27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку тежи „кило леб“, колку има „литар зејтин“?

Колку тежи „кило леб“, колку има „литар зејтин“?

Кога одите во продавница килото не е кило, а литарот не е литар. Стандардната тежина на производите одамна е намалена, а ретко кој го приметува тоа. Ова во суштина е скриена инфлација односно прикривање на поскапувањето.

Едно „кило леб“ сега е 500 до 600 грама, „литар зејтин“ во суштина е 750 до 900 милилитри. Истото се однесува и за другите производи – пакување сол или шеќер наместо килограм тежи 800 до 900 грама, пакетче тестенини наместо 500 е 400 грама, паштетите се 95 или 45 грама, чоколадите се 85 или 90 грама. Дури и дел од цигарите се по 19 наместо по 20 во кутија. И во бурекџилниците, во сендвичарите, па дури и во пицериите, рестораните и кафеаните најчесто она што се сервира е потенко и посиромашно од порано се со цел да не се промени цената и со тоа да се прикрие дека всушност со истите пари се купува помалку од претходно.

Скриената инфлација по дефиниција претставува намалување на квалитетот или квантитетот на одреден производ при непроменети цени.

На ова повеќе пати досега предупредуваше Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) – кога не се менува пакувањето и изгледот туку само количината на производот купувачите на одреден начин се доведуваат во заблуда.

„Граѓаните мора да бидат навистина внимателни. При пазарење не треба да се гледа само цената и марката туку и тежината и содржината. На пакувањата грамажата треба да се врзе со единицата мерка, за да може да се види дали тоа што се купува е поевтино или поскапо. На пример, ако на кесичката пишува дека содржи 400 грама, треба да се назначи колку чини килограм, за да можат потрошувачите полесно да се снајдат“ велат во ОПМ.

Скриената инфлација е практика која производителите и трговците ја применуваат со децении, но стана поактуелна во последните неколку години.

Ова особено дојде до израз откако во 2009-та Европската Унија ја укина регулативата за стандардна големина на пакувањата на производите. Оттогаш пакувањето млеко може да биде и 0.9 литри, а чоколадото 95 или 90 грама. Тогаш имаше жестоки реакции од европските здруженија за заштита на потрошувачите кои тврдеа дека цените на новите пакувања нема да бидат пониски и дека купувачите најчесто нема да бидат свесни за промената која е наведена само со ситни букви на пакувањето.

Со цел да ги заштитат потрошувачите европскиот законодавец ги обврза компаниите на секој производ да ја истакнат основната цена односно колку нешто чини по единица мерка (килограм или литар).

Кај нас само дел од маркетите го практикуваат ова, најчесто тоа се „ниско буџетните“ кои нудат и најевтини производи. Кај нив секогаш ја пишува цената на производот, но и цената на 100 грама или еден килограм со што на купувачите им се олеснува споредбата.

Скриената инфлација не е поврзана со реалната инфлација односно општиот пораст на цените. Народната Банка проектира дека инфлацијата во 2018-та ќе биде 1.6, а во 2019-та ќе достигне 2.0%.

Лани инфлацијата беше 1.4%, а претходно три години по ред имаше дефлација односно намалување на цените што беше резултат пред се на пониските цени на енергенсите на светските берзи што резултираше со поевтини горива и во помал обем и поевтини крајни производи.

И во Европската Унија по подолг период цените почнаа да одат нагоре. Евростат измери инфлација од 2.2% за годинава што е највисока во последните шест години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП