22 мај, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕБерово - од анонимно градче до туристички адут на Балканот(фото)

Берово – од анонимно градче до туристички адут на Балканот(фото)

Сместено во источниот дел на Македонија, во Малешевската котлина, со површина од 595 км., гордо се издига малото градче Берово. Навидум, тоа со ништо не се разликува од другите мали места во земјава, но со првата средба со домаќините, веќе се гради впечатокот за Берово и за Малешевијата, а со запознавање на природните раритети, богатото културно и историско наследство, се открива тајната која привлекува илјадници посетители годишно токму овде во ова мало граче на Истокот.

Богатство од букови, борови, дабови шуми го одредиле и неговото име Малеш – планина, а општинскиот центар Берово и селските населби се сместени на периферијата на котлината. Но, и легендите за тоа како Берово го добило своето име привлекуваат внимание. Според првата легенда, името го добило по некој сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар, а според втората верзија која е поверојатна, името Берово произлегло од тоа што луѓето се береле (се собирале) на тоа место. Се поставува прашањето од каде се берело населението. Па, од старите населби во месноста Туртела, Селца, Рибница, Раздоло, Клепало, Добри Лаки и други, а подоцна и од другите малешевски села. Вака почнува да се гради приказната за Берово која е надополнета со несекојдневната убавина на Беровското Езеро и вредноста на традицијата која љубоморно се негува и нуди во форма на алтернативниот туризам. Пред повеќе од 10 години, ретко кој веруваше дека Берово ќе го оствари својот сон, да порасне во сакана туристичка дестинација.

Туризмот како стратешки приоритет на Берово

Како најбрзорастечка гранка и потенцијал за одржлив развој и еден од столбовите за развој на општината е туризмот кој претставува стратешки приоритет. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски потенцира дека потенцијалите за развој на туризмот ги дале основите, но Општината интензивно работи на проекти кои се од огромно значење за граѓаните и имиџот на Берово како туристичка дестинација.

– Еден од големите проекти е „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Берово“. Со овој проект се подобри системот за отпадни води во кој беа вклучени и атмосферските во градот Берово. Исто така, целосно се реконструираа осум улици со комплетно нов асфалт на кои се работеше атмосферската канализација. На локалитетот во туристичката населба Беровско Езеро во тек е изгредба на филтер- станица за вода и систем за водоснабдување. За таа намена ќе се градат повеќе објекти: пумпна станица, потисен цевковод, фабрика за преработка на вода за пиење, пумпна станица и резервор со пречистителна станица за снабдување на населбата со вода за пиење. Овој проект е финансиран од Европската Унија, во партнерство со општина Сандански, истакнува Пекевски.

Проектот предвидува и развивање на мобилна апликација за Андроид и ИОС, како и поставување дигитален информативен пункт. Главна цел е развивање и имплементација на интерактивна мобилна апликација и веб-сајт со дата-база од локалните туристички атракции, креирање алатки за собирање информации поврзани со разни локални настани, атракции и места за посета.

– Покрај тоа веќе се завршени продолжувањето на колекторот и изградба на секундарна мрежа со семејни приклучоци во населбата. На тоа се надополнува и Урбанистичкиот план за туристичката населба согласно со кој се реализраат сите инфраструктурни проекти. Изработена техничка документација за пешачка патека околу Беровско езеро со пропратни содржини од места за одмор, видиковци, клупи, канти за отпад, табли, знаци и патокази, потенцира Пекевски.

Секоја инвестиција е приход за самата општина на директен или индиректен начин. Од градбата на објектот, до данокот на имот и туристичката такаса која на крајот ја плаќаат гостите. Туризмот е гранка во која на најдиректен начин и на повеќе основи се остварува приход.

– Во овој сектор граѓаните се вклучени со приходи на семејниот буџет, производителите на храна, сувенири и ракотворби, исто така, учествуваат во придобивките од развојот на туристичката гранка. Кога мислам на приход на општината, мислам и на приходот на сите граѓани во општината со што, пак, тие можат понатаму да вложуваат, инвестираат и да ги плаќаат обврските, а има случаи и кога тоа претставува и начин на обезбедување приход како единствен извор со што си обезбедуваат самовработување, односно семеен бизнис. На мое лично задоволство има најави за изградба на неколку поголеми објекти, проширување на постојните капацитети на познатите хотелски комплекси и завршување на веќе започнатите кои, пак, ќе значат и можност за вработување, истакнува Пекевски.

Категоризирани туристичките капацитети

Берово е меѓу првите кое врши категоризација на сместувачките капацитети, што значи и подобра промција на општината, сигурност за гостите, како и унифицирање на понудата.

– Не е помалку значајно и тоа што имаме евиденција и статистика за бројот на ноќевања и контрола врз стандардите за сместување, но и редовно собирањето на туристичката такса. Во моментот се категоризирани 45 објекти со околу 500 легла во кои не спаѓаат хотелските капацитетите на правните лица за кои немаме законска надлежност како локална самоуправа. Ме радува фактот што граѓаните значително ги подобрија условите и нудат пристојни услови за престој, а неколку објекти се на високо завидно ниво со стандарди на развиените европски земји. Ќе продолжиме и понатаму и уште посилно во соработка со сите граѓани кои имаат услови за сместување на гости. Со категоризацијата сакаме да обезбедиме понуда согласно со стандардите и да ги вклучиме во целокупната промиција на Општина Берово за привлекување на повеќе гости и туристи, вели Пекевски.

Културни настани за повеќе гости

Сепак, освен инфраструктурата, организирањето на културни настани се дел о стратегијата на Берово за привлекување повеќе гости.

– Покрај потенцијалите со кои располага Млешевијата, пред сѐ прекрасната природа, чистиот и здрав воздух со најголема концентрација на кислород, здравата храна, богатството од шумски плодови и лековити треви, локалните специјалитети наделеку познати по својот квалитет успешно се организираат и настани за привлекување на туристите. Овде е краневалот „Ратевски бамбурци“ кој од локален обичај постар од 2000 години, порасна во Малешевски карневал и кој прераснува во туристичка атракција. Традицијата за избор на најцврсто јајце „качор“ од локален обичај, прерасна во организиран настан за време на велигденските празници кога најголем број од иселените жители се враќаат во родниот крај, а на тоа се придаваат и сѐ поголемиот број туристи кои ги користат продолжените празници за престој во туристичките капацитети. Во летниот период се организираат главните настани преку Летна култура за Берово, каде најзначајни се „Владимирски илинденски средби“, фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче“ и најголемиот настан „Етно плоштад фестивал“ во август во пресрет на христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица, кога Берово е центар на голем број концерти и други културни настани, како што е и саемот на домашни произвдои и ракотворби „Малешевијата на дланка“ вели Пекевски.

Подобрување на инфраструктурата за подобар имиџ на Берово

Најмногу енергија Берово и во идниот период ќе посвети на инфраструктурните проекти. Целта е да се подобри сликата и условите во Берово и туристичките населби.

– Ќе продолжиме со подобрување на основните услови, како што се подобрување на водоводната и канализационата мрежа со проширување и надградба во туристичката населба Беровско Езеро, подобрување на сообраќајната мрежа, подобрување на пешачките и велосипедски патеки, сигнализацијата и урбаната опрема. Уредување на пешачката зона збогатена со рекреативни содржини на кејот од река Брегалница и поставување опрема во централното градско подрачје се, исто така, активнстите кои ќе овозможат подобри услови во општината. Нашите планови се насочени и кон подобрување на уличното осветлување преку енергетски ефикасни светилки. Значајна ќе биде и поддршката од централната власт со реконструкција на патниот правец до преминот Клепало со Р. Бугарија и негово побрзо отворање, истакнува Пекевски.

Во соработка со општините Пехчево и Делчево, преку Прогамата за зачувување на природата, Берово повторно ќе го отвора туристичкото биро.

– Целта е да се обезбеди еден интегриран пристап и вмрежување на сите локални чинители во понудата и промоцијата на регионот. Со отварањето на бирото ќе се доближиме до туристичките работници и уште поважно до туристите. Мислам дека ако сакаме подобра туристичка понуда оваа е еден од основните, ако не и прв чекор кон остварување на целите. Туристичкиот информативен пунк ќе биде соодветно опремен со медиа дисплеј, промотивни материјали, информации за природните потенцијали, можноста за прошетка, локални сувенири и произведувачите на здрава храна и традиционални прозиводи. Идејата е оваа туристичка точка да биде двигател на туристичкиот развој во Берово кој има огромен потенцијал и сѐ уште не го достигнал својот зенит, рече Пекевски.

Малешевската приказна се раскажува надалеку. Овде доаѓаат гости од сите страни на светот. Најредовни се Холанѓаните, Израелците, Бугарите, но и гости од Америка, Англија, Америка. Сите тие сакаат да ја доживеат малешевската приказна. Општина Берово последниве десет години интензивно работи на промоција на Малешевијата, но и на исполнување на обврската и кон гостите и кон инвеститорите во туристичките капацитети, за квалитетни услови за развој на туризмот во Берово.

Д.Т.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП