

Состојбата не е сјајна и кај fast food синџирите. Burger King ја шири својата мрежа низ земјава, а од неодамна е присутен и KFC. Сепак, McDonalds се повлече и засега нема најави дека ќе се врати. Македонија е една од само неколку држави во светот кои не се дел од најголемиот fast food синџир.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП