3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата во минус - бизнисот бара помош

Индустријата во минус – бизнисот бара помош

Индустриското производство се намалило за 5.3% во август годинава во споредба со истиот месец лани.

Според податоците на Државната статистика најголем пад има преработувачката индустрија, дури 8%. Производството на дрвни преработки било помало за 25.8%, на облека за 25.3%, на хемикалии за 24.5%, на транспортна опрема за 19.9%, на мебел за 9.7%, на храна за 8.5%. Единствено во позитива било производството на пијалаци кое пораснало за 22.1% и на неметали за 4.8%.

Индустриското производство тоне од почетокот на годината, со исклучок на мај и јуни кога беше во позитива. Гледано по месеци, јануари заврши со -2.6%, февруари со -1.3%, март со -0.9%, април со -1.9%, мај со +9.2%, јуни со +4.0%, јули со -2.2%, август со -5.3%.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека допрва ќе се анализираат овие бројки.

„Потребни се дополнителни анализи, но мислам дека до крајот на годината ние ќе видиме раст на економијата во Република Македонија кога ќе почнат да се применуваат и новите мерки. Државата во пролетните месеци имаше сериозни политички предизвици кои сериозно се одразија и на економијата во овој период. Очекувам до крајот на годината да имаме раст“ рече вицепремиерот Анѓушев.

Од друга страна гувернерот на НБРМ повеќе не е оптимист – би бил среќен ако оваа година ја завршиме со позитивен економски раст, вели Димитар Богов.

„Нашите превидувања од април за економски раст од 2,5 проценти очигледно беа премногу оптимистички. Политичката криза предизвика поголем пад отколку што првично сметавме… Доколку имаме целосна политичка стабилност и економски политики од новата Влада, можеме да очекуваме растот постепено да се врати на трендот што го имавме пред да западнеме во политичката криза во 2015 година“ рече минатата недела гувернерот во интервју за агенцијата Ројтерс.

И Народната Банка забележа забавување на економијата. Активностите на банките во првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани биле помали за 1.6% – компаниите се помалку бараат и се потешко добиваат кредити.

Бизнисмените, пак, подолго апелираат – на економијата и е неопходна сериозна поддршка која треба да биде насочена пред се кон производствените компании. Но, пред се е потребно да се направи анализа која ќе прерасне во стратегија.

„Треба пошироко да се разгледаат можностите. Да не се споредуваме со другите земји каде и има драстично поголема поддршка. Не може исти мерки да се спроведуваат за целото стопанство, треба да бидат насочени особено кон производствените гранки“ вели Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.

Со новите мерки кои ги планира Владата ќе се стимулираат главно големите трговско и услужно ориентирани фирми кои се финансиски моќни и сами да инвестираат. Текстилниот кластер веќе некое време бараат ослободување од придонеси, односно да плаќаат само половина за да можат да им ги зголемат платите на работниците. Вака мака мачат да најдат соодветен кадар.

„Само големите фирми ги исполнуваат сите услови за да добијат државна помош. За текстилните фабрики, но и другите средни и мали фирми ќе предложиме посебен пакет економски мерки, бидејќи вака нема да можеме речиси за ништо да аплицираме“ објаснува Перковска.

Инаку во првото полугодие вкупните економски активности се намалија за 0.9%. Првиот квартал заврши со 0% односно со стагнација, а вториот со пад од 1.8% пред се како резултат на драстично помалите активности во градежништвото за 6.3% односно за 17.3%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП