20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените и работата – повеќе труд за помалку пари

Жените и работата – повеќе труд за помалку пари

Жените во просек работат повеќе од мажите, но заработуваат помалку – потешко напредуваат во кариерата, поретко добиваат покачувања и бонуси. Ова е правило не само во Македонија туку и во останатите земји, дури и најразвиените членки на Европската Унија се соочуваат со родова нееднаквост.

Од 759.445 вработени во Македонија 39% се жени, а 61% се мажи. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 296.105 жени, а 463.340 се мажи. Од невработените 122.957 се мажи, а 76.368 се жени.

Податоците покажуваат дека жените се многу помалку активни на пазарот на труд од мажите – неактивното население брои 724.127 луѓе, од нив 256.038 (35.4%) се мажи а дури 468.089 (64.6%) се мажи.

Македонската државна статистика нема податоци за просечната плата според полот односно за разликите во приходите меѓу мажите и жените, но оние кои се бават со оваа проблематика велат дека има големи отстапувања.

„Се уште стереотипите и предрасудите за определба на професија на жените кои се пониско вреднуван. Може да кажеме дека жената е се уште многу дискриминирана“, сметаат во Националниот совет за родова рамноправност.

Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.

„Од економски аспект, жените се уште не се еднакви со мажите во Македонија. Имаат помала активност на пазарот на труд, имаат повисока невработеност и во просек заработуваат помалку“, велат во „Finance think“.

Поради родовата нееднаквост и малото учество на жените на пазарот на труд се прават загуби од околу 15 проценти во Бруто домашниот производ, пресметале експертите на Светската банка.

Дел од причините за ова, Светска банка ги гледа во тоа што жената е онаа која се уште ги чува децата или се грижи за старите лица во семејството и нема време да се вклучи на пазарот на труд.

Нивните истражувања покажуваат дека во Македонија само 450% од жените на возраст од 15 до 24 години се вработени или се обучуваат, а околу 60% не прават ништо иако имаат соодветно образование и квалификации.

Од друга страна анализата „Еднаква моќ за жените“ покажува дека жени менаџираат во 33% од компаниите, а во 27% се јавуваат и како сопственички.

Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43% во вкупната работна сила.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП