20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата: некој месо, некој зелка - статистика вели сите јадат сарма

Просечна плата: некој месо, некој зелка – статистика вели сите јадат сарма

Просечната плата пораснала за 8.1% за една година, трошоците на живот за само 0.9%. Сепак и натаму остануваат големи разлики – богатите стануваат побогати, а сиромашните остануваат сиромашни.

Раст на просечната плата од 8.1% за една година

Просечната плата во декември лани достигнала 25.784 денари. За една година се зголемила за 8.1%.

Растот пред се се должи на зголемените примања во секторите: информации и комуникации (28 %), уметност забава и рекреација (24.3%) и рударство и вадење на камен (20.9%).

И натаму највисоки плати имаат програмерите, правниците осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Малкумина над, многумина под просекот

Иако просечната плата значително расте останува главниот проблем – богатите стануваат побогати, а сиромашните остануваат сиромашни. Дури ни зголемениот минималец не успева да ги испегла разликите – најмалку платените сектори имаат и над шест пати пониски приходи од најдобро платените.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

0.9% раст на трошоците на живот

Трошоците на живот пораснале за 0.9% за една година. Според Државната статистика во декември 2018-та во однос на истиот месец од 2017-та храната и пијалаците поскапеле за 0.6%, алкохолот и цигарите за 4.8%, облеката и обувките за 1.1%, комуналиите за 0.1. Намалување има кај трошоците за транспорт од 0.7% и за образование од 0.3%.

Просечната плата не ја полни потрошувачката кошница

Просечната плата е недостижна за просечниот Македонец, но дури ни таа не е доволна за да се протурка месецот.

Синдикалната минимална кошница која се однесува на четири члено семејство покажува дека за да се задоволат основните потреби во декември биле потребни 32.671 денар што е за 6.887 денари повеќе од просечната плата.

Најголем дел од кошницата ја сочинуваат храната и пијалаците, 13.513 денари или 41%, за домување биле потребни 10.437 денари или 32%, за хигиена 2.321 денар или 7%, речиси исто толку за транспорт. Она мналку што ќе остане оди на нова облека и обувки, на култура и на здравје.

Како да се сврзе крај со крај?

Граѓаните успеваат да го протуркаат месецот дури и со ниски примања и високи цени. Која е формулата за да се купи се?

Иако обично се вели дека не треба да се штеди на храна, сепак постојат начини и за тоа а без притоа да се влијае на квалитетот на она што ќе се најде на трпезата.

Речиси сите синџири на супермаркети имаат сопствен бренд кој е и до 30% поевтин од познатите марки – квалитетот и содржината се исти а цената помала. Не мора да плаќате повеќе само заради одредено име на пакувањето.

Секогаш барајте акциски цени на производите. На попуст може да се оствари заштеда и до 40%.

Сајтовите за групно купување нудат попусти за различни работи – од  храна и алкохол, до подароци и патувања, па со паметен избор може да се заштеди значителен износ.

Цените на истите артикли често осцилираат од град во град, но и од продавница до продавница, па дури и во истата населба. Шетањето од продавница до продавница е напорно но може да придонесе за значителна заштеда. Најголема разлика е забележана кај месните и млечни производи.

Доколку одите на зелените пазари треба да имате предвид дека цените се највисоки во раните утрински часови. Продавачите добро знаат дека треба да ја намалуваат цената како што изминува денот бидејки не им е во интерес да остане непродадено овошјето и зеленчукот особено она кое е лесно расипливо.

Зеленчукот за зимница најевтино е да се купи на кванташките пазари, каде што понекогаш голема количина е дури и половина поевтина отколку на зелените пазари.

Тоалетна хартија, хартиени марамчиња, хемикалии за домаќинство, слатки, грицки, на пазарите се и до 30% поевтини од продавниците.

Стапка на сиромаштија 22.2%

Според најновите податоци стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.

460 илјади Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 7.510, а за четиричлено домаќинство 15.771 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.

За сиромашни се сметаат оние лица, семејства и групи чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП