7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМеѓународен детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“

Меѓународен детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“

Младинското културно уметничко друштво „Цветан Димов“ од Скопје годинава по 22 пат, од 23 до 27 ноември 2017 година, со играорци на детски ансамбли од Република Македонија и од странство ќе го организира меѓународниот детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“.

Фестивалот има единствена цел да ги прикаже убавините на фолклорните традиции претставени од детски ансамбли од Република Македонија и детски ансамбли кои гостуваат од Европа.

На одржаните фестивали досега учествувале над 3.000 играорци и се одржани околу 100 настапи пред публика.

Организаторот на меѓународниот детски фестивал „Од цвет на цвет со оро и песна“, кој првпат е организиран во 1995 година, води посебна грижа за учесниците и кани детски ансамбли кои негуваат изворен фолклор и секогаш има свои учесници од селските средини на Р. Македонија кои нудат изобилство на обичаи, носии и автентични ора.

Фестивалот е препознатлив по големото фолклорно дефиле на сите учесници коешто се одржува низ улиците на општина Карпош. Во рамките на фестивалот се одржуваат и два настапа во основни општински училишта со цел учениците да се запознаат со убавите танци, прекрасните колоритни носии и со фолклорни традиции кои ги негуваат земјите од Европа .

Квалитетните настапи на ансамблите го прават фестивалот атрактивен и секогаш многу посетен од публика. Годинава организаторите очекуваат ансамбли од Република Полска, Република Турција, Република Бугарија и Република Србија. Фестивалот секоја година е поддржан од Општина Карпош, од Град Скопје и од Министерството за култура.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП