25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПетре Шилегов, градоначалник на Скопје

Петре Шилегов, градоначалник на Скопје

Зошто толку многу се доцнеше со прскањето против комарци во Скопје? Дали е поради авионите, нивната бучава и дали ќе се спасиме од комарците?

Инсистирав авионите кои ќе летаат над Скопје и средството да бидат што е можно најбезбедни за граѓаните, затоа и ги сменивме. До лани градот прскал со руски авион произведен во 1926 година, едномоторен. Да пуштиш 90 години стар авион да лета над Скопје, а со еден мотор, за мене е малку неодговорно. Особено ги имам предвид упатствата кои се дадени од ЕК или европскиот стандард, каде прелет над населено место на едномоторни воздухоплови не е дозволено. Тоа е во функција на зголемување на безбедноста. Тоа е единствената новина, што ги сменивме авионите. Овие се и побезбедни, потивки, помодерни од тие претходно што беа користени.

Со прскањето не се доцнеше и потребно е да бидат исполнети определени временски услови за да дејствува средството врз комарците. Тоа се најмалку три сушни денови пред прскањето и најмалку два потоа. Во врнежливиот период сепак успеавме да најдеме два термина во кои беше извршено прскањето. Првото беше од 5 до 8 јули, а второто од 16 до 20 јули. Не сме излегле надвор од рутината, од веќе утврдената постапка на Град Скопје и надлежните институции на државно ниво, од протоколите за тоа како се третираат комарците во Скопје.

Факт е дека големата влажност и зелената вегетација кои беа на почетокот на летото придонесоа кога дојде до нагло затоплување, по 1 август па наваму, да дојде до масовна појава на комарците. Поради тоа, пак, го зголемивме интензитетот на прскањето во текот на изминатиот викенд. Се прскаше четири дена и веќе проблемот со комарците во Скопје не е на толкаво ниво. Не велам дека ги нема, комарци секогаш ќе има, но не е како масовна појава.

Граѓаните Ве обвинуваат за катастрофална проценка и неодговорно однесување на вашите служби при поврзувањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и улицата „Цетинска“. Секојдневно 50-60 илјади луѓе од тој дел на градот не можат да излезат или влезат во своите населби: Бутел, Радишани и селата од Скопска Црна Гора. Веќе неколку месеци работите стојат во место, а нервозата секој ден е се поголема…

Кога го преземав Град Скопје затекнав три поголеми проблеми. Првиот е булеварот „Трета македонска бригада“ кон Лисиче каде се уште постои пералната среде булевар. Тој се градеше повеќе од две или три години без да бидат расчистени имотно-правните односи со сопствениците на земјиштето каде се наоѓа трасата. Тој сега е предмет на постапка.

Вториот е на поранешната постојка на автобусот со број 24 во Кисела Вода, каде е кружниот тек. Таму се почнало со градежни работи без да биде завршена експропријацијата. Едноставно се раскопале улиците, се полуоформил кружниот тек и работите се застанати. Луѓето од тој дел на Кисела Вода, Припор и Сопиште едноставно се движат во такви услови, таква е состојба повеќе од две години. Таму имаше неразрешени седум експропријации за да може да се заврши кружниот тек. Ние ги решивме сите седум, луѓето се исплатени и надминати се техничките проблеми кои исто така не биле предвидени со „Водовод и канализација“ и со ЕВН. И полека таму се извршува градбата.

Булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ е еден од најапсурдните проекти зашто е направен до половина и во моментов завршува во нива. Тоа е првата аномалија, предвидена е градба, а не е истеран до крај. Во меѓу време Градот ја заврши јавната постапка и тендерот, потпишан е договорот и ќе го воведеме во градба избраниот понудувач за во рок од 18 месеци, место во нива, да завршува кај обиколницата во Радишани.

Вториот проблем е кај спојката меѓу Бутел 1 и Бутел 2, кај подвозникот. Тука е застојот на работите што ги затекнавме бидејќи во проектирањето на таа делница не била земена предвид подземната инсталација, ниту електрична, ниту водоводна, која се наоѓа на самата траса. Моравме во меѓувреме да изнајдеме техничко решение, да го изработиме градежниот проект, сето тоа е веќе завршено и полека се влегува во реализација и очекувам во наредните 20-30 дена тој проблем да биде надминат. Во овој град не се градело по план туку на диво. До толку било неодговорно, а последиците ги чувствуваат луѓето. Очекувам дека не повеќе од 30 дена треба да завршат градежните активности во Бутел и кај кружниот тек во Кисела Вода.

Овој град работел неплански, мора да ги имате предвид особено подземните инсталации кои ни носат дома струја, вода… Зошто воопшто некој дозволил да имаме таков тип на проблем при реализацијата. Одговорност треба да се бара кај претходната градска администрација, тука за жал нема кривична, но има морална и политичка одговорност. 

До каде е спроведувањето на капиталните проекти кои им ги ветивте на скопјани и колку од нив ќе ги реализирате до крајот на годинава? Тунелите под Кале, мостови, сообраќајници…

Пробивањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ е дел од т.н. секундарен северен прстен. Завршена е постапката за доставување понуди, останува уште електронското наддавање за почеток на реализација на булеварот „Босна и Херцеговина“. Годинава очекувам да почнеме со реализација на тој булевар.

Многу средства Градот годинава троши за изработка на градежни проекти за реализација на нови сообраќајници. Очекувам дека есенва ќе почне со реализација првата фаза на новиот градски булевар, од мостот „Близнаци“ до Скопски саем. На почетокот на наредната година во делот на спојувањето на Ќерамидница со Аеродром ќе почнеме со реализација на мостот, а потоа и на булеварот низ Ќерамидница. Очекувам дека во наредните две години тој проект ќе се реализира и сериозно ќе го растовари сообраќајот во Скопје.

Во завршна фаза е проектирањето на мостот кој ги спојува Карпош 3 и Карпош 4 со Злокуќани и очекувам наредната година да почнеме да го реализираме. Во фаза е проектирањето на продолжението на булеварот „Словенија“ од таму каде што сега завршува до Волково, меѓу Бардовци и Злокуќани.

Како градоначалник морам да водам сметка за тоа што ќе се случува во нашиот град во наредните 30 години. Сметам дека сум должен да мислам за овој град, да го предвидам развојот на градот. Мораме да дадеме плански инпут во развојот на градот. Развојот на Скопје во изминатиот период е стихиен и е надвор од каков било план и каков било концепт. Јас за разлика од други сакам да зборувам за концепт на развој на нашиот град.

Очекувам дека не подоцна од 15 септември годинава Град Скопје ќе го распише тендерот за проектирање на тунелите под Кале. Рокот кој го предвидуваме за изработка на проектот е осум до десет месеци, што би се рекло до година ќе имаме документ и ќе можеме да зборуваме за тендер за изградба на тунелите под Кале.

Најавивте дека ќе обезбедите системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите на згрижените кучиња во „Вардариште“ и преку изготвување регистар на домашни и кучиња скитници. Што направивте?

Ако навистина претходната градска администрација била толку добра како што сака да се прикаже во јавноста, веројатно дека по 12 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, проблемите за кои тие сега обвинуваат едноставно немаше да ги има. Политиката или обвинувањата кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ за кучињата скитници е лицемерна. Да, тие се чекорите кои ги кажуваат дека треба да ги преземе градот бидејќи се предвидени и во законот. Прашањето е зошто Град Скопје нема регистар на домашни миленици, зошто досега кучињата скитници не се чипирани. Зошто Град Скопје има добиено стационар кој е дивоградба и условите во него за бездомните животни јавноста ги знае. Ако навистина биле искрени во својот однос кон јавноста во Скопје, веројатно сега ќе зборувавме за надополнување на регистар, за зголемување на легален капацитет, за подобрување на добрите услови за бездомните животни.

Работите кои 12 години во овој град никој не ги правел и за десет месеци, колку што јас сум градоначалник, едноставно не можете да ги решите. Добро е што ние ја поставуваме основата. Од претходната градска и државна администрација не беа набавени чипови за домашните миленици и за бездомните животни, а тоа ние го направивме со цел да почнеме да го решаваме проблемот така како што треба.

Една од првите работи која ја направив е посетата на стационарот „Вардариште“ и го отворив за медиумите. Ја увидовме состојбата и во соработка со невладините организации кои се грижат за животните направивме заедничка програма. Таа, меѓу другото, подразбираше дека Град Скопје ќе треба да одвои шест милиони денари со цел да го реновираме стационарот „Вардариште“ и ние тоа го направивме. Кога влеговме да го изработиме проектот, во март годинава, констатиравме дека објектот е дивоградба. Од март-април годинава ја почнавме постапката за легализација пред општина Гази Баба како надлежен орган и ја завршивме. Кога дојдовме ние „Вардариште“ немаше ниту возило за заловување на кучиња, кое во меѓу време го набавивме.

Затоа велам дека се лицемерни политиките на опозицијата. Да зборувате за проблемот со кучињата, а да ја предадете власта во Градот без да има возило за заловување кучиња едноставно е играње на кратко памтење или сериозно потценување на меморијата и умствениот капацитет на граѓаните. За регистар на домашни миленици и кучиња скитници надлежен орган е Агенцијата за храна и ветеринарство, а ние се приклучуваме и даваме логистика и помош со цел Градот да може да го реши проблемот кој постои повеќе децении.

Најавивте дека почесто ќе се чистат и мијат улиците во градот и каква е состојбата со скопските јавни претпријатија?

Наследивме само шест цистерни за миење улици во ЈП „Комунална хигиена“, кои се недоволни. Порано 48 цистерни го имаат чистено овој град. Затоа многу често велам дека Скопје во изминативе триесет години било третирано како несакано дете. Од 48 цистерни за миење на скопските улици да ја доведете „Комунална хигиена“ како јавно претпријатие на шест, некогаш навистина се чудам што работеле луѓето кои пред мене ја извршувале функцијата градоначалник во последните 30 години.

Моја стратешка одлука е да ги подобрам перформансите на комуналните претпријатија и на „Комунална хигиена“, каде предвидуваме и привршуваме со техничката спецификација на една пообемна и поголема јавна набавка која ќе овозможи Град Скопје да добие нови, поубави и пофункционални контејнери од овие кои ги имаме. По документ би требало да има шест илјади контејнери за комунален отпад за да се задоволат реалните потреби на Скопје, во моментов на скопските улици има само 4.250. Имаме една третина помалку контејнери од тие што службите во градот ги предвиделе како потребен број за да кажеме дека можат да се задоволат потребите на граѓаните.

Приодот дека треба да ги решите сите проблеми одеднаш е погрешен. Постепено ќе влеземе во зголемување на бројот на возилата и на контејнерите. Ако се фати континуитет во работата со тек на време ќе се зголеми инфраструктурата на комуналните претпријатија-возила, цистерни, контејнери…Тоа оди постепено, но кај „Комунална хигиена“ одиме уште годинава да ја распишеме набавката со цел во текот на следната година да обезбедиме нови контејнери.

Сите јавни претпријатија се со проблеми. Не сакам да бидам разбран дека барам некакво алиби. Кога го преземавме „Улици и патишта“ затекнавме 150 милиони денари долг и две неисплатени плати кон вработените. Состојбата на 31 јули изнесува 82 милиони денари долг и исплатени две заостанати плати на вработените. Таква слична состојба имаше во секое од јавните претпријатија. Паралелно со тоа малку што го имаме како инфраструктура, одиме кон намалување на долговите и финанските обврски кои ги имаат јавните претпријатија.

Најавивте дека Скопје ќе стане велоград, а нови велосипедски патеки ќе има од Чаир до Центар, од Кисела Вода до Ѓорче. До каде е реализацијата?

Во овој момент се работи на седум локации за изградба на нови велосипедски патеки во должина од повеќе од пет километри. Претходно ги изградивме дел од конекторите север-југ. Скопје требало да биде велоград согласно таа програма по која и јас продолжувам да ја имплементирам во 2015 година требало да биде завршено. 40 отсто од таа програма беа завршени кога јас дојдов на функцијата градоначалник. Се работи на Битпазар, во Чаир, Бутел, во Кисела Вода, пред Судска палата…

Тоа е процес што се одвива секојдневно и очекувам до крајот на градежната сезона дека ќе можеме да кажеме дека Скопје е опфатен со велосипедски патеки од сите правци на градот, освен од стар Чаир, може да гарантираат безбеден велосипедски сообраќај на граѓаните. На две недели еднаш имаме заеднички состанок со Групата ентизијасти со цел подобро велосипедско Скопје „На точак“ и ги утврдуваме заеднички рутите. Луѓето кои се најактивни во велосипедизмот се дел од политиката што ја прави, креира и имплементира потоа Градот. Овие рути ги утврдивме заедно со граѓанските здруженија.

Граѓаните бараат воведување повеќе автобуски линии поради огромниот број патници?

Правиме набавка на 40-тина автобуси, во зависност од цената што ќе ја постигнеме. Со ЕБРД имаме соработка. Тие ќе ја водат таа постапка. Градот ќе набави еколошки автобуси на гас. Целокупниот систем на Град Скопје не е едноставна работа, бара можеби повеќегодишна анализа. Системот на автобуски превоз на Гард Скопје се заснова на последната студија направена во 1984 година. Скопјани во 2018 се возат по автобуски линии кои се проектирани за потребите на Скопје во 1984 година и затоа е таков јавниот превоз каков што е. Измени ќе има, но се уште тоа е во фаза на разработка.

До каде е изградбата на Луна паркот?

Луна паркот беше срушен и се набавени само седум реквизити. Оваа сезона немаме луна парк и јас размислувам за целосно нов концепт на луна парк, тоа би било партнерство на градот со заинтересиран понудувач доколку не успееме да дојдеме до таа позиција тогаш ќе го модифицираме постојниот проект на луна паркот и за наредната сезона скопјани да можат да имаат луна парк. Преку еден милион евра градот има потрошено на партерно уредување на постојната локација, ако не успееме да го направиме на партнерски однос тогаш поради почитта кон парите на граѓаните ќе мора да имплементираме нешто на постојната локација.

Магдалена Ристоманов- МИА

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП