22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСите трговски војни: на повидок третата македонско - косовска

Сите трговски војни: на повидок третата македонско – косовска

Македонија и Косово се на работ на третата трговска војна. Дали постои можност да се повтори ситуација од пред пет години кога Приштина целосно ги спушти рампите за производите од Скопје а ние одговоривме со тарифи за влез на секој човек и автомобил на наша територија? Земјава има проблеми и со Србија, најчесто поради брашното. Сепак, најстрашно беше трговското ембарго што го воведе Грција во деведесеттите. Во меѓувреме целиот свет е на работ на глобална трговска војна поради тарифите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.

Утре Приштина ги крева царините – дали Скопје ќе одговори?

Косово од утре ќе ги зголеми ќе ги зголеми царините за 30% за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство. Мерката е привремена и ќе важи 90 дена. Приштина се правда дека не е насочена против Скопје, туку важела за сите држави.

„Ова е добро анализирана одлука, многу се разговараше дали треба да се донесе. Одлуката нема ништо против Македонија и нејзина цел е да се заштитат косовските производители на земјоделски производители. Мислам дека мерката е добро анализирана и дека ќе има добро влијание на нашите земјоделски производители“ изјави вчера косовскиот министер за регионален развој Расим Демири.

Денеска, пак, македонскиот министер за земјоделство не одговори конкретно дали Македонија ќе воведе контра мерки, но побара Косово веднаш да ја повлече одлуката.

„Одлуката го прекршува ЦЕФТА договорот и правно и формално е нејасна. Се прават интензивни анализи за одлуката на Косово која воопшто не содржи тарифни броеви, а и наместо овошје и зеленчук во табелите пишува пченка“ изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

И од Министерството за економија велат дека допрва ќе прават анализи за тоа како да реагираат и дали ќе воведат реципрочни мерки.

„Треба да се анализираат сите можни импликации врз нашите земјоделски производи, но треба да се има предвид дека Македонија е членка на Светската трговска организација и на ЦЕФТА, ние ќе разговараме со нив, со сите засегнати страни па ќе преземеме мерки“ вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Од стартот на годинава, извозот на земјоделски производи во Косово изнесува 6 илјади тони во вредност од 1.5 милион евра, додека лани биле извезени 9 илјади и 400 тони во вредност од 2.36 милиони евра.

Најдраматично пред пет години – Косово воведе ембарго за Македонија

Македонија и Косово досега имаа две трговски војни од која најдраматична беше онаа пред пет години кога Приштина воведе целосно ембарго за сите македонски производи.

Тогаш иницијатор беше Скопје, се започна со условениот увоз на брашно и пченица. Приштина одговори со делумно ембарго за одредени производи, а контра одговорот беше воведување на давачки за секој патник и автомобил што од Косово влегува во Македонија. По ова состојбата дополнително ескалираше зашто беше воведено целосно ембарго за сите македонски производи кое траеше пет дена и создаде огромни колони на премините Блаце и Јажинце.

Трговската војна заврши откако попуштивме ние – ја повлековме одлуката за условен увоз на брашно и пченица, како и сите дополнителни давачки, а тие го кренаа ембаргото.

И Македонија и Србија неколку пати во трговска војна

Македонија и Србија повеќе пати биле во трговска војна а причината секогаш била иста – брашното и пченицата.

Последниот конфликт беше избегнат во март годинава кога Скопје на 8 февруари годинава воведе измени на постојниот Правилник за увоз на брашно со кои се наложи тоа да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не уште пред да стигне во Македонија.

Ова според Србија беше само начин како да се отежне увозот овде и спротивно на правилата на ЦЕФТА по што Белград се закани со воведување контрамерки.

По ова Скопје се повлече и направи компромис – маркички само на големите пакувања.

Најстрашната трговска војна беше ембаргото на Грција

Сепак, најстрашната трговска војна од независноста на Македонија беше ембаргото што го воведе Грција во деведесеттите.

Тоа беше еднострано ембарго кое траеше од 16 февруари 1994 до 15 октомври 1995 година.

Тогашната нова грчка влада го воведе поради несогласување со името и државното знаме на Република Македонија со 16-крако сонце.

Трговската блокада беше во сила 18 месеци, до 15 октомври 1995 година. Штетата што ја претрпе Република Македонија од грчкото ембарго, според процените на економските експерти изнесуваше околу 2 милијарди долари.

Тежината на ембаргото за Македонија беше дотолку поголема што во исто време беше на сила трговско ембарго од Обединетите Нации кон СР Југославија кое Македонија беше принудена да го почитува. Поради овие две блокади земјата беше отсечена од главните трговски патишта преку Коридорот 10 што дополнително ја урниса економијата која и онака се соочуваше со сериозни проблеми во транзицијата.

Ембаргото заврши со потпишувањето на времената спогодба со која Македонија се обврза да го смени државното знаме и да изврши одредени интервенции во Уставот.

На повидок е светска трговска војна

Трговските тензии меѓу Соединетите Држави и остатокот од светот можат да ја чинат глобалната економија 430 милијарди долари предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Иако сите економии би страдале при натамошна ескалација, американската би била најранлива и би се нашла во фокусот на глобален одговор со што би била особено ранлива“ наведува ММФ.

Проблемите започнаа откако американскиот претседател Доналд Трамп почна да ги зголемува царините. Најпрвин, во јануари годинава воведе посебни тарифи за соларни панели и машини за перење, а потоа и за увоз на челик и алуминиум.

Ова ги разлути трговските партнери кои започнаа да воведуваат контра мерки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП