Глобалната потрошувачка на пиво опаѓа, што е лоша вест за Франција, која произведува 30 проценти од светскиот слад, објавија француските медиуми, нагласувајќи дека Франција сепак има намера да ја задржи својата водечка позиција на пазарот како најголем извозник на основната состојка за производство на пиво.
Како што објави „BFM TV“, Франција произведува 30 проценти од светскиот слад и е водечки извозник во светот речиси 50 години, со 14 фабрики и три главни производители во земјата.
Најголемата фабрика за слад во Франција годишно преработува 275.000 тони од оваа клучна состојка, која потоа се транспортира со брод до пиварниците во Северна Европа, Азија и Африка.
Франција е исто така втор најголем извозник на јачмен за слад, благодарение на поволната клима во централните и источните региони, добро организираниот производствен синџир и развиената мрежа на фабрики за слад и силоси.
Глобалното производство на пиво се намали за 1,7 милијарди литри минатата година, на 188 милијарди, или нешто помалку од еден процентен поен.