26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУписи во средно - сите бегаат од стручната работа која нуди добра...

Уписи во средно – сите бегаат од стручната работа која нуди добра заработка

Средните училишта ги објавија резултатите од првиот уписен рок, најголем дел од полу матурантите и годинава се одлучија за гимназиите иако стручната работа нуди солидна заработка. Образовниот систем останува неприлагоден на потребите на пазарот на труд, ова е една од причините и за високата стапка на невработеност.

Гимназиите се уште најпопуларни

Средните училишта ги објавија резултатите – со тоа заврши првиот уписен рок иако се уште течат роковите за жалби. Гимназиите повторно најпопуларни меѓу полу матурантите.

Според конкурсот за запишување ученици во училиштата за средно образование во земјава, има вкупно 35.909 слободни места – 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански јазик, 918 на турски и 34 на српски наставен јазик. Во овие слободни места се вклучени и паралелките во реформираното двегодишно и тригодишно стручно образование.

И оваа како и секоја година за стручните насоки има многу послаб интерес освен во средното медицинско училиште каде има над илјада пријавени што е речиси двојно повеќе од бројот на слободни места.

Македонија секоја година произведува голем број медицински сестри, забни техничари, физиотерапевти и болничари но ова не претставува проблем тие да најдат работа бидејќи голем дел од матурантите заминуваат во странство.

Од друга страна во останатите средни училишта има многу малку пријавени, во дел од нив квотите се пополнети и само 20 до 30 проценти иако со некои од струките што се нудат лесно се наоѓа солидно платена работа.

Во моментов средните училишта ги нудат следниве струки: автотехничка, економска, електротехничка, геолошко – рударска, градежно – геодетска, графичка, хемиско – технолошка, лични услуги, машинска, сообраќајна, шумарско – дрвопреработувачка, техничар за дизајн, текстилно – кожарска, угостителско – туристичка, здравствена, земјоделско – ветеринарна.

Образовниот систем неприлагоден на пазарот на труд

Образовниот систем не е прилагоден на потребите на пазарот на труд. Најголем дел од младите не ни сакаат да се запишат во средните стручни училишта, а оние кои ќе се одлучат на тоа, тоа го прават зашто немаат друг избор.

„Јас мислам дека сериозен проблем е и тоа што младите се форсираат да се запишуваат на факултет по секоја цена. Добиваме секоја година илјадници нови правници, економисти, лингвисти а пазарот на труд едноставно не може да ги апсорбира. Тие, пак, имаат превисоки очекувања и не прифаќаат било каква работа. Јас лично не можам да најдам работници за мојата фабрика“ вели Марио Спасев, сопственик на погон за преработка на дрво.

Ист став има и козметичарката Марија Петровска.

„Јас не можам да најдам квалификувани работнички а нудам солидна плата. Оние кои завршуваат средно стручно училиште немаат никакви вештини иако учеле за козметичари. Кога ќе дојдат кај мене треба да почнеме се од почеток. Мислам дека треба да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно“ вели таа.

Со државна стратегија до реформирано образование

Владата веќе работи на Сеопфатната стратегија за образованието 2018 – 2025 која има посебен дел посветен токму на средното стручно образование.

„Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила, системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис – секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна“, се наведува во документот.

Стратегијата има четири приоритети за стручните училишта: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука, подобрување на капацитетите на човечките ресурси.

Висока невработеност и илјадници слободни позиции?!

Стапка на невработеност од 21.6% и илјадници слободни работни места – ова е само уште една потврда дека образовниот систем не е прилагоден на потребите на пазарот на труд. Македонските компании не можат да најдат стручен кадар кој знае и навистина сака да работи.

„Јас веќе неколку месеци барам помошник – фризер, но не можам да најдам. Оние кои доаѓаат се или мрзеливи или едноставно немаат фат за оваа работа“ вели Александар Пацков, сопственик на фризерски салон.

Сопственик на мини маркет вели дека скопјани се многу попребирливи за работата, најчесто наоѓа продавачи од внатрешноста но во последно време и тоа е проблем.

„Можеби се мали платите, но тоа е реалноста во земјава. Зарем е подобро да седиш дома без пари или колку толку да заработиш“ прашува сопственикот на мини маркет во населбата Тафталиџе. „Нашиве млади се разгалени. Се водат од поговорката ‘тато носи мама меси’ а не од ‘џабе работи џабе не седи’ иако секако позицијата која ја нудат не е за џабе туку е за плата нешто над минималната но толку можам да си дозволам“, вели тој.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) стапката на невработеност во првиот квартал од годинава била 21.6% што е за 0.3 процентни поени помалку од последниот квартал лани.

Истовремено Агенцијата за вработување (АВРМ) има над 8 илјади активни огласи за слободни работни позиции.

Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото, а најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП