1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Брисел – Потрошувачката и деловната доверба во еврозоната во мај порасна по остриот априлски пад, покажува објавеното истражување на Европската комисија. Комбинираниот индекс на потрошувачката и деловната доверба пораснал во мај за 0,8 поени на 89,4 поени, по априлскиот пад од 1,5 поени, наведено е во соопштението на ЕК. Во 27 члената ЕУ тој индекс пораснал за 1,1 поен на 90,8 по априлскиот пад од 1,8 поени.

Рим – Италијанските трошоци на задолжувањето пораснаа на аукцијата на обврзници со која се собраа 5,75 милијарди евра, што укажува на загриженост на инвеститорите наспроти знаците на довербата од ЕК. Италијанскиот трезор, со продажбата на обврзниците со рок на доспевање во јуни 2018 година, собра 2,75 милијарди евра, со каматна стапка од 3,01 отсто во споредба со 2,84 од последната слична аукција од април. На продажба исто така се најдоа обврзници вредни 3 милијарди евра со рок на доспевање во мај 2023 година, со приход од 4,14 отсто во однос на претходните 3,94 отсто.

Белград – Најголемата нискотарифна авионска компанија во централна и источна Европа Виз ер, го одбележа доаѓањето на вториот авион во својата база во Белград, кој ќе се користи на 13 постоечки линии од Белград. Се работи за авион Ербас А320 кој ќе стигне во српскиот главен град, на белградскиот аеродром Никола Тесла изјави комерцијалниот директор на унгарскиот Виз ер, Ѓерѓ Абран. Доаѓањето на уште еден авион Ербас А320 во базата во Белград ќе го зголеми бројот на превезените патници на 480.000 до крајот на оваа година, рече тој.

Мадрид – Шпанската економија во првото овогодишно тромесечје падна за 0,5 отсто, покажуваат објавените податоци, само по еден ден откако Брисел препорача на таа земја која е погодена од рецесијата, да се додели дополнителној време за намалување на буџетскиот дефицит. Со тоа економијата на Шпанија забележа седми квартал по ред на пад. Шпанија се обидува да зајакне од пукањето на балонот на недвижнини од 2008 година, што уништи милиони работни места и го оптовари банкарскиот систем на земјата со многу ненаплатливи кредити.

Белград – Австралија и Шведска се најдобри земји според квалитетот на животот, покажува индексот наречен Подобар живот, кој ОЕЦД го објави за своите 34 земји членки врз основ на вкупно 11 показатели. На трето место е Канада, додека Германија е дури на 17 место, додека Австрија е нешто подобро позиционирана на 13 мест, а од земјите од регионот Словенија најдобро се котира меѓу земјите во транзиција и се наоѓа на 19 место.

Пекинг – Оптимизмот меѓу европските компании кои работат во Кина, во врска со нивниот профит, падна на историски минимум, покажуваат објавените резултати од истражувањето. Во анкетата на Стопанската комора на ЕУ во Кина учествуваа 500 европски компании, а само 29 отсто испитани компании изразиле оптимизам во поглед на своето работење во втората најголема светска економија, што е пад од ланските 34 отсто и најниско ниво од првото такво истражување од 2004 година. – Финансиските резултати се влошуваат, а оптимизмот околу профитабилноста е на најниско историско ниво – изјави претседателот на Стопанската комора, Давид Кучино.

Париз – Француската држава има намера да продаде 10 милиони акции од Аеродромот Париз, кој на буџетот треба да донесе околу 690 милиони евра, објави француското министерство за економија. Како што пренесе францускиот весник Капитал, министерот за стопанство Пјер Московиси најави дека државата, која сега поседува 54,5 отсто капитал на Аеродромот и по таа трансакција ќе остане мнозински сопственик. Тој наложи на Агенцијата за управување со државен имот оваа трансакција да ја реализира со повеќе долгорочни инвеститори.

Њујорк – Растот на светската трговија оваа година ќе биде околу 2 отсто, што е многу помалку од претходните прогнози, обавено е во Њујорк врз основ на анализите на економисти на американската Сити груп. Светската трговска организација кон крајот на минатата година прогнозираше за 2013 раст на обемот на глобалната трговија од 5 до 6 отсто, но судејќи според експертите на Сити груп тоа било нереално. Инаку, во извештајот на Сити груп се наведува дека во првите три месеци оваа година физичкиот обем на светската трговија е зголемен, во однос на истиот лански период, за многу скромни 1,6 отсто.

Токио – Јапонската електронска компанија Панасоник соопшти дека ќе укине 5.000 работни места во индустрискиот сектор, со цел да ја зголеми оперативната маржа на 5 отсто, во рок од три години. Секторот погоден од најавениот рез, меѓу другото произведува делови за автомобили, полупроводници и индустриски машии и вработува 110.000 луѓе, што е една третина од вкупниот број на вработени во Панасоник. Овој сектор е прв на удар од новите мерки кои менаџментот ги презема со цел да се подобрат финансиските резултати на групацијата и да зајакне индустриската активност, за да се намали зависноста од компаниите од големите пазари.

Њујорк – Италијанската компанија Фијат Спа е во преговори со банките околу кредит во висина од 10 милијарди долари за купување на преостанатите акции на Крајслер и рефинансирање на двата долга на тој производител на автомобили. Меѓу банките со кои се водат преговори за кредит се Бенк оф Америка, Дојче банка, Голдман Сакс и БНП Париба, пишува њујоршката агенција Блумберг. Според изворите на кои се повикува агенцијата, Фијат тие пари би ги искористил за купување на 41,5 отсто акции од Крајслер, кои моментално се во сопственост на Фондот на Синдикатот на вработените во автоиндустријата. Извршниот директор на Фијат Серџо Маркионе, до крајот на ова лето планира да заврши со процесот за купување на тие акции.

Штутгарт – Компанијата Бош соопшти дека во финансиската 2012 година ја зголемила продажбата за 1,9 отсто на 52,5 милијарди евра. Добивката пред даночењето достигнала 2,8 милијарди евра. Резултатите од работењето за минатата година се различни по области. Најголемото одделение Автомобилска технологија ја зголеми продажбата за 2,1 отсто, достигнувајќи 31,1 милијарда евра.

Сингапур – Сингапурската авиокомпанија Сингапур ерлајнс соопшти дека ќе купи 30 авиони од европскиот производител Ербас и американскиот Боинг со вкупна вредност од 17 милијарди долари. – Сингапур ерлајнс договори купување на 30 Ербасови авиони А350-900 и 30 Боингови авиони 787-10Х, чија вредност е над 17 милијарди долари – наведе оваа азиска авионска компанија. Компанијата со Ербас договори опција на можно дополнително купување на 20 авиони, покрај 30 веќе договорени, а сите порачки можат да се однесуваат и на поголемите модели А 350-1000.

Москва – Претседателот на управниот одбор на руската гасна компанија Гаспром Алексеј Милер и претседателот на холандската Гасуни, Пол Ван Гелдер, потпишаа меморандум за разбирање за стратешка соработка. Како што соопшти Гаспром, документот ги дефинира основните правци на заедничките дејности на европскиот пазар на гас. Конкретно предвидува идно зајакнување на соработката на двете компании во областа на развојот на инфраструктурата за транспорт на гас, вклучувајќи и проширување на гасоводот Северен тек, преработка на гас и производи на течен нафтен гас.

Брисел – ЕУ ја изведе Британија пред највисокиот европски суд поради прописите за социјална помош, обвинувајќи го Обединетото кралство дека на илјадници граѓани на таа ЕУ кои живеат во таа земја, им го ускратува правото на социјална помош, што Лондон го негира. Европската комисија соопшти, дека по двегодишните преговори, не е решен конфликтот околу британските прописи, кои од граѓаните на ЕУ бараат да поминат посебни тестови за да имаат пристап на многу бенефиции, вклучувајќи ги и тие за невработените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП