23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: даночна реформа – бизнисмените затечени, експертите скептични, сите неинформирани

Анализа: даночна реформа – бизнисмените затечени, експертите скептични, сите неинформирани

Даночната реформа која беше и предизборно ветувана на актуелната власт треба да стартува за помалку од два месеца. Од 1 јануари ќе има прогресивен данок за приходите над 90 илјади денари, но и повисока стапка за доходот од капитал. Бизнисмените се затечени, велат дека требало да бидат направени поопсежни анализи и посериозни консултации. Експертите се скептични за ефектите, но сметаат дека со ова би се поттикнала сивата економија.

Бизнисмените затечени – немаат доволно информации

Бизнисмените затечени од најавената даночна реформа – немале ни доволно информации ни доволно време за да се прилагодат на новиот систем. Од најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија (СКМ), велат дека наместо ветената дебата добиле решенија презентирани преку медиумите. Првично бараа пет годишно пролонгирање на реформата, а сега добија само два месеци пред таа да влезе во сила.

„Има помалку од 60 дена до започнувањето на новата фискална година кога ќе треба да почне да се применуваат предложените мерки а голем дел од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено или усвоено финансиските планови за следната година. Кога зборувам дека ќе биде потребно малку повеќе време за да се спроведат анализите потсетуваме дека освен даночната стапка која што беше презентирана во јавноста, за целосно утврдување на ефектите од новите решенија ќе треба детално да се анализираат и пресметките за даночната основа, даночните повластувања, проверката и контролата врз овој предложен даночен режим со оглед на тоа што станува збор за целосно нов систем“, вели Тања Штерјова, од СКМ.

СКМ утре, на вонредна седница на Управниот одбор, ќе ја разгледува новонастанатата ситуација.

„Ќе се разгледаат прашањата поврзани со предложените мерки за воведување на прогресивно оданочување и ефектите што може да ги предизвикаат врз работењето на деловните субјекти. Во меѓувреме, од Министерството за финансии ќе побараме појаснувања и детални информации за планираните мерки“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Не се направени детални анализи пред да се пристапи кон реформата – овој став го делат речиси сите претставници од бизнис секторот. Во Бизнис конфедерацијата сметаат дека со поставување на прагот на 90 илјади денари и не се прави некоја суштинска промена бидејќи опфатот за повисоко оданочување е многу мал. Сметаат дека ова веројатно е само првиот чекор кон посериозни промени.

„Знаете онаа ментална бариера која ја имаат граѓаните и бизнисмените и за таа имавме реакција од 60 000 денари. Не верувам дека ќе бидат спремни да издвојат дополнителни пари за даночна обврска. Ова е проба на владата како ќе се однесуваат граѓаните и бизнисмените за да може да се оди во подлабоки реформи“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Банкарите бараат консензус за оптимално решение

Банкарите велат дека од една страна е добро што државата сака да им помогне на најсиромашните, но дека за тоа се неопходни детални анализи бидејќи новиот систем може да ги демотивира оние со побогати примања, особено високо стручните кадри од информатичкиот и банкарскиот сектор.

„Прашањето е колку солидарност треба да има за од друга страна да не ги демотивира оние што пазарот ги селектира како најдобри, најконкурентни и најодржливи. И во принцип тоа бара широк консензус и јас верувам дека и носителите на економските политики и стопанството и синдикатите ќе можат да седнат заедно и да најдат оптимално решение“, вели Глигор Бишев, претседател на у.о. на Шпаркасе Банка – Македонија.

Синдикалците првично задоволни

Синдикалците се првично задоволни, сметаат дека ова е чекор кон намалување на нееднаквоста но и тие велат дека немаат доволно информации за да дадат конечна оценка за новиот систем. Сметаат дека за вистински промени треба уште многу да се направи.

„Ова е еден вид компромисно решение кое го поддржуваме. Нема логика некои со менаџерски договори да земаат по 3 или 4 илјади евра плати, а да плаќаат ист данок со работниците. Ако може тоа да функционира во Европа, зошто не и кај нас во Македонија? Но клучно е овие пари да завршат на вистинско место и да се помага стопанството за да се обезбедат услови и за повисоки плати“, реагира Пеце Ристевски, претседател Синдикат на вработени во металургија, енергетика и рударство (СИЕР).

Експертите предупредуваат на раст на сивата економија

И експертската јавност е затечена – сметаат дека за ваква голема реформа треба повеќе време и особено подлабока дебата поткрепена на суштинска анализа.

„Се со цел да биде тоа едно консултативно решение донесено и врз база на издржана дебата нас ни е потребно да имаме повеќе од една опција и повеќе од едно сценарио. Да имаме пресметка на сите ефекти и на оние позитивни кои што ќе бидат врз буџетот меѓутоа и на оние негативни ефекти кои што подразбираат каква ќе биде даночната евазија, како тоа ќе влијае на конкретни сектори“, рече Благица Петрески, Finance think.

Зголемувањето на даночната евазија односно растот на сивата економија е главниот проблем кој може да произлезе од даночната реформа, сметаат најголем дел од експертите. Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека има повеќе можности да се изигра системот и да се затаи данокот.

„Тие што ги земаат во плата овие приходи немаат можност да го пренесат даночниот товар и да направат одредена флуктуација или манипулација. Оние кои се во најбогатите, најбогатиот процент од граѓаните и кои имаат приходи од повеќе извори, тие имаат поголема можност за манипулација и флуктуација и тие според сите анализи во сите прогресивни даночни системи се помалку погодени од оваа даночна реформа“, објаснува Треновски.

Дел од реформата, според Треновски, треба да биде и јакнење на капацитетите на даночната администрација, на инспекцискиот надзор, бидејќи прогресивниот данок е многу потежок за следење и за контрола од рамниот.

„Државата мора да работи на подобрување и развивање на капацитетите на даночната администрација. Треба да ги намали односно елиминира сите легални дупки во даночната регулатива. Политичките влијанија во економијата мора да ги изолира бидејќи прогресивните даночни системи се подлежни на политичка манипулација“, советува Треновски.

ВМРО-ДПМНЕ: со реформата СДСМ ќе ја доуништи економијата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека најавената реформа ќе ја доуништи, како што велат, и онака кревката економија. Поранешниот министер за финансии и универзитетски професор Трајко Славевски смета дека на овој начин ќе се намалат платите и бројот на новоотворени работни места, ќе се стимулира даночната евазија и сивата економија.

„СДСМ… ќе го напушти концептот рамен едноставен данок кој функционираше 11 години, и ќе ја доуништи македонската економија. Сето ова е поврзано со крајно катастрофалните резултати во изминатите месеци со владеењето на власт на СДСМ, сега се најавува и зголемување на даноците, и покрај сите укажувања од бизнис заедницата дека тоа би било погрешна мерка. СДСМ одстапи од ветеното враќање на 15% од прибраниот данок на додадена вредност на граѓаните, доколку ги приложат фискалните сметки, и оваа реформа е одложена најверојатно до недоглед. Наместо тоа, се зголеми акцизата на горивата, мерка која што значително ги погоди граѓаните по џеб. Прашање е до кога граѓаните ќе го толерираат ваквото однесување на СДСМ“, изјави Славевски.

На ова реагираше СДСМ. Владејачката партија смета дека на ВМРО-ДПМНЕ му пречи праведно и фер оданочување со кое оние што имаат најмногу ќе плаќаат повеќе од оние што имаат најмалку.

„Праведниот данок оди во прилог на целата економија и на сите категории граѓани. Со воведувањето на прогресивното праведно оданочување, ќе бидат опфатени само еден отсто од најдоходвните граѓани, а истовремено во Буџетот ќе се слеат средства од 25 милиони евра, пари со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ додаваат дека со средствата од, како што велат, фер оданочувањето, ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300 отсто.

Што всушност превидува даночната реформа?

Со даночната реформа ќе се направат серија промени на системот.

Ќе има поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал. За доходот од труд (плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност), се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18% за даночната основа која надминува 1.080.000 денари годишно, односно 90.000 денари месечно.

Од друга страна е предвидено зголемување на даночното намалување кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8000 денари. Со тоа се влијае на намалување на ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати.

Данокот на приходите од капитални добивки, дивиденди и кирии се зголемува од сегашните 10 на 15% без оглед на износот.

Со новата регулатива се воведува и оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити со стапка од 15 отсто со одложена примена од почетокот на 2020 година. На доход од камати до 250 евра годишно нема да се плаќа данок.

При презентацијата на реформата министерот за финансии рече дека нивните анализи покажале дека со неа во буџетот секоја година би се слеале дополнителни 25 милиони евра.

„Најдоходовните 1 отсто од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Со реформата очекуваме да обезбедиме дополнителни 25 милиони евра. Средствата ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата. Оној кој има доход повисок од 90.000 денари, ќе плати нешто повеќе, за да му дадеме можност на својот сограѓанин да оди напред“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски при презентацијата на даночните измени.

Реформата предвидува и промени во пензискиот систем зголемување на придонесите за здравствено и за пензиско осигурување за 0.5 процентни поени и се отворање можност за максимум 28.000 осигуреници да преминат од приватниот во државниот пензиски столб.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП