18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААлкохол – колку тежи пазарот и што најмногу се пие во Македонија?

Алкохол – колку тежи пазарот и што најмногу се пие во Македонија?

Во сезоната на празници драстично расте потрошувачката на алкохол. Кој е најпопуларен пијалак во земјава? Пиво, вино или ракија – што претпочитаат Македонците? Различните институции даваат различни одговори на ова прашање.

Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) број еден алкохолен пијалак е пивото. Анализата за потрошувачката на домаќинствата покажува дека во просек секој возрасен граѓанин во годината пие по 12.5 литри пиво, 1.8 литри вино и 0.65 литри жестоки пијалаци. Сепак, овие податоци веројатно се значително далеку од реалната состојба бидејќи не ги земаат предвид домашно произведените вино и ракија.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во земјава се пијат по 5.7 литри алкохол на годишно ниво – 50% од ова отпаѓа на пиво, 40% на вино, а само 10% на жестоки пијалаци.

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз.

„Македонците имаат уникатен вкус и специфични барања. Обоените пијалаци како коњак, вињак, бренди, виски се побарани од белите жестоки пијалаци како вотка, џин, текила. Во главно ги следиме светските трендови, коктелите кои се микс на повеќе пијалаци се се попопуларни… Во поглед на ценовната сегментација, најзастапени се производите со најниски цени. Консумацијата е најголема во дискотеките и во ноќните клубови, а помалку во кафулињата. Дистрибуцијата се одвива преку локални дилери “ велат во еден од водечките увозници на алкохол во земјава.

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, најпопуларен жесток алкохолен пијалак во светот е вотката чија потрошувачка изнесува 4.44 милијарди литри годишно, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓаат на рускиот пазар. На второто место е румот со вкупна потрошувачка од 1.47 милијарди литри. На третото е вискито со 0.86 милијарди литри. По вискито, следува џинот со 0.44 милијарди литри, а на петтото место е текилата со 0.23 милијарди литри глобална годишна потрошувачка.

Според Светската здравствена организација топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се: Молдавија со 17.4 литри, Белорусија со 17.1, Литванија со 16.2, Русија со 14.5, Чешка со 14.1, Црна Гора со 13.3, Романија со 12.9, Србија со 12.9, Австралија со 12.6, Словачка со 12.5 литри. Во истиот извештај Македонија е на 99 место со проекција за годишна потрошувачка од 5.7 литри. Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

Истражувањето на MarketLine покажува дека светската потрошувачка на алкохол надминува трилион долари. Според нивните анализи годишно се пијат преку 210 милијарди литри. Водечки пазарен сегмент се пивото и жестоките алкохолни пијалаци со определен вкус кои држат половина од пазарниот удел.

Неодамнешната компаративна анализа објавена во научното списание Addiction покажува дека околу 5% од светската возрасна популација (240 милиони луѓе) е зависна од алкохол. За зависни се сметаат луѓето кои компулсивно пијат, немаат контрола врз пиењето и не можат да престанат дури и кога се свесни за проблемите.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП