20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГолеми разлики: најбогато во метрополата, најсиромашно на североистокот

Големи разлики: најбогато во метрополата, најсиромашно на североистокот

Скопје не е само политичкиот туку и економскиот центар на Македонија. Најголем дел од активностите се концентрирани во главниот град каде се плаќаат и највисоките плати но се постигнува и најголемата продуктивност. И покрај постојаните најави, ветувања, мерки и стратегии разликите меѓу регионите никако да се намалат.

Најбогато во Скопје, најсиромашно во Кратово и Крива Паланка

Жителите на главниот град се единствените кои имаат просечни плати над државниот просек. Така во Скопскиот регион просечната нето плата во 2016-та била 26.243 денари, во Полошкиот 21.484, во Пелагонискиот 20.600, во Југозападниот 20.044, во Вардарскиот 17.699, во Југоисточниот 17.506, во Североисточниот 16.952 и во Источниот 16.701 денар. За овој период просекот на ниво на цела земја бил 22.342 денари.

Платите се одраз и на продуктивноста, скопјани имаат највисок Бруто – домашен производ по глава на жител (366.482 денари). Следуваат Југоисточниот регион (304.140), Вардарскиот (274.404), Пелагонискиот (251.988), Источниот (244.272), Југозападниот (189.109), Североисточниот (148.745) и Полошкиот (117.284). Просекот на ниво на цела држава бил 255.206 денари по глава на жител.

Најниска стапка на невработеност има Југоисточниот регион (14.1%). Следуваат Источниот (16.4%), Пелагонискиот (19.0%), Вардарскиот (21.6%), Скопскиот (22.3%), Полошкиот (26.4%), Југозападниот (33.0%) и Североисточниот (42.2%). Податоците се однесуваат на 2016-та година кога стапката на ниво на Република Македонија изнесувала 23.7%.

Третина фирми во скопскиот регион

Статистиката покажува дека една третина од сите компании се регистрирани во главниот град. Според ДЗС, во скопскиот регион има речиси 27 илјади фирми, следи пелагонискиот со нешто над 8 илјади, па југозападен и полошки со по околу 7 илјади, источен и вардарски со по пет и пол илјади, а на последно место е североисточниот регион со нешто над 4 илјади регистрирани компании.

Во Скопје има и најмногу продавници и маркети (над 4 илјади), следат Полог (над 2.700) и Пелагонија (речиси 2.600). Најмалку продавници има во Вардарскиот и Источниот регион (по нешто под 1.600).

Во Скопје најмногу продавници има во Центар (речиси 1.000), следат Карпош и Аеродром (по нешто помалку од 500). Најмалку има во Сарај (52).

Секој трет Македонец живее во Скопје

Ако се земат предвид сите податоци лесно може да се заклучи зошто многумина среќата си ја бараат во главниот град – скопскиот регион има најмногу жители и нивниот број постојано се зголемува а во речиси сите останати делови од Македонија се намалува.

Така, скопскиот регион има 622.759 жители. Следуваат Полошкиот со 320.560, Пелагонискиот со 230.387, Југозападниот со 219.732, Источниот со 176.568, Североисточниот со 176.201, Југоисточниот со 173.550 и Вардарскиот со 152.742 жители.

Ова се последните податоци со кои располага Државниот завод за статистика (ДЗС) и се однесуваат на состојбата на 30.06.2016. Во однос на 2015-та бројот на жителите на Скопскиот регион се зголемил за околу три илјади. Истовремено во Вардарскиот, Источниот и Пелагонискиот се намалил за по околу илјада. Во останатите региони нема позначајни промени.

4.5 милиони евра за рамномерен развој

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Годинава за рамномерен регионален развој се предвидени 280 милиони денари или околу 4.5 милиони евра што е за 57% повеќе во однос на лани.

Најмногу средства или 45 милиони денари ќе добие Североисточниот регион, како најмалку развиен, а најмалку или 25 милиони денари Скопскиот регион, како најразвиен. Во Вардарскиот регион ќе бидат финансирани проекти во вкупна вредност од 40 милиони денари, за Полошкиот регион ќе бидат одвоени 39 милиони денари, за Пелагонискиот 34 милиони денари, за Источниот 33 милиони денари и за Југоисточниот регион 32 милиони денари.

„Со сите сили преку Програмата за рамномерен регионален развој, преку Буџетот на Република Македонија и преку средствата за кои ќе аплицираме во ИПА фондовите, максимално внимание ќе биде посветено на рамномерниот регионален развој односно средствата да бидат потрошени на територија на целата држава како што треба да направи секоја одговорна влада за да може сите граѓани да имаат еднакви услови за живеење“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Средствата ќе бидат наменети за развој на планските региони, за развој на селата и за подрачјата со специфични развојни потреби.

Според надлежните регионалните разлики ќе се пеглаат и преку капиталните инвестиции кои за годинава се проектирани на 400 милиони евра и кои ќе биле рамномерно распределени во сите региони.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП