Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) благо ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија, но тој сепак ќе биде меѓу послабите во регионот. Од друга страна Владата и Народната Банка се поголеми оптимисти и очекуваат забрзување на активностите.
ММФ: раст од 3.0%
ММФ ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија. Според нивната најнова анализа стопанството годинава треба да порасне за 3% што е за 0.2 процентни поени повеќе од јануарската проекција.
Економистите од ММФ очекуваат растот во 2020-та да биде 3.1%, а во 2024-та да достигне 3.5%.
Сепак, нашата економија останува меѓу најслабите во регионот. За годинава проекцијата за раст за Косово 4.6%, за Албанија е 3.7%, за Србија 3.5%, за Бугарија 3.3%, за Босна 3.1%. Помал раст од Македонија единствено треба да имаат Црна Гора 2.8% и Хрватска 2.6%.
ММФ очекува оваа година инфлацијата во земјава да биде 0.8%, а во следните да се засили и да достигне 2%.
Светска Банка: раст од 2.9%
Светската Банка, пак, во најновиот извештај за земјава ја потврди својата проекција за раст од 2.9% во 2019-та и 3.2% во 2020-та година.
„Главни предизвици за растот се ниската и се помала продуктивност на локалните фирми, слабите државни институции, нискиот човечки капитал, неусогласеноста помеѓу вештините и промените во побарувачката на пазарот на труд и пречките од јавните политики во однос на конкурентноста и инвестициите, се вели во извештајот.
Стабилен извор на раст се очекува и понатаму да биде потрошувачката исто како и извозот од странските директни инвестиции“, стои во пролетниот извештајот на Светската Банка.
Македонија заедно со Црна Гора е последна во регионот. Пред нас се Босна со 3.4%, Србија со 3.5%, Албанија со 3.8%, Босна и Косово со 4.4%.
Народна Банка: раст од 3.5%
Народната Банка засега ја задржа ноемвриската проекција за раст од 3.5% оваа година, но очекува постепено заживување.
„Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари-февруари 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото“ се наведува во заклучокот на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Според Народната Банка ова дополнето со стапка на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2.7% којашто е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период.
Влада: раст од 3.2%
Владата го проектираше буџетот со очекување за раст од 3.2% и не засега не отстапува од оваа проекција.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, минатата недела рече дека на тоа укажувале реалните факти од првиот квартал.
„Очекувам раст на БДП во првиот квартал годинава повисок од проектираниот просечен раст на Владата за цела година… Главните столбови на кои се потпира растот – индустријата, земјоделството и градежништвото се развиваат и подобро од планираното“ рече Анѓушев.
ММФ ја намали проекцијата за раст на глобалната економија
Според априлскиот извештај на ММФ светската економија оваа година ќе порасне за 3.3% , што е намалување за 0.2 процентни поени во однос на јануарската проекција. Главни причини се зголемените глобални трговски тензии и затегнувањето на монетарната политика во САД.
Проекцијата за раст на САД е поставена на 2.3% што е помалку во однос на лани кога беше 2.9%.
Намалување има и во очекувањата за раст на Еврозоната, тие сега се позиционирани на 1.3% а минатата година беа 1.8%.
Кинеската економија треба да продолжи со солидни стапки на раст кој годинава треба да достигне 6.3%.
„Пред една година економските активности забрзуваа во речиси сите региони и проекцијата беше дека глобалната економија ќе порасне за по 3.9% во 2018-та и 2019-та. Една година подоцна многу работи се променети – ескалацијата на трговските односи меѓу САД и Кина, макроекономскиот стрес во Аргентина и Турција, нарушувањата на автомобилскиот сектор во Германија, построгите кредитни политики во Кина заедно со фискалните затегнувања и нормализацијата на монетарните политики во поголемите и понапредните економии придонесе за значително намален глобален раст“ се наведува во априлскиот извештај на ММФ.
К. Н.