23 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКрај на бирократијата – парното можеш да го исклучиш сам

Крај на бирократијата – парното можеш да го исклучиш сам

Граѓаните во Скопје конечно можат да се исклучат од системот за централно греење без да собираат потписи од соседите и без да плаќаат скапи елаборати.

Ова го овозможи одлуката на Уставниот суд, донесена уште во февруари годинава, со која се укинува член од подзаконски акт што досега им го отежнуваше исклучувањето на домаќинствата од топловодната мрежа.

Сепак, и покрај јасната правна одлука, на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика сè уште стојат старите инструкции – според кои е потребна согласност од 51% од соседите и технички елаборат за да се прекине снабдувањето со парно.

Граѓанските здруженија алармираат дека ова создава правна заблуда и ја става јавноста во несигурна позиција.

„Поминаа пет месеци од одлуката на Уставниот суд, а граѓаните сè уште се обврзани да следат правила кои веќе не се во сила.

Бараме итно ажурирање на информациите од страна на Регулаторната комисија. Ова е елементарна правна обврска“, велат активистите.

Одлуката на Уставниот суд се однесува на точката која наложуваше техничка студија и согласност од соседите, што, како што наведоа судиите, претставуваше прекумерна пречка и нарушување на правото на сопственост и слободно располагање со сопствениот дом.

„Ова е победа за сите оние кои со години плаќаа за услуга што не ја користат, само затоа што не можеле да добијат потписи од соседи или да платат скапи елаборати“, коментира Тања Стојановска, сопственичка на стан во Аеродром која пред неколку години не успеала да се исклучи од парното токму поради тие услови.

Правниците објаснуваат дека одлуките на Уставниот суд се конечни и задолжителни за сите институции и дека не постои простор за нивно игнорирање.

„Неприфатливо е институциите да не постапат по судска одлука. Ова не е само административна грешка, туку и правна небрежност која може да предизвика штети по граѓаните“, објаснува адвокат од Скопје.

Во меѓувреме, на граѓаните им се препорачува да се повикуваат на бројот на одлуката на Уставниот суд при поднесување на барање за исклучување од системот за парно, како и да не прифаќаат дополнителни барања кои повеќе не се правно валидни.

Граѓанските организации најавуваат дека, ако нема брза реакција, ќе побараат интервенција и од Народниот правобранител.
Станува јасно дека правната рамка е променета – но административната пракса уште живее во минатото.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар