18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Македонија со огромни класни разлики и со висока сиромаштија

Анализа: Македонија со огромни класни разлики и со висока сиромаштија

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Македонија е на второ место по нееднаквоста на Балканот. Стапката на сиромаштија се зголемила за 0.4% за една година.

Секој петти Македонец е сиромашен!

Секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни! Стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) стапката на сиромаштија е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четиричлени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Синдикалната кошница „тежи“ 32.316 денари

За да го помине месецот август, на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.316 денари.

Од овој семеен буџет најмногу пари се трошеле за храна – 13.422 денари, а комуналните трошоци изнесувале 8.253 денари, додека за опрема за куќата и за одржување се потребни 2.199 денари. За одржување на личната хигиена се издвојувале 980 денари, а одржувањето на хигиената во домот чини 1.244 денари. Најмалку пари од семејниот буџет се издвојувале за здравјето – околу 680 денари, како и за посета на културни манифестации – околу 1.070 денари.

Минималната потрошувачка кошница ја изработува Сојузот на синдикати (ССМ). Ги изразува нужните потреби на едно семејство со кои тоа би имало минимална пристојна егзистенција, а претпоставките при пресметките велат дека ова четиричлено семејство живее во сопствен стан од 60 квадратни метри и не поседува автомобил.

Една просечна плата не е доволна да се протурка месецот

Ниту просечната плата не е доволна да се протурка месецот. Најновите податоци на ДЗС покажуваат дека таа за една година пораснала за 4% и достигнала 23.356 денари.

Растот пред се се должи на зголемувањето во секторите: уметност, забава и рекреација за 29.3%; рударство и вадење на камен за 10.5% и преработувачка индустрија за 7.9%.

Гледано по сектори, најдобро платени се работниците од финансии и осигурување, како и од снабдување со електрична енергија и гас; најслабо платени се работниците во хотелиерството, и преработувачката индустрија.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите, а најслабо  кожарите и чевларите.

Големи класни разлики и висока нееднаквост

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Ова се отсликува и во таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибиа со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.

Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.

6.9% од домовите имаат само полско WC

6.9% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 5.8% немаат када или туш, а 12.9% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува најновата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2015-та“ на ДЗС.

3.8% од семејствата немаат ни фиксен ни мобилен телефон, 0.7% немаат телевизор, 28.5% немаат компјутер, 5.4% немаат машина за перење, а 39.7% не поседуваат автомобил.

Според истата публикација македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.5 соби односно 0.9 соби по член (просечната големина на домаќинствата е 3.7 луѓе). 72.6% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 10.6% во лепенки, 16.6% во станови.

Скромна трпеза – многу леб, малку месо

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење. Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП