3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалени проекции и на ММФ и на СБ – Македонија заостанува зад...

Намалени проекции и на ММФ и на СБ – Македонија заостанува зад регионот

Македонија со најнизок економски раст во регионот. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги намали проекциите за земјава.

Според најновиот извештај „Перспективи на светската економија“ земјава треба да има реален раст на БДП од 1.6%, претходните очекувања беа тој да достигне 3.2%.

Подобри од Македонија се сите – Србија, Албанија и Косово треба да остварат раст од по 4%, Црна Гора од 3.7%, Босна и Херцеговина од 3.2%, Хрватска од 2.8%, Грција од 2.0%.

Меѓународната финансиска институција ја намали проекцијата и за светскиот економски раст за 0.2 процентни поени, на 3.7% пред се поради влијанието на американско – кинеската трговска војна.

„Во Соединетите Држави се уште има силен моментум поради фискалниот стимул кој продолжува да расте, но проекцијата за 2019-та е намалена поради трговските мерки… наметнати кон Кина… Проекциите се намалени и за Еврозоната и Обединетото Кралство поради изненадувачкото намалување на активностите во почетокот на 2018-та“ се наведува во извештајот.

Претходно и Светската Банка (СБ) ги намали проекциите и за глобалната и за македонската економија. Нивните очекувања се дека нашата економија ќе оствари раст од 2.5% во 2018-та, 2.9% во 2019-та и 3.2% во 2020-та.

„Во 2017 имаше нула раст по долг период на политичка нестабилност која ja обнови несигурноста кај економските оператори и доведе до исчезнување на приватните инвестиции од економската слика. Сега гледаме што ќе дојде во иднина низ таа призма, нивото на политичка нестабилност и несигурност што оваа состојба може да ги генерира. Се надеваме дека тие ќе бидат минимални и ако тоа се случи така, минималните оштетувања ќе бидат придружени со забрзување на реформските процеси“, изјави директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели,

Оттаму предупредија и на растечкиот јавен долг кој се очекува да надмине 50% од БДП годинава и посочија дека државава мора да се позајмува само за продуктивни цели односно откако ќе направи детална анализа за исплатливоста на конкретни проекти.

„Ја нагласуваме потребата за спречување на натамошен раст на јавниот долг, а за тоа треба да се намали дефицитот. Има два начина за тоа да се оствари, преку зајакнување на наплатата на приходи и проширување на даночната основа и преку подобрување на ефикасноста на јавните трошења особено во делот на социјалните политики како и субвенциите и начинот на кој се управуваат капиталните инвестиции“, изјави Сања Маџаревиќ – Шуистер, економски аналитичар за земјите од Западен Балкан во Светска банка.

И покрај извештаите на меѓународните финансиски институции и слабата реализација на капиталните инвестиции од само 23% за осум месеци Владата останува оптимист – првичните проекции од 3.2% ќе биле остварени, премиерот пред само еден месец најави дека е можен раст и од дури 4%.

„Она што е предвидено во буџетот за капитални инвестиции, тоа не се само патиштата. Во буџетот се предвидени во министерствата пари за градежни работи но и за купување опрема и машини. Тоа се главните градежни работи кои што државата треба да ги реализира во делот на инфраструктурата. Оттука очекуваме градежништвото да биде подигнато“ изјави на 5-ти октомври вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Владата веќе подготвува ребаланс на буџетот со кој најверојатно ќе бидат скратени најголем дел од парите за капитални проекти кои беа проектирани на 400 милиони евра за цела година а од кои заклучно со август беа потрошени само 90 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП