4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаштита при работа – свеста полека се менува

Заштита при работа – свеста полека се менува

Инвестиција а не трошок – вака компаниите треба да гледаат на мерките за заштита при работа. Свеста полека се менува и во Македонија но треба уште многу да се направи.

Човечкиот живот секако е најважен, но загубата на работник трајно поради смртен случај или привремено поради повреда има и сериозни финансиски последици.

Од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) објаснуваат дека состојбата изминативе години во целина е подобрена, но дека остануваат проблеми и на страната на бизнисмените и на страната на работниците.

„Се менува свеста на газдите, најголем дел се трудат да ги почитуваат барем основните законски одредби иако има и такви кои се обидуваат да штедат токму на сметка на безбедноста на своите вработени. Вработените, пак, понекогаш не ја користат заштитната опрема иако таа постои, дали поради менталитетот дали поради навика. Од друга страна ако има проблем најголем дел од нив молчат плашејќи се за своето работно место“ објаснуваат во МЗЗПР.

Законот е јасен – работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект.

Глобите се движат од пет до осум илјади евра за компаниите кои не ги почитуваат пропишаните одредби, но предвидени се казни и за работниците.

„Со глоба (мандатна казна на лице место) од 50 евра во денарска противвредност ќе се казни вработен, ако не ги почитува пропишаните мерки за безбедност и здравје при работа и не ја користи пропишаната опрема за лична заштита“ стои во членот 59 од Законот за безбедност и здравје при работа.

Во моментов се работи на измени на законот кои треба да бидат готови до крајот на годинава. Тие се разгледуваат на економско социјалниот совет во кој членуваат претставници на Владата, на работодавачите и на синдикатите.

„Сите барања на членството, синдикалните претставници и претставниците на работниците ќе бидат разгледани, систематизирани и преточени во предлози за измена на законот… Наша цел ќе биде да се унапреди колективното договарање во овој правец односно ќе се залагаме сите прашања да бидат опфатени и регулирани со колективни договори“ вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски.

На територијата на Македонија Државниот инспекторат за труд годишно прави по над 13.000 редовни и 1.500 вонредни односно контроли по пријава од работник. Тоа резултира со по околу 3.500 решенија за глоби или за отстранување на неправилности.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП