18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: загаден воздух зема данок во човечки животи и материјални средства

Анализа: загаден воздух зема данок во човечки животи и материјални средства

Дождот и снегот помогнаа, ПМ-10 честичките изминативе два дена се близу до нормалните граници. Сепак, проблемот останува – потребни се сериозни мерки. Во меѓувреме загаденоста ќе продолжи да го зема својот данок во човечки животи и во материјални средства.

Дождот и снегот помогнаа – ПМ-10 близу до нормалните граници

Дождот, снегот и ветерот помогнаа да се подобри состојбата. Денеска мерните станици покажуваат вредности близу до граничните кои изнесуваат 50 микрограми на кубен метар.

Во Скопје над дозволеното е единствено на мерното место кај Ректорат каде концентрацијата е 61 микрограм.

Во Кочани вредноста достигнува 55, во Битола 54, Миладиновци 50, Куманово 44 и Кичево 43.

Загаденоста има тенденција на намалување?

Загаденоста има тенденција на намалување во изминативе десет години, барем така покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во 2006-та на мерната станица во Карпош вредностите на ПМ-10 честички биле над дозволеното дури 237 дена. Во 2016-та границата била надмината „само“ 132 дена.

Слична е состојбата и на другите мерни места. Се чини  најкритични биле 2007 и 2008 година.

„Надминувањата на среднодневната гранична вредност за РМ10 во Скопје се главно во текот на зимскиот период од годината, кога поради временските услови и појавата на стабилна временска состојба, има појава на значително повисоки концентрации“ се наведува во најновата публикација на ДЗС, „Статистика на животната средина“.

Експерти: Македонија од секогаш имала проблем со загаденоста

Скопје од секогаш било загаден град но пред 30-на години тоа само го нарекувавме зимска магла, објаснува професорот на Институтот по хемија при ПМФ, Трајче Стафилов. Според него состојбата во минатото била дури и пострашна бидејќи се испуштал и сулфур диоксид кој за среќа сега речиси го нема.

„Разликата е во тоа што во тој период, поради користење мазут за загревање (најмногу топланите) кој имаше висока содржина на сулфур, концентрациите на сулфур диоксид, па и на чад, беа енормно високи. Поради преминување на користење на природен гас наместо на мазут, уделот на загадувањето на воздухот од трите главни топлани во Скопје е драстично намален. Сега концентрацијата на сулфур диоксид во воздухот во Скопје е релативно ниска, дури и во зимскиот период“ објаснува тој.

Одредено намалување на загадувањето во земјава може да се постигне и со привремени мерки, а од долгорочните ќе има многу подобрување во иднина, но треба веднаш да почнат да се применуваат. Неповолната географска положба и на градовите, особено на Скопје е главна причина за енормната загаденост, објаснува професорот Стафилов. Ова предизвикува негативни метеоролошки појави.

„Од нив најмногу е изразена температурната инверзија, која оневозможува вертикална, па и хоризонтална дистрибуција на загадувачките материи во воздухот во котлините“ вели професорот.

Потребни се итни, краткорочни и долгорочни мерки

Во својата колумна за денар.мк м-р Раде Чоловиќ предлага повеќе решенија за овој сериозен проблем. Според него како краткорочни мерки, кога концентрацијата на штетни честички во воздухот ќе е над минимално дозволената, треба веднаш:

  • Да има прекин на наставата,
  • Трудниците и хронично болните веднаш да се ослободат од работа,
  • Да се испрска маглата (кога ја има) со некое средство и таа да се претвори во дожд,
  • Да се воведе ограничување во сообраќајот како на пример пар-непар или во време од 9 до 14 часот низ градските улици да движат само такси возилата, јавен превоз, пожарна, брза помош, полиција и армија,
  • Градскиот превоз да е бесплатен за сите,
  • Достава на роба до продавници, само во период од 00 до 05 часот,
  • Да има мобилни екипи кои на лице место ќе можат да ја измерат емисијата на штетни материи во издувните гасови на возилата. Тие што ќе се над дозволеното веднаш да се исклучат од сообраќај или да платат казна од 1.000 ЕУР,
  • Да се прекинат сите градежни зафати и на станбени и деловни објекти,
  • Инспекции да се нон стоп на терен и да се проверува кој и што користи како огрев и гориво за производство.

Како долгорочни решенија тој ги предлага:

  • Гасификација, гасификација, гасификација.,
  • Да се направат топлани и граѓаните да се субвенционираат и мотивираат да се приклучат на централно греење,
  • Да се забрани увоз на возила постари од 5 години,
  • Да се подобри јавниот градски превоз,
  • Да се направат (засадат) зелени ѕидови на фасадите на зградите кои ќе го прочистуваат воздухот,
  • Ако се знае дека најголемото загадување е во Ноември и Декември да се помести зимскиот распуст или да има повеќе распусти, а да се продолжи учебната година до 1 Јули,
  • Во денови на преголема загаденост да се овозможи учениците да ја следат наставата од дома преку снимени предавања или on line во живо предавања преку интернет,
  • Да се предвиди законско решение или во колективните договори да се предвиди можност за така наречени home office односно работа од дома,
  • Mаксимално да се користи зелена (обновлива) енергија за производство на топлина и електрична енергија,
  • РЕК Битола, ТЦ Осломеј и ТЦ Неготино да користат природен гас како енергенс,
  • Електрични автобуси во јавниот градски превоз,
  • Да се субвенционира набавката и користењето на електрични автомобили,
  • Локален економски развој,
  • Да се гради плански и одговорно,
  • Во Скопје, да се прогласи 5 годишен мораториум на изградба на нови станбени згради.

Греењето најголем загадувач

Греењето е број еден загадувач – податоците на ДЗС покажуваат дека 77% од емисијата на штетни супстанции е резултат на „согорувачки процеси“. Следува „транспорт“ со 14%, производство со 6.5%, а останатите категории придонесуваат со по околу 2%.

„Евидентно е дека загадувањето на воздухот не е само локален проблем. Транспортот на загадувачките супстанции, предизвикан од атмосферските движења, може да предизвика штетни влијанија врз големи растојанија. Голем дел од загадувањето потекнува од извори оддалечени неколку илјади километри“ се заклучува во публикацијата на ДЗС „Статистика на животната средина“.

Данок во човечки животи и материјални средства

1.351 смртен случај и економска загуба од 253 милиони евра или нешто над 3% од вкупниот Бруто домашен производ – ова е цената во човечки животи и во материјални средства што Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка.

Штетните честички во просек секоја година предизвикуваат 1.351 смртен случај поради развивање на болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови, се наведува во извештајот во кој исто така се посочува и на зголемената појава на хроничен бронхитис, астма и други помалку сериозни заболувања.

Сето ова резултира со 15.200 итни интервенции и посети на лекар, 770 третмани со пролонгиран престој во болнички услови и стотици илјади пропуштени денови на работа поради боледување, како и огромни трошоци за здравствениот систем.

Според Светска Банка, 44.8% од издатоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8.5% на Битола, 8.0% на Куманово, 5.1% на Тетово, 4.8% на Велес.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП