Металуршкиот комбинат ФЕНИ постои повеќе од три децении, но речиси од неговото отворање се соочува со проблеми – од приватизација, препродажба, загадување, прекини до стечај.
Отворена претстечајна постапка
Основниот суд од Велес и официјално отпочна претстечајна постапка за ФЕНИ.
„Одредена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, забрането е одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот и забранети се исплати од сметката на должникот“ стои во одлуката на Судот.
Постапката се отвора на барање на најголемите доверители – Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка.
Долговите достигнале 60 милиони евра
Само на банките ФЕНИ им должи 40 милиони евра. Тие како најголеми доверители бараат да се изврши реорганизација – предлагаат да се изнајде сериозен инвеститор кој ќе може да ги преземе и сервисира обврските и со дополнително инвестирање да овозможи натамошно работење на комбинатот.
Сегашниот сопственик на ФЕНИ, Кунико, има неисполнети обврски од 40 милиони евра кон трите банки, како и дополнителни 20 милиони евра кон други доверители.
За привремен стечаен управник е назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар.
Синдикатот најавува протести
Синдикатот не прифаќа стечај и најави дека со штрајкови ќе ги блокира и судот и банките ако дојде до тоа.
„Ако за нас нема работа, нема да има ниту за нив“ вели синдикалниот лидер на ФЕНИ, Ѓорѓе Палитов. „Банките преку камати во последните 16 години имаат наплатено најмалку колку што е долгот во моментов, додека вработените, транспортерите и другите доверители имаа вложено и пари од сопствените џебови, и сега не можат да си ги наплатат, а камоли да си наплатат камати како банките“ објаснува тој.
Синдикатот смета дека треба да му се даде можност на бугарскиот инвеститор да ја преземе целата фабрика, според нив тоа е најприфатливо и најреално решение.
„Праксата покажува дека најлоша солуција за решавање на статусот на било која фирма е стечај. Во ФЕНИ стечајната постапка чини многу пари. Кој ќе ги обезбеди ако се знае колку пари побаруваат доверителите?Брзо завршување на стечајна постапка во Македонија е апсурд“, изјави Пеце Ристески од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР).
Владата се прогласува за ненадлежна
Од Владата уште вчера информираа дека ќе направат се за да му помогнат на комбинатот да застане на нозе, но потенцираа дека тие не се институцијата која реално е надлежна да се меша во односите меѓу приватни компании – во случајов меѓу ФЕНИ, банките и другите доверители.
„Наша цел е да се зачува фабриката, долговите да се исплатат, луѓето да останат на работа; но не можеме директно да се мешаме“ изјави вчера на брифингот со новинарите вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Инаку токму една од компаниите на вицепремиерот Кочо Анѓушев, Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС), е меѓу доверителите на ФЕНИ, но тој негираше дека и тие барале блокирање на сметките на комбинатот.
Сомнеж за малверзации
Од Владата информираат и дека изминативе две недели во ФЕНИ влегле Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, кои ги истражувале случувањата во комбинатот.
„Ќе кажам само дека ФЕНИ нема дадено завршна сметка. Некој тоа го толерирал… За сè што не е почитувано и за секое прекршување на законите ќе бидат поведени соодветни постапки“ рече вицепремиерот Анѓушев.
Раководството на фабриката е недостапно за коментар на состојбите. Со нив контакт не успеале да воспостават ниту претставниците од Владата, кои ги побарале за заедно со банките да ја престават состојбата во комбинатот.
Дали ќе се изјалови договорот со Бугарите?
Со недели се шпекулира дека спас за ФЕНИ ќе биде бугарски ЕНКОД. Иако првичните информации беа дека се е готово, договорот може да се изјалови.
ЕНКОД на 20 октомври објави дека го превзема комбинатот и долгот и ги задржува сите вработени.
Сепак, банките кои се најголеми доверители не постигнаа согласност со Бугарите по што беше отпочната и претстечајната постапка.
Според банкарите ЕНКОД не ги исполнила преземените обврски кон вработените и се уште нема постигнато согласност со нив за регулирање на обврските на комбинатот а веќе се претставува како сопственик. Платата за септември што им беше исплатен на вработените дошла од позајмица од друга фирма.
Денеска преку соопштение ЕНКОД најави дека официјалните преговори за преземање ќе ги започнат денеска заедно со експертска анализа, за да се изготви план за ревитализација на фабриката. Потврдуваат дека имале неофицијални средби со кредиторите но тие не ги прифатиле предлозите.
Бугарската компанија веќе е присутна на македонскиот пазар од минатата година кога формирала фирма за трговија со електрична енергија што е и нејзина главна дејност во матичната држава. ЕНКОД врши и други трансакции на територијата на Бугарија,како извоз, увоз и транзит на електрична енергија.
Во април годинава Регулаторната комисија за енергетика,и дала лиценца на компанијата со бугарски капитал за снабдување со електрична енергија за период од 10 години, односно до 2027.
Промени во управната структура
ЕНЕКОД веќе направи измени во менаџментот и ФЕНИ има нов извршен директор, Рајчо Алјошев Коцаров од Бугарија кој доаѓа на оваа функција на местото на Никола Ризов од Кавадарци.
Од управувачката структура е тргнат и Јусуф Миракхмедов од Узбекистан кој беше главен извршен директор на кавадаречкиот комбинат.
Во исто време Фани Антимова од Бугарија е назначена за Претседател на Одборот на директори, а Манол Емилов Чакаров исто така од Бугарија е назначен за неизвршен член на Одборот на директори.
Од Одборот на директори на комбинатот се тргнати Џереми Неадс од Холандија, Бобирјон Фозилов од Узбекистан и Херве Понцин од Белгија, кои досега беа неизвршни членови.
Кратка историја на ФЕНИ – повеќе прекини, помалку работа
Ако се погледне историјатот на ФЕНИ излегува дека комбинатот почесто не работел отколку што работел.
Првите испитувања на теренот за присуство на фероникел започнале во 1974-та, 5 години подоцна започнала и изградбата на комбинатот кој бил свечено отворен во 1983-та.
Сепак, само една година подоцна производството целосно запрело и продолжило дури во 1991-та кога била формирана ФЕНИМАК, компанија во државна сопственост со приватни акции.
Во 2000-та почнува потрагата по нов сопственик, а наредната година металуршкиот комбинат е целосно приватизиран по што било рестартирано производството на фероникел во форма на инготи.
Во 2004-та почнува увоз на руда од Азија со што се зголемува капацитетот на производство.
Следната година ФЕНИ Индустри станува дел од Групацијата Кунико која изгради линија за гранулација и започнува со производство на фероникел гранули.
ФЕНИ поседува две линии со ротациони печки и две правоаголни електро – печки кои се најголеми од тој вид во светот. Има 849 вработени и годишно производството до 20,000 тони годишно.
Основниот производ на ФЕНИ е никел металот во форма на фероникел, што е легура која содржи приближно 20% никел и 80% железо, која се произведува со топење и рафинација на разни никлоносни руди кои содржат од 0.9% до 2.2% никел и од 15% до 40% железо. Бидејќи фероникелот е основна суровина за производство на нер’ѓосувачки челик, се извезува во челичарници ширум светот.
К. Н.