Американската воздухопловна база Ал Удеид во Катар беше нападната со „балистички ракети со краток и среден дострел испукани од Иран“, изјави американски функционер за одбрана.
„Во моментов нема извештаи за американски жртви“, додаде тој. „Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе дадеме дополнителни информации штом ќе бидат достапни.“
Иран ги известил САД однапред преку два дипломатски канали неколку часа пред нападот врз Катар, изјави за Ројтерс висок регионален извор.
Техеран, исто така, ја информирал Доха, рече изворот.
Иран го координирал нападот врз американската воена база Ал-Удеид во Катар со катарски претставници, дознава „Њујорк тајмс“.
Техеран „однапред најави дека ќе има напад за да се намали бројот на жртви“, соопштија американските медиуми, повикувајќи се на тројца ирански претставници запознаени со плановите.
Како што пишува „Њујорк тајмс“, Иран сакал симболично да возврати на вчерашните американски напади врз неговите нуклеарни постројки, но исто така се обидел да обезбеди двете страни лесно да ја деескалираат ситуацијата, слично на 2020 година кога Иран однапред го известил Ирак пред да испали ракети врз американската база во Ирак како одговор на атентатот врз иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Главната преостаната база во североисточна Сирија каде што се наоѓаат американските трупи е во целосна готовност и мобилизирана за можни напади од Иран или неговите поврзани групи, додека Бахреин и Кувајт го затворија својот воздушен простор како мерка на претпазливост, по нападот на Иран врз американските бази во Катар и Ирак, јавуваат агенциите.