27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Подгорица – На Бирото за труд во Црна Гора моментно се пријавени 31.895 лица, а стапката на невработеност во  држава изнесува 13,75 отсто, соопшти црногорскиот Завод за вработување. Најголема стапка на невработеност во Црна Гора од 32,7 отсто е забележано во јули 2000 година, додека најниска од 10,01 отсто била регистрирана во август 2009 година. Заводот од почетокот на годината евидентирал 4.014 нови вработени, а биле издадени 8.069 работни дозволи за странци.

Загреб – Според податоците на Хрватскиот завод за вработување, веќе со години во евиденција нема ниту еден невработен фармацевт, а се работи за дејност со почетна плата од 8.000 куни (околу 1.000 евра).

Загреб – Хрватската компанија „Дукат“, која е членка на „Лакталис групата“, во постапката за преземање на „Љубљанската млекара“ успеа да добие дополнителни 46,23 отсто од акциите, па сега нејзиниот удел во словенечката фирма достигна 96,52 проценти. „Дукат“ досега беше сопственик на 50,28 отсто од акциите на „Љубљанската млекара“, која „Лакталис“ ја купи од неколку словенечки фондови и банки за околу 20 милиони евра. Како што пренесуваат словенечките медиуми, „Дукат“ на преостанатите акционери, меѓу кои со речиси една четвртина акции беше и задругата „Млекодел“, им понудил по 8,75 евра за акција, што најголемиот дел од акционерите го прифатиле.

Љубљана – Надзорниот одбор на најголемата осигурителна куќа во Словенија „Триглав“ го смени претседателот на Управниот одбор, Матјаж Раковац, пишува љубљански „Дневник“. Словенечкиот весник, наведува дека Одборот за в.д. претседател го именувал Андреја Слапар. Според весникот, Раковец е сменет поради одржан таен состанок со членови на раководството на „Кроација осигурување“ и со лобисти на американското здружение „Патон Богс“, кое ја застапува полската осигурителна куќа ПЗУпосветен на приватизацијата на „Триглав“.

Париз – Лошото време во последните месеци во Франција неповолно влијаеше врз многу сектори, поради намалената потрошувачка и производство на некои видови стоки. Како што пренесе францускиот весник „Трибин“, производството на овошје и зеленчук доцни две до три недели, а ако набрзо „не се појави сонце“, културите во некои региони целосно ќе потфрлат. Посебно се загрижени производителите на дињи, чија цена може да скокне поради лошите временски услови, па дистрибутерите веројатно ќе се пренасочат кон набавка од Мароко или Шпанија.

Франкфурт – Суфицитот на тековниот буџет на еврозоната порасна во март на 25,9 милијарди евра во однос на 14,6 милијарди од февруари, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ). Тековниот буџет на платниот биланс, кој вклучува увоз и извоз на стоки и услуги плус два други тековни трансфери, е индикатор за солвентноста на некоја земја или регион и е клучен фактор за долгорочната доверва кај инвеститорите и трговските партнери. Во периодот март 2012-март 2013, тековниот буџет на еврозоната забележа суфицит од 155,1 милијарда евра, во споредба со суфицитот од 33,2 милијарди во претходната 12-месечен период.

Париз – Францускиот производител на автомобили „Пежо Ситроен“ (ПСА) , најдоцна во рок од една година ќе ги затвори деловните простории во предградието Медон ла Форе, а вработените ќе ги префрли во други погони, соопшти управата на компанијата. – Во тешките економски околности во кои се наоѓа компанијата, се наметнува рационализација на капацитетите, како и прилагодување на големината на просторот на бројот на вработените, соопшти компанијата. Автомобилската компанија предвидува по итна постапка да ја стави на продажба зградата во Медон ла Форе, каде моментно се сместени служби кои се занимаваат со контрола на квалитетот, инженеринг и сервисирање.

Рим – Профитот на италијанските банки значително е намален лани, а банкарските маржи се на историски минимум, соопшти италијанската банкарска асоцијација АБИ. Вкупниот профит на италијанските банки во 2012 година изнесувал милијарда евра, што е петпати помалку во однос на профитот од 2011 година, кога изнесуваше пет милијарди евра.

Торино – Италијанскиот произведитрл на камиони, земјоделска механизација и градежна опрема „Фиат Индустриал“ ја разгледува можноста за преместување на нејзиното седиште во Велика Британија, откако ќе се заврши спојувањето со нејзината американска филијала ЦНХ. Селењето на „Фиат Индустриал“ ќе претставува удар за новата италијанска Влада, која се бори јавните финансии да ги доведе во ред. Компанијата со седиште во Торино наведе дека ќе размисли за дислоцирање на седиштето во Велика Британија, бидејќи ако остане во Италија нејзините трошоци ќе се зголемат поради повисоките даноци и други законски обврски.

Лондон – Малопродажбата во Велика Британија во април е намалена за 1,3 отсто на месечно ниво, а виновник е студената пролет, соошти британската статистичка агенција. Аналитичарите очекуваа месечен раст на малопродажбата од 0,1 отсто. Малопродажбата во април на годишно ниво пораснала за 0,5 проценти, додека аналитичарите прогнозираа раст од 2,1 отсто. – Повратните информации од супермаркетите покажуваат дека студеното време влијаело на продажбата, посебно во секторот на пролетен и летен асортиман, вклучувајќи ја и скараџиската и опремата за градини, наведе агенцијата.

Токио – Централната Банка на Јапонија соопшти дека јапонската економија зајакнала благодарение на растот на побарувачката од другите земји и капацитетот на домашниот пазар, иако трговскиот дефицит во април е зголемен десетти месец по ред. Поради ова Банката на Јапонија одлучи да не ја менува стратегијата за двојно золемување на паричната маса, за да се постигне целната инфлација од два отсто и да се покрене економијата по две децении стагнација. Меѓутоа, Банката наведе дека и натаму постои високо ниво на неизвесност за перспективите на јапонското стопанство, како и дека цените се уште не покажуваат знаци на раст.

Њујорк – Американски сенатори ја обвинија највредната компанија на светот „Епл“ дека е најголем затајувач на данок, откако Сенатот на САД предочи дека технолошкиот гигант искористил многу „дупки во законот“ за да прикрие околу 44 милијарди долари, кои инаку би биле оданочени, пишува американскиот весник „Тајм“. Даночната реформа во областа на работењето ќе биде еден од најголемите приоритети на Вашингтон сега кога јавниот дефицит повеќе не го преокупира целото внимание, наведува Тајм, напоменувајќи дека американските фирми држат околу две илјади милијарди долари во странство, пред се затоа што не сакаат тие пари да ги донесат дома, каде би биле даночени по стапка од 35 отсто. Ирска, каде „Епл“ чува добар дел од парите, има даночна стапка од 12,5 отсто, иако според неопотврдени информации, американската компанија издејствувала уште пониска стапка.

Мексико Сити – Еден од најбогатите луѓе во светот, Мексиканецот Карлос Слим (73) одлучи да се повлече од тутунската индустрија во која работи над 30 години. Според соопштението објавено на интернет страната на Мексиканската берза, Слим се одлучил да ги продаде своите 20 отсто акции во компанијата „Филип Морис Мексико“ за 700 милиони долари, што, според проценките, би се случило во септември оваа година. „Филип Морис“ во 2012 година на пазарот на цигари во Мексико имал удел од 74 проценти, со годишна продажба од 34 милијарди цигари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП