25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: раст на просечната плата од 4.5% - кој го чувствува?

Анализа: раст на просечната плата од 4.5% – кој го чувствува?

За една година платата пораснала за 4.5%, а за една деценија за 20%. Сепак, македонскиот работник останува речиси на европското дно во однос на просечниот личен доход кој не е доволен да ја наполни минималната кошница на четиричлено семејство.

За една година платата пораснала за 4.5%

Просечната плата за една година пораснала за 4.5% и во февруари 2019-та изнесувала 24.192 денари.

Најголем раст има во секторите: здравствена и социјална заштита (11.6%), транспорт и складирање (10.0%) и земјоделство и шумарство (8.5%).

Намалување на просечната плата има во секторите дејности во врска со недвижен имот (-3.4%) и уметност и забава (-1.3%).

Ако личните доходи во февруари се споредат со оние од јануари има намалување од 1.3%.

И натаму највисоки плати имаат програмерите, правниците осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Просечната плата пораснала за 20% за една деценија

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за 20%.

Просечната плата во 2010-та била 20.330 денари, во 2014-та 21.327, во 2016-та 22.254, во 2018-та 24.025 и во 2019-та 24.517 денари.

Од друга страна во Бугарија платите за последните десет години (од 2009 до 2018 година) пораснале за неверојатни 87%.

Во Романија платите пораснале за 34%. Следат Полска со 30%, Латвија 21%, Литванија Словенија и Естонија со 20% и Чешка со 17%.

Десет земји доживеале пад на реалните просечни плати. Грција со 23%, Хрватска со пад од 11%, Кипар 7%. Во  Португалија, Шпанија и Италија платите паднале за еден или два проценти додека во Белгија и Финска стагнираат.

Македонскиот работник останува на европското дно

И покрај солидниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 24.517 денари односно 399 евра зад нас се само неколку држави.

Споредбената анализа на официјалните податоци на државните статистики покажува дека најниска плата имаат жителите на Украина, 310 евра. Нешто подобро стојат Албанија со 347, Молдавија со 364, Белорусија со 406. Следи Македонија со 419. Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 443 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат по 463, во Црна Гора 513, во Хрватска 844 и во Словенија 1.092 евра месечно. Овие податоци се однесуваат на декември 2018-та година.

Просечната плата не ја полни потрошувачката кошница

32.852 денари му биле потребни на четиричлено семејство во март за основните потреби покажува минималната кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ).

Во споредба со март лани таа поскапела за 434 денари.

Минатиот месец најмногу пари биле потребни за храна и пијалаци или 13.799 денари, 10.414 денари биле потребни за домување. За хигиена се одвојувале 2.325 денари, додека за превоз 2.387 денари. Најмалку пари од граѓаните издвојуваат за одржување на здравје или само 703 денари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП