7 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВинската индустрија во подем - раст на производството и извозот

Винската индустрија во подем – раст на производството и извозот

Македонија е мал потрошувач, а голем производител на вино – поголем дел од производството завршува на странските, а помал на домашниот пазар. Просечниот Македонец годишно пие 2.2 литри, а девизниот прилив од извоз достигнува 48 милиони евра. Сепак, дури и за виното проблем е името!

Просечниот Македонец годишно пие 2.2 литри вино

Од друга страна податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека Македонија произведува речиси 120 милиони литри вино. Винарските визби имаат годишно производство од 78.5 милиони наливно и 28 милиони флаширано вино, а индивидуалното односно домашното производство достигнува 13 милиони литри.

Статистичарите пресметале и дека секој полнолетен македонски граѓанин годишно пие само 2.2 литри вино и 0.9 литри ракија. Институтот за вино од Калифорнија, пак, тврди дека во земјава се пијат по дури 42 литри вино. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во земјава се пијат по 2.3 литри вино и 0.57 литри жестоки пијалаци. Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.

Извозот на вино годишно достигнува 48 милиони евра

Во Македонија има 77 регистрирани винарии. И самите признаваат дека за нив поважни се странските од домашниот пазар кој е премногу мал и кој најмногу троши домашно, неиндустриско вино и ракија.

„Извозот е наш императив. Од година во година се зголемува бројот на земји во кои извезуваме… Прво се настапува со врвните вина, а потоа како се шири понудата, се шири и на другите слоеви на пазарот“ велат во една од поголемите винарски визби.

Според ДЗС вредноста на извозот на вино достигнува речиси 48 милиони евра, а на увозот само 500 илјади.

Европската Унија засега е главната дестинација за македонското вино. Сепак, напорите на производителите се насочени кон освојување и на брзорастечките Кина, Јапонија и Русија, но и на развиените пазари во Соединетите Држави, Австралија и Канада каде потрошувачите многу поголемо внимание посветуваат на квалитетот, а не на цента.

Виното ја збогатува и туристичката понуда

Иако во Македонија речиси и да нема село каде што не се прави домашна ракија и вино, привлекувањето на туристи слабо ни оди.

Исклучок е единствено винскиот пат низ Тиквешијата, тура низ која туристите можат да ги посетат лозовите насади и подрумите на 20-тина винарски визби, да ги дегустираат различните сортни вина, да ја вкусат локалната храна и да научат нешто повеќе за одгледувањето на лозјата, правењето на вино, сервирањето и правилата за комбинирање на виното со храната.

Посетата на манастирот Свети Ѓорги во Неготино во чија близина тече лековита вода, „џаламарите“ во Сопот кои ги бркаат лошите духови од луѓето или пак приказните за градење на куќи со тули во кои ставале вино бидејќи не можеле целото да го продадат се само дел од искуствата низ кои посетителите поминуваат низ винскиот пат.

За поголема посетеност на винскиот пат, но и на другите региони во кои се прави вино неопходна е солидна инфраструктура, но и сместувачки капацитети. Од туристичките агенции велат дека имаат проблем, бидејќи во околината нема доволно легла за престој на сите заинтересирани.

Грчко или македонско вино од Македонија?

Грчко вино од Македонија, македонско вино од Вардарска долина. Вака се промовираат производите на дел од странските пазари. Грчките винарии го регистрираa географскиот регион Македонија уште пред шест – седум години, македонските пред три години ја завршија постапката за Вардарска долина. Сепак и натаму продолжува употребата на терминот „Вина од Македонија“ и произведено во Македонија.

Винските географски одредници се користат во Европската Унија за подетално да се утврди потеклото и квалитетот на производот. Италијанските дополнително се промовираат и како вина од Ломбардија, од Тоскана, од Абруза. Грчките како вина од Крит, од Егејските острови и од Македонија, а македонските го користат терминот Вардарска долина односно Vardar River Valley.

Пред шест години Атина побара од Брисел да го забрани користењето на регионот „Македонија“ на етикетите од нашите вина. Дел од производите беа повлечени од германскиот и од словенечкиот пазар, по што македонските власти отпочнаа преговори со Брисел. Скопје го брани ставот дека и двете држави имаат право да го користат регионот Македонија за промовирање на своите производи. Проблеми се уште има, но тековно се надминуваат.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП