28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилна индустрија: проблеми имаат и газдите и работниците

Текстилна индустрија: проблеми имаат и газдите и работниците

И сопствениците и работниците од текстилниот сектор се жалат на проблеми. За газдите најгорливо прашање е слабата продуктивност и недостатокот на квалификуван кадар. Оние кои седат зад машините за шиење велат дека честопати не добиваат надоместок за прекувремена работа, ниту регрес за годишен одмор.

Работниците се жалат на проблеми и притисоци

На проблеми се жалат и работниците од текстилниот сектор. Нивните здруженија предупредуваат дека надоместокот за прекувремена работа речиси никогаш не се исплаќа.

„Прекувремената работа е дефинирана и во Законот за работни односи и во колективните договори. Таму јасно пишува колку смее да изнесува, колку е платена и слично. Прекувремена работа е сѐ она што е над 40 часа неделно, и истото треба да е платено за 30% повеќе“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Истражувањето што го спровело ова здружение покажува дека на 70% од анкетираните не им платена прекувремената работа, дел од работниците се пожалиле и на проблеми со исплаќање на К-15, со користење на годишните одмори, како и на притисоци.

„Голем е бројот на фирми кои на работниците изминатата 2018 година им дале на користење до пет работни дена годишен одмор, а согласно Законот за работни односи е најмалку 20 дена. Ги упатуваме работниците до 30 јуни 2019, преку писмено барање до работодавачот ги побараат на користење деновите од годишниот одмор, кои им останал од 2018 година“ вели Ампева.

Невладините велат дека работниците мора да го кренат својот глас за да изборат за своите права – молкот никогаш не носи напредок.

„Сум работела во повеќе фирми, и секаде било различно, зависи од газдите. Некаде плаќале за прекувремена работа, а некаде не. Луѓето си зборуваат меѓу себе, но не реагираат кај газдите. Јас сум била бунтовник, сум барала да се плати. Ако молчиш ништо нема да добиеш. Стравот е многу лоша работа. Што ќе изгубат дури и ако ги избркаат од работа? Ќе најдат иста, а можеби и подобра работа. Додека молчев бев потценета и несреќна. Секој мора да си ја цени својата способност“, вели Фросина Митевска, текстилна работничка.

Газдите се жалат на слабата продуктивност

Од друга страна и сопствениците на текстилни компании велат дека имаат низа проблеми – од слабата продуктивност на работниците до застарената технологија и притисокот што го прави зголемената минимална плата.

„Нашите работници се помалку продуктивни од нивните колеги во регионот. Еве со прост пример – во Бугарија или во Грција за 8 часа еден работник шие 15 до 16 кошули а кај нас едвај 7 до 8“ вели сопственик на текстилен погон од источниот дел на државава.

Бизнисмените велат дека ниската продуктивност е комбинација на повеќе фактори – застарена технологија, ниски квалификации но и самиот менталитет на луѓето.

„Не секогаш е проблемот кај работниците. Ние треба да им обезбедиме полуавтоматски машини со кои драстично би се забрзала работата, но тоа чини сериозни пари кои во моментов ги немаме“ објаснува сопственикот на погон од истокот.

Но, сериозен проблем се и недоволните квалификации кои ги имаат работниците.

„Нам ни требаат месеци за да обучиме нов работник, буквално месеци. За тоа време тој е речиси неупотреблив. Често се случува по обуката да си замине, тоа е огромна штета за нас“ вели сопственикот на погон.

Текстилната индустрија – значен економски сектор

Текстилниот сектор игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Текстилната индустрија ангажира околу 46.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси над 7% од сите вработени се дел од овие гранки.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП