1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – По ризикот од доцнење при плаќања, поради што се отпишуваат 9,9 отсто побарувања, Хрватска е една од најлошите меѓу 29 европски земји, покажува Европскиот индекс на плаќања, претставен на семинарот на Европската комисија за кампања против доцнење при плаќање. Со 191 поен Хрватска е подобра само од Грција со 195 поени. На врвот на скалата се скандинавските земји, каде роковите за плаќања законски се регулирани последните 30 години, а прва е Финска со 125 поени.

Љубљана – Словенечката Група Горење во првото тромесечје оваа година има загуба од 4,3 милиони евра, додека во истиот период лани Горење оствари нето профит од 3,7 милиони евра, соопшти компанијата. Во првиот квартал лани Горење имаше добивка со ослободување на резервите, со што вонредните приходи на групата се зголемија на 10,4 милиони евра. Во првите три месеци оваа година вонредните приходи изнесуваа 4,4 милиони евра, од кои 1,26 милиони евра отишле на отпуштени резервации.

Копенхаген – Данската влада ја преполови прогнозата за раст на економијата за оваа година од првичните 1,2 отсто на 0,5 отсто, наведувајќи ја како причина глобалната економска неизвесност. – Големото намалување на прогнозата за растот е последица од падот на стопанската активност во последниот квартал во 2012 година – наведено е во соопштението на данското министерство за економски работи. За разлика од скандинавските соседи, Данска од избивањето на финансиската криза паѓаше и излегуваше од рецесија, а економијата на таа земја во 2012 година падна за 0,5 отсто по растот од 1,1 отсто во 2011 година.

Париз, Будимпешта – БДП на Унгарија во првите три месеци оваа година порасна за 0,7 отсто во однос на претходното тромесечје, главно благодарение на извозот и порастот на земјоделските производи. Аналитичарите за овој период предвидуваа стагнација на унгарското стопанство.

Берн – Бројот на работните часови во Швајцарија лани изнесувал 7,338 милијарди, објави швајцарскиот Федерален завод за статистика. Во однос на 2011 година бројот на работните часови е зголемен за 0,4 отсто главно поради растот на бројот на вработените за 1,5 отсто, се вели во соопштението кое го пренесе швајцарскиот весник 20 минути.

Париз, Вашингтон – Американскито гигант Гугл има намера да покрене повеќе проекти за развој на мрежи на безжичен интернет во земјите во развој, на азискиот и африканскиот континент. Со цел за лансирање на пристапот на интернет, Гугл веќе почна разговори со претставници на владите на некои земји, како што се Кенија и ЈАР, пишува француски Фигаро, повикувајќи се на Волстрит Џорнал.

Минск – Кина гради цел еден нов град во шуми во близина на белорускиот главен град Минск, кој ќе претставува отскочна даска за индустриското производство меѓу Европската унија и Русија. Белорускиот претседател Александар Лукашенко, според зборовите на кинеските и белоруските политичари, подрачјето околу меѓународниот аеродром во Минск кој е 40 пати поголем од Менхетен, го додели за развој на проектот со инвестиција во вредност од околу 5 милијарди долари, во кое ќе постојат доволно капацитети за сместување на 155.000 луѓе.

Виена – Довербата на Австријците во заедничката европска валута еврото, порасна од есента лани. Според истражувањето на Здружението за европска политика, моментално повторно 51 отсто Австријци имаат доверба во еврото, додека на друга страна 48 отсто се скептични кон еврото.

Париз – По шест месеци откако го намали кредитниот рејтинг на Франција од ААА на Аа1 со прогноза за негативна перспектива, бонитетната агенција Мудиз се огласи со оценка дека за сега нема намера да ја корегира својата претходна одлука. Во образложението на таквата одлука на американската агенција која ја пренесе весникот Монд, се наведе дека буџетската состојба како и загубата на конкурентноста на француската економија е загрижувачка. – Франција направи извесен напредок и усвои позитивни мерки како што се даночните кредити наменети за зголемување на конкурентноста или склучување на договори меѓу синдикатите и одговорните за пазарот на трудот, чии ефекти допрва треба да се согледаат – се наведува во соопштението.

Пекинг – Нето профитот на водечките индустриски компании во Кина е зголемен во април оваа година за 9,3 отсто во споредба со истиот месец лани, на 437 милијарди јуани (71,3 милијарди долари). Според податоците на кинеската Државна агенција за статистика, растот на профитот во тие фирми во март бил 5,3 отсто. Растот на профитот е зголемен благодарение на големите приходи од производството на електрична енергија и автомобили.

Пјонгјанг – Северна Кореја ја намали државната контрола над платите, што е показател за промена на политиката со цел да се зголеми продуктивноста, така што на компаниите ќе се дава поголем простор на работниците да им пружаат финансиски поттик. Во интервју за агенцијата АП, проф. на Економскиот Институт на Академијата за општествени науки во Пјонгјанг, Ри Ки Сонг, рече дека компаниите сега можат својот дел од профитот да го употребат за доделување на повисоки плати на работниците. До неодамна платите ги одредуваше државата, а новиот пристап на директорите овозможува платите на работниците да ги усогласат со нивната продуктивност.

Абу Даби – Моменталните цени на нафтата се соодветни и праведни, изјави министерот за енергетика на ОАЕ Сухаил Ал-Мазруи, пред состанокот на ОПЕК, оваа недела во Виена. Ал-Мазруи неодамнешниот пад на цената на нафтата го опиша како краткорочен феномен, кој не е предизвикан од промените на пазарите. – Сметаме дека моменталните цени се добри и праведни – рече министерот, додавајќи дека праведна цена е таа која само благо варира, гарантира враќање на големите инвестиции неопходни за да се произведува нафта и не штети на глобалниот економски раст.

Париз – Европската инвестициска банка на француската автомобилска компанија Рено и одобри кредит од 400 милиони евра за развој на новата генерација еколошки возила со развиени перформанси. Во комуникето на Европската банка, се истакнува дека новите еколошки возила ќе бидат полесни, со помали димензии, економични и прилагодени на градска средина. Првата транша помош од 300 милиони евра ќе се исплати во следните 6 месеци, а втората од 100 милиони во рок од три и пол години.

Москва – Растот на руската економија во април е забрзан на 2,6 отсто на годишно ниво, рече заменик министерот за економски развој Андреј Клепач. Во март растот на БДП беше 2 отсто, пренесе Интерфакс. На месечно ниво, БДП во април порасна за 0,1 отсто додека во март во однос на февруари стопанството порасна за 0,4 отсто.

Дамаск – Иран одобри на Сирија две транши кредитна помош од 4 милијарди долари за да помогне на земјата погодена од меѓународното ембарго, соопшти гувернерот на Централната банка на Сирија. – Иран продолжува да ја поддржува Сирија со отварање на кредитна линија од 3 милијарди долари за финансирање на потребното снабдување со нафта и нафтени деривати – се наведува во соопштението. Сирија се надева дека иранските власти ќе и одобрат и трета транша помош од 3 милијарди долари, но за тоа треба да се преговара, соопштија претставници на сиријската банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП