9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – Хрватското електростопанство ХЕП го раскина договорот за кредитирање на изградбата на хидроелектраната Омбла со Европската банка за обнова и развој ЕБРД. Се работи за 132,2 милиони евра вреден кредит кој е договорен уште во 2011 година, а со кој требаше да се финансира околу 80 отсто од вкупната вредност на проектот, пренесе Вечерњи лист. Во ХЕП договорниот раскин на договорот со ЕБРД го образложија со мерката за предустрожност пред најавената дополнителна процедура за усогласување на проектот на ХЕ Омбла со важечката хрватска законска регулатива, како и со желбата да се намалат финансиските трошоци кои ги предизвикува неискористениот кредит.

Виена – Околу 1,2 милијарди луѓе што е скоро колку популацијата на Индија нема пристап до електрична енергија, а 2,8 милијарди луѓе користат дрво или биомаса за готвење и затоплување на своите домови, наведено е во извештајот на Светска банка. Обновливите извори на енергија чинат 18 отсто од глобалниот енергетски микс, а најголема заштеда на енергија и најголема експанзија на обновливи извори се случува во Кина, се додава во извештајот на СБ. Ова се само некои од откритијата на единствениот извештај кој го подготвија експерти од 15 енергетски агенции предводени од СБ. Извештајот е прв во низата за следење на напредокот кон остварување на целите на програмата под името Одржлива енергија за сите, која во 2011 година ја покрена генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Подгорица – На бирото за труд во Црна Гора моментално се пријавени 31.541 лице, а стапката на невработеност изнесува 13,56 отсто, соопшти Заводот за вработување. Најголемата стапка на невработеност во Црна Гора од 32,7 отсто забележана е во јули 2000, додека најниската од 10,1 отсто регистрирана е во август 2009 година.

Москва – Русија на Србија ќе и одобри кредит за купување на оружје и воена техника, вклучувајќи и шест ловци МИГ-29 М2, објавено е во Москва. Прелиминарните преговори за набавка на борбени авиони за српските вооружени сили се одржани во текот на средбата на двајцата министри за одбрана на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Сергеј Шојгу, во Москва на 23-24 мај. Радиото Глас на Русија извести дека испораката на МИГ-29 М2 практично може да се изврши веднаш по потпишувањето на договорот меѓу двете земји.

Њујорк – Економистите, инвеститорите и деловните луѓе постепено почнаа да губат доверба во Латинска Америка, поради бавниот раст на стопанството на земјите од тој регион. Намалената цена на суровините и силните валути нанесоа огромна штета на земјите на Латинска Америка, кои не успеаја да се диверзификуваат и да станат многу поконкурентни, пишува њујоршката агенција Блумберг. Пет земји во тој регион со највисок инвестициски степен, кои се магнети за странскиот капитал, забележаа раст под очекувањата или покажуваат знаци на слабост. БДП на Мексико, според истражувањето на Блумберг, бил под очекувањата, додека економистите кои оваа недела ги анкетираше централната банка на Бразил ја намалија прогнозата за раст на бразилското стопанство за 2013 година, втор пат во последната недела, прогнозирајќи најлош годишен период во последната деценија.

Париз – Акционерите на француската телекомуникациска компанија Франс Телеком одобрија промена на името на групацијата во Оранж, за да се истакне развојот на новиот модел на работење и да се подобри визуелниот идентитет на меѓународниот пазар. Како што пренесе францускиот весник Капитал, менаџментот на компанијата, чии 13,5 отсто капитал ги поседува државата, веќе над една година го подготвува пазарот за промена на името, така што официјалната понуда на групацијата, во продавниците и на сајтот, веќе се одвива под новиот бренд. Промената на името официјално ќе се усвои на 1 јули оваа година.

Франкфурт – Кредитирањето на домаќинствата во еврозоната повторно е намалено во април, бидејќи должничката криза продолжува да ја гуши побарувачката за кредити, соопшти Европската централна банка ЕЦБ. Обемот на кредитите кои банките во еврозоната ги одобрија на домаќинствата е намален во април, на годишно ниво, за 0,7 отсто по мартовскиот пад од 0,7 отсто, наведено е во соопштението на ЕЦБ.

Париз – По двегодишна стагнација, француската економија во 2013 година ќе биде во блага рецесија, а во 2014 се очекува незначително зајакнување. Стапката на невработеност ќе продолжи да расте, а францускиот општествен производ ќе падне за 0,3 отсто, проценува Организацијата за економска соработка и развој ОЕЦД. Во претходната студија објавена во март се очекува раст од 0,1 отсто. Врз основ на ревидираните прогнози, јавниот дефицит треба да изнесува 4,0 отсто од БДП оваа година, а 3,5 отсто во 2014, додека јавниот долг ќе изнесува 94,5 отсто од БДП во 2013 година, т.е. 97,2 отсто следната година.

Мадрид – Рецесијата во Шпанија ќе продолжи и во вториот квартал, иако стапката на невработеност која веќе е рекордно висока ќе расте со побавно темпо, соопшти Банката на Шпанија. – Ограничените информации од вториот квартал укажуваат на понатамошен пад на БДП, но со некои знаци на зајакнување на домашната побарувачка – оцени банката. Сломот на пазарот за недвижнини од 2008 година, четвртата економија по големина во еврозоната ја бутна во длабока рецесија, која однесе милиони работни места и ги остави банките преплавени со лоши кредити.

Загреб – Индустриското производство во Хрватска во април оваа година падна за 0,5 отсто на годишно ниво, што е послаб податок од очекуваното. Хрватскиот Државен завод за статистика објави дека според десезонираните податоци, индустриското производство во април падна за 1,5 отсто во однос на претходниот месец, додека во однос на април минатата година е помало за 0,5 отсто. Тоа е послабо од очекуваното. Четири макроекономисти кои учествуваа во анкетата на Хина, оценуваа во просек дека во април индустриското производство ќе порасне за 1,8 отсто во однос на истиот месец лани.

Берлин – Инфлацијата во Германија, најголемо европско стопанство, забрза во мај во однос на две и пол годишниот минимум забележан претходниот месец, сооопшти Сојузниот завод за статистика, Дестатис. Во соопштението се наведува дека трошоците за живот во Германија овој месец пораснале за 1,5 отсто на годишно ниво, во споредба со растот од 1,2 отсто од април. Минатомесечната стапка на инфлација од 1,2 отсто е најниска од август 2010 година. На месечно ниво, индексот на потрошувачките цени ЦПИ во мај пораснал за 0,4 отсто во однос на април.

Токио – Претседателите на руската нафтена компанија Росњефт Игор Сечин и на јапонската корпорација Инпекс Тосиаки Китамура во Токио потпишаа протокол за проширена соработка во експлоатација на нафтата. Предмет на соработка се проектот Магадан 2 и Магадан 3, наоѓалишта во крајбрежјето на Охотско море во Магаданската област, на длабочина од 200 метри. Резервите на нафта на тие наоѓалишта се проценуваат на 3,4 милијарди барели, што одговара на тригодишните потреби на Јапонија. Истражувањата на таа локација можат да почнат во 2017 година, а експлоатацијата кон средината на 2020 година.

Прага – Чешка според се судејќи нема да го воведе еврото пред 2019 година, рече гувернерот на Чешката народна банка Мирослав Сингер. Новата влада, која ќе биде основана по парламентарните избори идната година, ќе поднесе барање за влез во монетарната унија дури во 2016 година, смета тој. Во случај ако бидат избрани сили кои се борат за побрзо пристапување на еврозоната, реално е да поднесат барање дури во 2016 година, така најблизок датум за влез во еврозоната е 2019 година, рече Сингер на финансиската конференција во Прага.

Лајпциг – Владата на Република Србија и на Сојузна Република Германија потпишаа во Лајпциг Договор за превоз на патници и стока во меѓународниот патен сообраќај. Договорот во име на Владата на Србија го потпиша амбасадорот на Србија во Германија, Иво Висковиќ, додека германската страна ја претставуваа сојузниот министер за сообраќај Петер Рамзауер и амбасадорот при МИП СРН Јерг Ранау, сооштено е од Министерството за сообраќај. Овој Договор ќе придонесе за развој на трговските и економските односи меѓу двете земји.

Киев – Од 1 мај резервите на злато во централната банка на Украина изнесуваат околу 36,1 тон, соопшти банката. – Еден од начините на кои се пополнуваат златните и девизните резерви е откуп на благородни метали од граѓаните, преку регионалните подружници на Националната банка на Украина, која има 20 годишно искуство во такви трансакции и гарантира нивна безбедност и доверливост – наведе заменичката на гувернерот на централната банка, Вира Рихависка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП